Во Македонија „политичка пролет“ среде зима!
Во најава на два настана е констатирана „политичка пролет“, но со сомнежи дека таа не е можна среде зима. И двата се однесуваат на претстојните претседателски и локални избори, а „симболиката“ е всушност оптимизам дека предизборната клима гарантира оти (конечно) во Република Македонија ќе бидат организирани регуларни, фер и демократски избори, но и стравување или сомнеж дека е тоа така, па и најава дека ќе се случат некои „репризи“.
Несомнено е дека во овој момент и едното и другото се во „игра“, па чуденката во насловот можеби нема оправдување. Тоа најлесно може да се разбере од загриженоста и работата на „теренот“ на „меѓународниот фактор“, но и од мобилноста на актерите- власта (Владата) и политичките партии (кај некои принудена?). Засега, со право, најангажиран е еврокомесарот Ерван Фуере, некои дипломати од „главните“ земји- членки на ЕУ.
„Сеопшта“ порака е дека изборите ќе бидат најголемиот и, многу веројатно, последен испит на зрелоста на политичкиот плурализам.
Од кој зависи, пред се, опстојувањето на сегашните „елити“ на македонската политичка сцена. Со други зборови, доколку не биде „положен“, последиците за „полагачите“ ќе бидат големи. Најголемиот број од нив ќе бидат маргинализирани, па и „избришани“, а забрзано ќе се работи на нејзина целосна „реконструкција“.
За чудо, последново како да не го разбираат некои од „главните“ во опозицијата (засега искажани како „дунстери“ во политиката), па тврдат дека не е точно оти во земјава имаме „политичка пролет“ среде зима, се сомневаат дека претстојните избори ќе бидат фер и демократски со што како да се обидуваат однапред да се амнестираат од сопствена одговорност.
Првиот настан е трибината „Вредностите на политичкиот плурализам“, што ја организираа Институтот за демократија „Фридрих Еберт“, која позабележливо соработува со ВМРО- ДПМНЕ, и Фондацијата „Конрад Аденауер“, која во изминатиот период како да е „понаклонета“ кон СДСМ. Во дебатата учествуваа претставници на Владата, опозицијата, на помали политички партии, како и албанските претседателски кандидати од редовите на ДУИ и Нова демократија. Не е јасно зошто немаше претставник од владејачката ВМРО- ДПМНЕ, бидејќи нема, ниту може да има причина за тоа (игнорирање на собирот, незаинтересираност или нешто друго).
Главната порака, упатена токму од страна на Ерван Фуере, е дека политичките партии и институциите мора да овозможат мирни, фер и демократски избори. На тој начин на светот ќе му биде упатена порака оти земјава има демократски капацитет за тоа.
Анри Боне, од фондацијата „Конрад Аденауер“, потсети на она што би требало да го знае секој политичар, да биде во основата на секоја демократска политичка партија: дека изборите се најдобар знак оти политичкиот плурализам постои. А Фуере „докажа“ дека начинот на кој предизборните кампањи ќе бидат водени, како и однесувањето на лидерите, ќе биде важно за состојбата на политичкиот плурализам.
Некои коментатори тоа го симплифицираа со флоскулата „политички дијалог“, иако одамна, заедно со политичарите (секоја чест на исклучоците), покажаа дека не разбираат што е тоа, односно не ја знаат неговата суштина (расправа не на политички „лути непријатели“, туку на опоненти; најмалку делба на власта која се „конкретизира“ со „консултација и договор“ на позицијата и опозицијата!). „Инспирирани“ од реченото на трибината, се прашуваат дали претстојните локални и претседателски избори ќе одговорат на прашањето има ли во Македонија вистински политички дијалог?!
Нормално и очекувано, дека во Република Македонија владее „политичка пролет“, а изборите ќе поминат во најдобар ред, тврди Владата. Нема сомнеж дека таа е и допрва ќе биде максимално ангажирана, со сите свои „ресурси“, тоа да го докаже. Смета дека претстојните избори ќе бидат натпревар на идеи, натпревар со концепти, што ќе овозможи широк спектар на можности за гласачкото тело.
Изјава на вицепремиерот Ивица Боцевски:
„Убеден сум дека, имајќи го предвид значењето на претстојните избори за Република Македонија, како секогаш кога сме соочени со предизвици, ќе успееме да собереме доволно сили за силен политички консензус и повторно скромно да ги натфрлиме очекувањата“.
Од неговата дискусија го издвојувам и следниов став:
“Пред неколку години постоеја монолози на политичари, но сега доцниме со дебати преку медиумите, меѓу политичари, дебати со сопствениците на медиуми и други организации“.
Тој смета дека треба да се овозможи поширок спектар на идеи пренесени преку медиумите, за да не ни се случува медиумско едноумие.
В. Д. лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и овојпат докажа дека нема капацитет ниту за просечен политичар, а камо ли за лидер на „најголема“ опозициона партија. Она што го искажа на трибината уште еднаш потврди дека не ги познава ниту „азбуките“ на позиционерскиот и опозиционерскиот политички говор.
„Од политичкиот плурализам има придобивки кои не знаеме да ги искористиме. Гласовите на граѓаните ни даваат моќ. Без разлика кој во какви односи влегува на овие избори, дали како опозиционер или власт, мора да сноси одговорност. Сакаме сите да вбризгаме едно чувство, и кај граѓаните и кај самите нас, дека ќе бидат изборите фер и демократски. Но, морам да кажам дека прво тоа чувство јас сакам да го споделам со сите, но до крај, и не сум сигурен“.
Значи, сите мораат да сносат одговорност, сите сакаат да „вбризгаат чувство“ дека изборите ќе бидат фер и демократски, ама тој не е „сигурен“. За да биде, веројатно некој треба да му го „вбризга“. Зашто во спротивно, проблематично е како тој и неговата партија, со „невбризгано чувство“, ќе ја водат предизборната кампања и ќе учествуваат на изборите. Вака „несигурни“…
Зачудува изјавата на „превејаниот“ Тито Петковски, претседателот на НСДП: дека не гледа оти има политички плурализам во Македонија! Имено, според него, политичките партии кај нас се однесуваат конјуктурно, со тоа што десно ориентирана партија добива избори со типично социјал- демократски идеи. Смета дека македонските политичари ги менуваат идеите кои ги застапуваат само за да стигнат до власт.
Би требало, ако може и знае, да објасни каква врска има политичкиот плурализам со менувањето на идеите за да се стигне до власт. Зарем не е доволно што тие постојат (самиот ги наведува), без оглед кој како и за која цел ги користи? Што е со современата дезиологизација на идеололгијата? (Пример: која е идеолошката разлика на демократите и републиканците во САД?) А и ако прифатиме дека нема политички плурализам, чувствува ли лична вина поради тоа?
Претставниците на албанскиот блок политички партии ја истакнаа важноста на Охридскиот рамковен договор, како пресвртница во Македонија за заживување на политичкиот плурализам (што претставува ступидарија од мошне „висок степен“). Притоа забележуваат на динамиката со која тој се имплементира.
Имер Селмани, лидерот на „Нова демократија“, констатира, по којзнае кој пат и не само тој, една состојба која никако да се надмине, а е или треба да биде суштинска за политичкиот плурализам во Република Македонија: дека македонските политички партии се се уште етнички поделени, што не е предуслов за добар дијалог, а уште помалку можност за појава на мешани партии.
Лилјана Поповска, лидер на партијата ДОМ,
посочи на еден мошне важен „аспект“ на политичкиот дијалог, а кој неговите симплификатори воопшто не го „третираат“: во Македонија постои политички дијалог, како што тоа го прави нејзината партија, и тоа преку организирање на јавни трибини на одредени теми.
Вториот настан е промоцијата на кампањата против семејно гласање и гласање во име на друг „Мојот глас- Моја одлука“, проект на Центарот за истражување и креирање на политики и Женската граѓанска иницијатива АНТИКО. Ќе се реализира во првата, втората и шестата изборна единица, средини со мнозинско албанско и ромско население во кои е најзастапен овој проблем.
Тоа е секако еден од најгорливите изборни проблеми во Република Македонија (претставува кривично дело, но за кое досега никој не одговарал). Може да се рече дека досега бил главната „иницијална каписла“ за изборни инциденти, но пред се најлесна „форма“ за „режирање“ на нефер и недемократски избори (прекршувањата во предизборната кампања се „подготвителна фаза“). Затоа оваа кампања заслужува целосна поддршка, а особено директно вклучување на медиумите (зошто не заедничка медиумска кампања).
Освен семејството, односно патријархалниот менталитет- како ќе гласа „главата“ на семејството така да гласаат и другите, фактори што имаат влијание врз оваа појава се државните институции, ДИК, избирачките одбори, а најмногу политичките партии, смета менаџерката на проектот Сања Костовска:
„На самите политички партии често пати им е во прилог семејното гласање и гласањето во име на друг. За жал, досега не се почувствува подготвеност од политичките партии за спречување на овој проблем, поради тоа што очигледно на политичките партии им е помило да си го осигураат местото на изборите, отколку изборите да поминат чисто“.
АНТИКО и Центарот за истражување и креирање на политики, изработуваат анализа за појасен пристап кон ова прашање. Резултатите ќе бидат презентирани на 9- ти февруари во Скопје. Кампањата ќе трае до почетокот на предизборните активности.






