Чевли како куршуми
Една вест за настан на „високо ниво“ проследена со ТВ снимка го обиколи светот и предизвика најчесто „забавно- хумористични“ реакции. Малкумина се обидоа да го протолкуваат и оценат како обид за атентат (претерано?) или израз на револт поради погрешна, поточно погубна политика на агресија, насилство, војна, илјадници мртви, модерен колонијализам (во името на глобализмот):
На конференција за новинарите на ирачкиот премиер Нурија ал- Малики и неговиот гостин, американскиот претседател Џорџ Буш, што се одржа во Багдад, еден ирачки новинар го нарече Буш „пес“ и го гаѓаше со своите чевли.

Американскиот претседател пристигна во ненајавена посета на Ирак, веројатно последна за време на својот втор претседателски мандат кој му истекува следниот месец, за да разговара со својот ирачки колега Џалал Талабани и премиерот Нури ал- Малики. Како што истакна Белата куќа, тој сакал да се види со ирачкото раководство, да им се заблагодари на американски војници ангажирани во Ирак и да ја прослави новата безбедносна спогодба помеѓу двете земји. Се работи за 4- та посета на претседателот Буш на Ирак, по почетокот на војната во 2003- та.
Слично како и претседателот, само ден порано, во ненајавена посета на Ирак пристигна и американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс, кој на војниците им рече дека воената мисија на САД во Ирак е „во завршница“, но Америка има намера да го засили своето присуство во Авганистан. Во текот на разговорот со обичните војници, Гејтс изнел детали од планот на новоизбраниот претседател Барак Обама за намалување на американското ангажирање во Ирак, објаснувајќи дека тоа претставува „значајна измена на мисијата“. Да потсетам, Обама вети дека ќе ги повлече американските трупи од Ирак во рок од 16 месеци, додека САД неодамна потпишаа договор со Ирак кој предвидува повлекување до 2011- та година. Гејтс навести дека американските војници ќе ги напуштат градовите и населените области во Ирак до 30- ти јуни, што е само месец дена пред да биде спроведен референдум за спомнатиот договор. Тоа е моментот кога сите 18 ирачки покраини ќе бидат предадени под ирачка контрола, а ирачките војници постепенио се повеќе ќе го преземаат товарот на чување на безбедноста.
Како знак дека безбедноста во Багдад е загарантирана, Џорџ Буш беше пречекан со свечена церемонија на меѓународниот аеродром.


На прес конференцијата новинарот стана и му довикна на Буш на арапски:
„Ова е проштален бакнеж од ирачкиот народ, песу!“, пред да ги фрли чевлите кон него.
Буш инстинктивно се наведна, па првиот чевел прелета над неговата глава и удри во ѕидот зад него. Кога полета вториот, Малики направи гест како да сака да ја фати. Буш се насмевна како да не му е пријатно, а Малики изгледаше напнато. Потоа тој порокоментира спокојно „Тоа не ми пречи“ и ги повика присутните да седнат и да продолжат со конференцијата. Во шега изјавил дека единственото нешто што го видел било дека чевелот бил со големина 44.
Припадниците на безбедносните служби брзо го соборија новинарот кој даваше отпор и викаше и го извлекоа од канцеларијата на ирачкиот премиер, јавија агенциите. Тие го задржале на испитување, а бил подложен и на тест на дрога и алкохол.
Интересни се реакциите по инцидентот:
Ирачката ТВ станица Ал Багдадија повика на итно ослободување на репортерот, а илјадници Ирачани излегоа на улиците на ирачките градови со исто барање. Други ирачки новинари се извинија во името на колегата Мунтазир ал-Заиди, од телевизиската станица Ал Багдадија, која емитува програма од Каиро.
Една либиска добротворна организација, на чие чело е ќерката на либискиот претседател Моамер Гадафи, на ирачкиот новинар му додели награда за храброст.
„Организацијата „Ва Атасиму“ одлучи на новинарот Мунтазир ал- Заиди да му додели награда за храброст, зашто она што го направи претставува победа на човековите права ширум светот“, соопшти организацијата со која претседава Ајшја Гадафи, по професија правник и остар критичар на американските акции во Ирак, пренесе агенцијата Ројтерс.
Настанот добива сериозна „димензија“ ако се има предвид дека во арапската култура фрлањето на чевли е знак на големо непочитување. Известувачите потсетија дека тој чин е симболичен, зашто Ирачаните фрлаа чевли и со нив ја удираа статуата на Садам Хусеин во Багдад, откако тој беше симнат од власт во англо- американската интервенција во 2003- та година.
На конференцијата Џорџ Буш изјави:
„Јас сум овде да ја поддржам спогодбата за безбедност и повлекување на американската војска, како и да потсетам на нашето пријателство и подготвеност да тргнеме натаму. Помошта на народот на Ирак, создавањето на слободно општество и нашата борба не беа лесни, но беа неопходни за сигурноста на американскиот и ирачкиот народ, како и за мирот во целиот свет“, потенцира тој, додавајќи дека војната во Ирак се уште не е завршена.
Во воената интервенција во Ирак, во изминатитре 6 години, учествуваа околу 40.000 американски војници (во овој момент ги има околу 150.000). Повеќе од 4.200 се убиени, вклучувајќи и други службеници во американсската војска. Загинаа десетици илјади жители на таа земја.
Патем и нешто најново од светот на компојутерските игри, непосредно поврзано со настанот:
Моментот кога ирачкиот новинар го гаѓа со чевел Буш е овековечен во онлајн компјутерска игра. Како што пренесе „Дејли Телеграф“, оној што сака да ја одигра игратa “Bush’s Boot Camp” ја презема улогата на агент на обезбедувањето кој има задача да ги „убие“ сите чевли што летаат во правец на Џорџ Буш.
Инаку, снимката на настанот е прегледана повеќе од 500.000 пати на сајтот „Ju tjub“, а компјутерската игра, која е направена со молневита брзина и поставена на Интернет, исто така има се поголема популарност.
„Доколку внимателно ја погледнете видео снимката, можете да видите дека агентите на обезбедувањето не се помрднуваат се додека во правецот на Џорџ Буш не полета и вториот чевел“, истакна Сади Чисти, директор на компанијата „T-Enterprise“ од Глазгов, која ја направила играта. Тој додаде дека се надева оти на агентите ќе им биде корисна бидејќи ќе можат да ги тренираат рефлексите за да бидат што подобри во работите на обезбедување на светските лидери.
Некои коментатори (М. Лазански) истакнуваат дека, и покрај сите можни мерки на ирачките и американските тајни служби, покрај агентите со невидливи слушалки во увото, со сите можни комуникациски системи, авакси, GPS, J-star, беспилотни летала, инфрацрвена техника, некој манијак од новинар потегнал еден па друг свој чевел врз американскиот претседател:
„Рачен лансер на чевли. А претходно, се разбира, чевлите му се прегледани, но кој би се сетил дека новинарот во историјата може да влезе и преку чевли. Не е за Пулицер, ама е за паметење“.
Кусо објаснение на воведот на овој текст:
Според своето основно значење, атентат е секој противправен напад на живот, имот или нечија чест. Едновремено, тој претставува злосторство, конкретно обид за убиство. Постои еден латински израз- attentata crimina, што значи извршени обиди или неизвршени злосторства.
Чинам дека изразот на револт не е спорен, па следствено овој, освен за ирачкиот народ за другите (или мнозинството) „несериозен“, „забавен“ чин е всушност атентат или обид за атентат врз Буш, наречен „проштален бакнеж на ирачкиот народ од песот“.






