Грозоморен масакр
Како може да се објасни масакрот што го направи 20-годишен Белгиец во една градинка во гратчето Дендермонд? Особено откако се утврди дека не избегал од психијатриска клиника, ниту, пак, бил под дејство на алкохол или наркотици? Па уште и без никаква грижа на совест го признал делото, но не ги објаснил мотивите за монструозниот чин?
Белгија не е Америка, каде што често се случуваат слични злосторства кои, меѓу другото, ја потврдуваат општествената асоцијалност и деструкцијата. Таа е земја на сочувани колективни и индивидуални вредности (индивидуалитет), во која граѓанската свест и совест, конкретно општествената заштита е многу поразвиена. Сепак, и таа е дел од западната „цивилизација“.
Веста го згрози целиот свет:
Непознат човек вчера уби две деца и едно возрасно лице во напад со нож во градинка во белгискиот град Дердемонд, 30- тина километри северозападно од Брисел. Во моментот на нападот се наоѓале 18 деца под 3 години, како и 6 негувателки.
Убиени се две деца, како и еден работник во градинката, а уште најмалку 8 деца се тешко повредени. Убиецот избегал со велосипед, но полицијата, која во текот на потерата користела и хеликоптер, брзо го уапсила.
Според изјавите на вработени во градинката, лицето на напаѓачот било премачкано со бела боја, со црни кругови околу очите, слично на Џокер од филмот „Бетмен“, а никој од нив не го препознал.
Напаѓачот влегол со објаснување дека треба нешто да праша. Се качил на спратот и прво влегол во собата каде што спиеле децата, извадил нож и почнал да ги прободува, а потоа отишол во друга додека вработените се обидувале да го запрат.
Министерот за внатрешни работи на Белгија Гвидо де Пад изјави дека убиецот околу 11 часот и 30 минути седнал на велосипед и избегал од местото на злосторството, а полицијата го стасала и го совладала во супермаркет во блискиот град Лебек.
Лена Ду Боис, портпарол на регионалната фламанска Влада, изјави дека никој не можел да замисли дека некој може да направи такво злосторство.
„Луѓето се шокирани, стојат на улица и не веруваат“.
Пронајдено е и оружјето со кое е извршено делото – нож со должина од околу 30 сантиметри.
Во меѓувреме е утврдено дека невиденото злосторство го направил 20- годишниот Ким Де Гелдер, кој е во притвор. Во текот на испитувањето кај истражниот судија неколку пати се насмеал. Иако се претпоставуваше дека е во прашање психички болен, белгиската полиција демантира дека се лечел во психијатриска болница. Освен ножот со кој ги сторил убиствата, тој во себе имал уште еден нож и ливче со име на друга градинка, каде што најверојатно планирал да го стори истото.
Потврдено е дека 10 деца се сериозно ранети, како и две возрасни лица. Сите се оперирани. Сшоред изјавите на лекарите, неколку ранети се унаказени, па биле подложени на пластични операции.
„Мислев дека вакви работи се случуваат само на филм или во Америка, а не во вакво мало место каде што сите се познаваат еден со друг“, изјави Серж де Плекер, жител на Дендермонд.
Во меѓувреме, младиот Белгиец е осомничен за уште едно неодамнешно убиство, досега необјаснето, на 70 -годишна старица. Нејзиното безживотно тело, избодено со нож, е пронајдено на 16 -ти јануари во нејзиниот дом во Беверен, близу до Антверпен. Нејзиниот сопруг, кој се наоѓал кај соседот, е ослободен од вина, а кражба е отфрлена како евентуален мотив на злосторството. Според станицатаVRT, форензичарите откриле траги кои укажуваат на Де Гелдер.
Медиумите потсетуваат дека Белгија нема историја на масовни убиства, ако се изземе случајот на тинејџерот кој во 2006- та година во Антверпен уби двајца случајни минувачи, а потоа пукаше во својата глава кога полицијата се обиде да го уапси.
Сепак, вистинска реткост во Белгија е да се види дете на улица без придружба на возрасни, пред се поради опасност дека можат да станат жртви на педофили или трговци со луѓе.
Нормално за западната односно европската „цивилизација“ чии „вредности“ некритички и забрзано ги прифаќаме.






