Најдобар спортист во Европа во 2008- ма: Рафаел Надал
Титулата најдобар на „стариот континент“ помеѓу сите спортисти, од сите спортови, е сигурно една од највредните и најласквите. За да се добие е потребно навистина многу. Не само најдобри резултати, постигања во својот спорт, туку и по нешто од сите најдобри во другите спортови. Што е, што може да биде тоа?
Што е тоа што ги определило спортските новинари од 17 национални новински агенции во Европа титулата годинава да му ја доделат токму на шпанскиот тенисер Рафаел Надал? Се разбира, сосема заслужено, но…
Можеби треба најнапред да се обидеме да го дефинираме најдобриот спортист во „својот“ спорт. Тешко? Не, ништо полесно: најдобри резултати, рекорд(и), освоени титули (европски, светски првак), најмногу први места на турнири…
Рафаел Надал во оваа 2008- ма беше неприкосновен на тениските терени ширум светот:
На Швајцарецот Роже Федерер му одзеде два трона- првото место на светската листа и Вимблдон. Триумфираше и на „Ролан Гарос“, на кој е веќе претплатен, а го освои и олимпиското злато.
Дали постигнатото е доволно за да се биде подобар од Исинбаева, Хамилтон, Роналдо…? Не верувам дека лесно би можеле да одговорат новинарите што се определија за Надал. Веројатно би се повикале на тежината на спортовите, на резултатите, можеби и вердноста на освоените први места и медали.
Кога јас би бил помеѓу нив, најмногу би инсистирал на…конкуренцијата!
Во тенисот Рафаел Надал и Србинката Јелена Јанковиќ се најдобри на светот според Меѓународната тениска федерација (ITF). Надал изминатава сезона ја заврши на првото место на ранг листата на најдобри тенисери на светот, а освен двете Грен слем титули (во „Ролан Гарос“ и на Вимблдон) и златото во Пекинг, благодарение на него шпанската репрезентација триумфираше во Дејвис купот.
Надал е првиот Шпанец кој победува во овој традиционален избор, што се организира од 1958- ма година, а титулата ја презеде од Федерер. Имено, мнозинството од европските новински агенции се определуваа за швајцарскиот ас во претходните 4 години, со тоа што во 2005- та го подели првото место со Исинбаева (претходно 3 пати последователно победуваше германскиот ас во Формула 1 Михаел Шумахер). Годинашниов е 51- ви на ред, а Надал доби 146 гласови, 20 повеќе од второпласираната Еелена Исинбаева од Русија, повеќекратната светска шампионка, двократна олимписка победничка и 24- кратна светска рекордерка во скок со мотка.
Можеби токму на Исинбаева и се прави најголемата неправда. Нејзините резултати во споредба со оние на Надал…
Стана вообичаено таа за по сантиметар да го поместува најдобриот резултат на сите времиња (на Олимписките игри во Пекинг го освои златото со 5,05, прво соборувајќи го олимпискиот рекорд со 4,95, на митингот во Рим во јуни светскиот рекорд со 5,03, па набрзо потоа во Монако со 5,04). Доби 126 гласа.

Третото место му припадна на британскиот возач во Формула 1, светскиот шампион Луис Хамилтон, со 101 глас. Четврти е португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо (91 глас), кој годинава со Манчестер јунајтед ги освои титулите европски и англиски првак. Неодамна за најдобар го прогласи и угледниот „Франс фудбал“, кој традиционално избира фудбалер на годината во Европа и му ја доделува „Златната топка“.
На 5- тото место се најде рели возачот Себастијан Лоеб (61 глас), кој пак стана светски првак. Следат британскиот велосипедист Кристијан Хој (47), олимписки победник, и шпанскиот велосипедист Алберто Контадор (36), победник на две големи трки „Ѓиро д‘ Италија“ и шпанската „Вулта“. Зад тенисерката Јелена Јанковиќ (8- ма со 27 гласа) се Италијанецот Валентино Роси (20), шампион на светот во мотоциклизам, и рускиот хокеар Александар Овечкин и британската пливачка Ребека Адлингтон (по 17 гласа).






