Невалидна и несериозна листа на сериозен неделник
Вообичаено, на крајот од секоја година или порано медиуми и институции и организации кои го испитуваат- истражуваат јавното мислење прават најразлични листи; на најпопуларни, најзначајни, највлијателни личности, на најважни, бизарни настани…Притоа најмногу се потенцира нивната валидност (на пример репрезентативен примерок на испитаници) и сериозноста односно објективноста (консултација на релевантни фактори, компетентни, авторитетни луѓе и сл.)
Несфатливо е и непримерно она што го направи угледниот неделник „Њусвик“: список на највлијателни луѓе на светот во 2008- ма во кој на многумина не им е местото според ниеден критериум. Има ли и која е заднината на тој потег знае само уредништвото, но неговите читатели коментираат, негодуваат, дури ја исмеваат.
Според „Њусвик“, највлијателен човек на светот е новоизбраниот претседател на САД Барак Обама! Човекот кој уште не влегол во Белата куќа, уште не го почнал својот претседателски мандат, а се што годинава направи е успешната предизборна кампања која нема никакво „моментно“ влијание во светот, туку (можеби) перспективно.
Ако ваквиот „гаф“ (дали е тоа?) може да се протолкува единствено како додворување на неделникот (можеби и „нешто“ повеќе), уште понесфатлив е изборот на вториот и третиот највлијателен: претседателот на Кина Ху Џинтао и францускиот лидер Никола Саркози. Имено, „највлијателното“ на Џинтао е сигурно „покровителството“ на ОИ 2008 во Пекинг, а, пак, на Саркози „бескрвното“ претседателствување со ЕУ (освен „мешањето“ во руско- грузискиот конфликт) и, можеби „нај“ (но никако не светско), се што е поврзано со неговата нова сопруга Карла Бруни.
Помеѓу 10- темина највлијателни се и „економското трио“- шефот на Федералните резерви на САД Бен Бернанке, раководителот на Европската централна банка Жан Клод Трисе и шефот на Банката на Јапонија Масааки Сиракава (?!). 7- то и 8- то место им припаднаа на британскиот премиер Гордон Браун и канцеларката на Германија Ангела Меркел (многу повлијателна од повеќемина пред неа). Сигурно највлијателниот на планетата годинава, Владимир Путин, е дури на 9- тото место, а 10- тото го „освоил“ кралот на Саудиска Арабија Абдулах ибн Абдел Азиз Ал Сауд. Интересно, во друштвото на познати политичари, економисти и други „легални“ моќници се најде и „терористот број еден“, Осама бин Ладен, и тоа на 49- тото место.
Ако листата на „Њусвик“ е тотално промашување, онаа на магазинот „Венити фер“, објавена на почетокот од септември, е нешто сосема друго. Лесно може да се претпостават критериумите, а најважните се и „наредени“: богатството и влијанието, неопипливите вредности како што се визијата, филантропијата и факторот икс.
Листата на 100- мина највлијателни луѓе на светот, кои магазинот ги нарекува нов естаблишмент, за првпат ја предводи Владимир Путин. Рускиот премиер, кој годинава, меѓу другото, предизвика меѓународна криза и ги разгневи САД и ЕУ со воената интервенција во Јужна Осетија, го замени на првото место Руперт Мардок. Треба да се наспомне дека Путин за првпат воопшто се наје на оваа листа, за која „Венити фер“ вели дека претставува глобален, променлив собир на мислители, сопственици, творци и купувачи кои го формираат вкусот, ги одредуваат трендовите, ги формираат мислењата и ги утврдуваат програмите во светот на политиката, забавата, медиумите, бизнисот, технологиите и модата.
Освен Мардок (втор), на листата помеѓу првите 10- мина се Сергеј Брин, Лари Пејџ и Ерик Шмит, „Гугл“ (трето место), потоа како четврти Стив Џобс, „Ејпл“, „Дизни“ и „Пиксар“, па Ворен Бафет, „Беркшир Хетавеј“ (5- ти), Џеф Бесос, „Амазон“ на 6- тото, на 7- мото се најде владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, 8- ми е Роман Абрамович, „Милхаус капитал“, 9- ти Анџелина Џоли и Брет Пит, глумци и активисти, а на 10- тото борецот за еколошки цели Ал Гор.
Сепак, ако правењето на ваквите листи го прифаќаме како крајно сериозна работа, најмалку како забава- за забавување, особено кога се однесуваат на влијанието, моќта, авторитетноста и слично, тогаш како „нај“ би можеле да ја оцениме онаа на списанието „Тајм“, објавена уште на почетокот на мај годинава. Се работиу за листа на 100- мина највлијателни луѓе за 2008- ма, поделена во 5 категории.
![]()




На првото место на лидери и револуционери се најде Далај Лама, а втор е рускиот претседател Владимир Путин. Се уште актуелниот претседател на САД, Џорџ Буш, е дури на 7- мото место.
Највлијателен пар на листата на херои и пионери е, очекувано, холивудската сензација „Бранѓелина“, а водителката Опра Винфри, единствената личност која на листата се наоѓа секоја година од првото објавување, е на второто место. Помеѓу уметниците и забавувачите прв е Лорн Мајклс, продуцент на емисијата “Saturday night live”, а веднаш зад него е пејачката и глумица Мајли Сахрус (15), чии разголени фотки ја разбранија светската јавност. Дизниевата ѕвезда така стана најмладата личност кога било на оваа листа. Прва помеѓу „градителите и титаните“ е раководителот на компанијата „PepsiCo“ Индра Нуи, а на листата се и Стив Џобс („Ејпл“), бендот Radiohead, креаторот Карл Лагерфелд и други. Помеѓу научниците и мислителите прв е Мајкл Блумберг, актуелниот градоначалник на Њујорк.
На листата на „Тајм“ не се само луѓе со позитивно влијание, туку и оние кои го измениле светот во негативна смисла. На годинашиот список е Бајтулах Мехсуд, милитантниот водач поврзан со Ал- Каеда, обвинет за поттикнување на бран на самоубиствени напади, вклучувајќи го и оној во декември, кога е убиена поранешната премиерка на Пакистан Беназир Буто.
Колкава листа на највлијателни во Република Македонија би можела да се направи? Можеби некој ќе се обиде да „скрои“ барем so 5- мина.






