Норвежанките старо- нови европски ракометни првенки
Оние што континуирано и „експертски“ го следат европскиот и светскиот женски ракомет воопшто не се изненадени од редоследот на селекциите на „скалата на Европа“. Дури и второто место на Шпанија, односно нејзиниот пласман во финалето за нив е очекуван, а за третото на Русија единствен виновник е селекторот Евгениј Трефилов кој во решавачкиот меч за освојување на еден од медалите против Германија „чудно“ тактизираше- ги изостави од тимот можеби двете најдобри ракометарки. (Во реваншот за бронзениот медал Русинките победата ја обезбедија лесно и сигурно.)
Македонските ракометарки го постигнаа најголемиот успех досега. Но и тој не е неочекуван, иако надежите беа многу поскромни. Напротив, можат да жалат што не „отидоа“ многу погоре ако се има предвид просечната, шаблонизирана, неинвентивна игра на Швеѓанките (од нив загубија само со еден гол разика).
Никакво изненадување не е ниту оценката за добрата организација на првенството, а уште помалку слабата посетеност на натпреварите.Но, да одиме по ред.
Иако на почетокот, во првите натпревари тешко излегуваше на крај со своите противници, Норвешка без поголеми напори по четврти пат стана европскиот шампион (трет пат едно по друго). Впрочем, тоа е својствено за големи репрезентации, дел од стратегијата која доследно се „конкретизираше“ во „соодветна“ тактика на секој натпревар. Да не заборавиме дека оваа селекција е и олимписки шампион од последните ОИ во Пекинг. За успехот е секако најзаслужна селекторката Маит Бревик, која со години ја предводи селекцијата. Со неа досега освои се што можеше и е несомнено најуспешниот селектор на женска репрезентација на светот. Меѓутоа, никако не треба да се потценат заслугите на оние што „војуваа“ на теренот, пред се ракометарките кои со право беа избрани и во Ол Стар тимот на шампионатот: голманот Кетрин Лунде Харалдсен (најзаслужна што титулата е освоена без ниеден пораз, а само со еден нерешен резултат), Тоње Ларсен, Кристине Лунде, Кристин Лин Ригелхит (најдобар стрелец на првенството со 51 постигнат гол).
Шпанските ракометарки за многумина се најголемо изненадување во завршницата на Европското првенство. Меѓутоа, ако се погледнат нивните резултати во последниве неколку години на меѓународните натпреварувања, и клупски и репрезентативни, високиот пласман (можеби не во финалето) можеше да се очекува. Се разбира, во средбата со Норвешка беа успешни колку што имаа сила против тимот од „најврвот“- само во првите 30 минути (полувреме 13:12 за Норвешка). Во вториот дел немаа сили и задоволни се му препуштија на противникот, дури да победи и со неочекувано висок резултат 34:21 (13 гола разлика).
Светскиот првак Русија се „утеши“ со бронзениот медал, откако ја совлада Германија во малото финале со 24:21. Реванширајќи се за поразот од главната рунда, кога неочекувано, дури чудно загубија убедливо (22:27). И „обичните“ љубители на ракометот (како мојата дребност) и експертите ја забележаа тактичката грешка на селекторот- токму на тој решавачки меч, за борбата за медали, да ги „одмора“ двете од најдобрите- Ирина Полтроцкаjа и Елена Поленова. Некои коментираа дека неговата намера била во полуфиналето да ги „добие“ Норвежанките. Не е веројатно бидејќи одмерувањето на силите со фаворитот (и очекуван европски првак) во таков момент е по малку и „налудничаво“. Што ќе рече дека повеќе станува збор за тактичка грешка отколку намера. Она што мора да се потенцира е дека руската селекција е во фаза на подмладување односно подготовка за следното Светско првенство, па освојувањето на бронзениот медал за овој тим е можеби и по малку неочекуван успех.
Македонската репрезентација постигна одличен резултат, најдобар на сите досегашните европски првенства. Го освои 7- то место со триумф над Белорусија од 29: 24, односно со три победи на финалниот турнир (во дуелите со Хрватска, Србија и Белорусија). Загубија од Германија, Русија и Шведска. Реален рзултат, можеше и повеќе, но најважно е дека тој е уште еден доказ оти ракометот (и машкиот) е со години на ред најуспешен македонски колективен спорт (фудбалот не му е ниту „до колена“). Нашите ракометарки заслужуваат честитки, особено на борбеноста, но и на покажаната квалитетна игра. Она што ги „оддалечува“ од европскиот и светскиот трон, а тешко дека е можно да се надмине во краток период, е недоволен број на ракометарки со еднаков квалитет (два тима)- услов за финални турнири во кои се играат натпревари дури секој ден (па товарот е „нерамноправен“ во однос на другите селекции).
Успехот на Македонија е поголем и посогледлив ако се има предвид конечниот редослед на годинашниов европски шампионат:

1. Норвешка, 2. Шпанија, 3. Русија, 4. Германија, 5. Романија, 6. Хрватска, 7. Македонија, 8. Шведска, 9. Унгарија, 10.Украина, 11. Данска, 12. Белорусија, 13. Србија, 14.Франција, 15. Австрија, 16. Португалија.
Идеалниот состав на Европското првенство:
Голман: Катрине Лунде Харалдсен (Норвешка)
Лево крило: Валентина Елисеи-Ардеан (Романија)
Лев бек: Тоње Ларсен (Норвешка)
Среден бек: Кристине Лунде (Норвешка)
Пикер: Бегоња Фернандез (Шпанија)
Десен бек: Грит Јурак (Германија)
Десно крило: Лин Кристин Ригелут (Норвешка)
Најдобар играч: Кристине Лунде (Норвешка)
Најдобар стрелец: Лин Кристин Ригелут (Норвешка)
Најдобар дефанзивец: Надежда Муравјева (Русија).
Титулата МВП на првенството ја понеше норвешката ракометарка Кристин Лунде.
Резултати и пласман:
Финале: Норвешка – Шпанија 34:21 (13:12).
За трето место: Русија – Германија 24:21 (17:11).
Полуфинале: Шпанија – Германија 32:29 (12:13), Норвешка – Русија 24:18 (12:7).
За петто место: Романија – Хрватска 36:33 (29:29, 12:14).
Некои забележаа на слабата посетеност на натпреварите на ЕП (освен на натпреварите на македонската селекција). Причината треба да се бара во две објективни „нешта“:
Најнапред, високите цени на влезниците кои сигурно не би биле прифатливи ниту за развиените западноевропските држави (за полуфиналето 100 евра). Своевиден куриозитет е и незадоволството на функционери од Европската ракометна федерација, а мошне „илустративен“ пример е финалниот натпревар Норвешка- Шпанија: неколку часа пред големото финале на непродадените влезници цената им се спушти од 150 на само 10 евра, само за да се наполни салата.
Втората причина за слабата посетеност на натпреварите и во Скопје и во Охрид беше речиси никаква промоција на финалниот турнир и кај нас и во странство, иако станува збор за најголем спортски настан воопшто одржан во нашава земја. Целосната вина за тоа мора да ја понесат челниците на Ракометната федерација. (Белким не мислеа дека тоа ќе го прави Владата која даде гаранции за успешна организација. Таа можеше да „се сети“ ЕП да го искористи за медиумска промоција на земјава во светот на бизнисот, особено инвестирањето во туризмот). Пример: за разлика до Македонија, Хрватска, која е организатор на Светското првенство во ракомет во јануари следната година, во Скопје се претстави како домаќин на овој голем спортски настан, а земјата ќе биде промовирана во сите земји- учеснички.
Забележани се и некои „ситни нешта“:
Освен салата „Борис Трајковски“, втор ракометен „скопски“ центар во изминатите две недели беше и хотелот Континентал. Србинките се жалеа дека хотелот бил како „коњска штала“ (мошне навредливо, заедно со истапот на српскиот селектор на кој не вреди да се задржувам; доволно е што најверојатно ќе биде казнет од ЕХФ), но другите беа задоволни.
Најинтересна беше данската новинарска приказна дека во Македонија имало „само црно- бели телевизори“ и затоа нивната репрезентација носела само бели дресови. (Забелешките на некои дански ракометарки дека во Скопје гледаат „само беда и питачи“ не заслужуваат никакво внимание- ги игнорирам не како навреда, ниту како некултура, туку како израз на високо ниво на глупост и примитивизам.) Веројатно токму тие се виновни за слабиот пласман- дури на 11-тото место. Ако малку се потруделе, да се прошетале низ продавниците за бела техника, веројатно ќе пронашле и „некој“ во боја, па на ЕП можеби ќе посигнеа подобар резултат.
Во секој случај, Република Македонија доби високи пофалби за организацијата на првенството:
„Имавме некои потешкотии за време на првенството, но ги надминувавме во од заедно со Ракометната федерација на Македонија и со делегациите на земјите- учеснички, кои покажаа крајно добра волја и кооперативност на тој план. Работите се решаваа во од и благодарение на големиот број волонтери, а би сакал да му се заблагодарам и лично на господинот Михајловски за речиси секојдневното присуство“, изјави потпретседателот на ЕХФ, Жан Брио.
Претседателот Тор Лиан и генералниот секретар Михаел Видерер, пак, се задржаа само на натпреварувачкиот аспект. Лиан рече дека ова натпреварување било празник на ракометот, а Видерер ја потенцира Шпанија како пример дека за кратко време може да се стигне до самиот европски врв.
ЕП во Македонија го пренесуваа 35 ТВ-станици, сликата одеше во 58 земји, а интернет- страницата на првенството забележа над 1,6 милиони посети, секоја од нив во траење од 6 минути во просек, од што се посебно задоволни во ЕХФ.
Важно за македонската ракометна репрезентација: за да учествува на 6- тото Светско првенство, што ќе се одржи идната година во Кина, Македонија ќе треба да ја победи Австрија во јунскиот бараж. Таа заврши претпоследна на Евро-шампионатот и е според желбите во нашата селекција.






