Милчо Манчевски: „Македонија- вечна“
Како човек, професионален новинар и творец отсекогаш сум се залагал за поддршка- стимулирање, промоција и афирмација на вредности- дела- творештво. Затоа што сметам дека создавачкото- генеричкото во човекот и од него е единствената цел, ако сакате и смисла на живеењето, на постоењето. Притоа, за разлика од многумина други промислувачи односно мислечки луѓе во минатото и денес, јас не мислам дека на тој начин се победува времето, односно се поразуваат минливоста и маргиналноста, туку вечноста како заедничка назнака на трајноста и бескрајноста се потврдува единствено во создавањето и создаденото.
Искрено, многу се израдував на најавата дека нашиот врвен творец, светски филмски режисер (но не само тоа) Милчо Манчевски ќе сними спот за Македонија со кој уште еднаш, по којзнае кој пат, на свој начин, на својот одамна препознатлив ракопис ќе потсети, одново ќе напише- препише- претстави дел од вредностите на неговата и наша татковина, со кои таа го задолжила светот за сите времиња.
Новото дело на Манчевски е готово и може да го продолжи сопствениот од во вечноста- трајноста и бескрајноста.
„Македонија – вечна“ е насловот на спотот за светската промоција на Македонија по сценарио и режија на Милчо Манчевски, што Министерството за култура го промовираше во Музејот на современа уметност. Трае една минута, а почна да се снима во октомври, на локации во Преспа, Велес, Прилеп, Крушево, Охрид, манастирот „Св. Јован Бигорски“, Кокино, Стоби, Курбиново, Конопиште, Скопје. Во него се раскажува за едно девојче кое преку волшебна сликовница патува во земјата на чудата – Македонија.
Спотот е во продукција на „Сенка филм“, финансиран од Владата и Министерството за култура со буџет од 190.000 евра.
„Најважно од сè ни беше да направиме проект по највисоки стандарди, без извинување и без оправдување, оти татковината се брани со квалитет“, изјави Манчевски.
Според премиерот Никола Груевски, овој спот е почеток на нова ера во презентацијата на државата:
„И мене ми е задоволство што Владата во наредниот период ќе ја има таа можност да ги прикаже позитивните работи што Република Македонија ги има, а ги има многу. Ние треба да бидеме горди со многу природни убавини и со многу работи што се направени со текот на времето. Навистина Македонија заслужува тоа да го види и светот“.
Веќе се започнати подготовки за изработка на уште 5 спота, од кои еден ќе биде општ, а останатите ќе бидат тематски и посветени на брендирање на македонското вино, македонската археологија, убавините на македонските цркви, манастири и џамии, а еден спот ќе биде посветен на Охрид.
Емитувањето на спотот „Македонија – вечна“ ќе почне утре на „Си-Ен-Ен“ и на „Си-Ен-Ен Интернешнл“, а ќе продолжи во други 10- тина земји на уште осум јазици.
Она што ги предизвика првичните реакции (веднаш по промоцијата) е дел од изјавата на Манчевски која, поврзана со пораката „Македонија- вечна“, е сосема погрешно разбрана: дека спотот има за цел да ја претстави Македонија како туристичка дестинација. Притоа се премолчува „дообјаснувањето“- дека се работи за „запознавање со македонското културно и природно богатство“. Треба да се има предвид и делот од изјавата на премиерот дека целта е брендирање на Македонија.
Мој став: спотот не ја промовира Македонија како туристичка дестинација (има ли таква- вечна во светот?), а ако се инсистира на тоа (за да се негираат неговите вредности), дури премолчувајќи ја „првичната“ дефиниција на ТВ спотот, а на која Манчевски постојано се „навраќа“- „подвижни слики“), тогаш се работи за културен туризам, кој подразбира промоција на дела- вредности (трајни и бескрајни) на културата, вклучувајќи ги традицијата, писмото, историјата- минатото, опстојувањето… културниот идентитет!
Веќе реагирав со свој коментар на еден домашен (македонски) блог, на кој се разви нестручна, некомпетентна, па дури, во не мала мера, и ступидна расправа. Го пренесувам во продолжение на овој напис со мали, безначајни корекции:
„Мислам дека многумина ги мешаат работите.
Прво, би требало да се знае суштинската разлика помеѓу категориите „вечност“ и „безвременост“. Спотот децидно (на крајот) ја нагласува „вечноста“ на Македонија, а не нејзината безвременост. Би можел за ова да пренесам многу знаења и сознанија, пред се од филозофијата и естетиката (мои „посебни лични“ области), но чинам дека е доволно да го пренесам „најопштото“:
Според традицоналната филозофија, вечноста е непроменива, неподвижна, „доволна“ на самата себе си, односно со сопствена „идентична сегашност“. Во тој контекст вечноста се разбира како безвременост (оттука и употребата на „Timeles“ не е мала, дури никаква грешка). Притоа, најчесто се цитира мислата на Хегел (се цитира и во „Википедија“ -таман работа да биде таму „заборавена“): „Зборот вечно е незгоден израз, зашто притоа веднаш мислиме на времето, го вплеткуваме во него, минатото и иднината како во некое бесконечно долго време; меѓутоа, станува збор за тоа дека ова вечно е она што е еднакво со самото себе, чисто сегашно, дека во него не влегува претставата за времето. Тоа е- постоењето и престанувањето се исклучени“.
Вечноста (во спотот пред се како естетски дискурс) е многу „поблиска“ до вредноста („преполна“ е со неа), и тоа како симболичен јазик на културна идентификација на единката и заедницата со татковината (тоа е нешто „многу повеќе“ од патриотизам)- јазикот, религијата, културата…
Вредноста, пак, има субјективен карактер но во „објективен контекст“. На пример, вредноста е многу „поопшта“, „поцентрална“ и „потрајна“ од ставот. Во таа смисла, се смета дека повеќе сродни ставови и поширок репертоар на однесувања е „содржина“ на вредноста.
Суштинската порака на спотот на Манчевски е вредносна презентација на Македонија: поврзани, интегрирани вредности во систем). Потенцирам уште еднаш: спотот на Манчевски не е промоција на Македонија како привлечна туристичка, туку се работи за нејзината вечност во чија основа е вредноста или, пошироко, идентитетот („Крале Марко“ не е „вистинскиот“ во спотот, туку симбол како и секоја друга секунда во него; кое е момчето што пие?-премногу е „црно“ за да ви „наличи“ на Александар Македонски!; ниту, пак, „белењето на платното“ е „Билјанино“).
Не е верно (може ли некој да тврди?) дека Манчевски во своето едноминутно „сочинение“ да не го видел рефлекторот во еден дел од секунда. Смешно е да се помисли на тоа. Напротив, воопшто не се сомневам дека е тоа „дел од еден суптилен структуралистички пристап кон делото, кон уметноста, каде што малку се насочува гледачот да го забележи суптилно и самиот процес на создавање на делото“ (негова изјава за тоа).

Што се однесува на прашањето дали кампањата ќе има некаков ефект, односно дали навистина ќе привлече странски туристи во Македонија, нема што „да видиме“ допрва бидејќи тоа не е целта. Меѓутоа, не држи ставот дека „со нејасна порака насочена кон погрешна публика, чисто се сомневам“. Напротив, пораката е многу јасна, а за публиката- дали, конректно, CNN, го гледаат „туристи“? Лично мислам најмалку тие и таквите.
За „плагијатот“ е можне да се дебатира, но е прашање кој е оригиналот на една ваква „оживеана сликовница“. На YouTube може да се погледа „Грузиска легенда“, па „од прва“ да се заклучи дека е смешно и ступидно да се тврди оти „Македонија- вечна“ е нејзин плагијат. Грузискиот спот воопшто не е сликовница туку подебела книга на легенди! (Другото нема потреба да го „редам“).
За сумата: да, „бодат очи“ 190.000 евра, ама е цинично и навредливо да се каже дека се тие „фрлени“ за еден ваков проект. Не знам, можеби таков спот реално чини максимум 40-50.000 евра, а можеби и помалку, но мислам дека не треба да се заборави на „брендот“ Манчевски, а не да се потенцира само тоа дека (не сум стручен, па прифаќам) „добар дел од спотот е монтиран од фотошопирани фотографии“.
Точно, за вкусовите не вреди (не не треба) да се зборува, но за вредностите на едно дело (естетските и не само тие) и тоа како треба. За да не помисли некој дека го „бранам“ Манчевски, нему тоа најмaлку му треба од една дребност како мојата, на крајот ќе речам дека спотот за печалбарот со пеперутката (Made in Macedonia) според мене е многу поестетски, посилен, „посуптилен структуралистички“.






