Македонија- Бугарија: „стандардни“ добрососедски односи
Што е „стандарден“ добрососедски однос помеѓу две држави? Политичарите веднаш ќе ви одговорат: кога помеѓу нив нема нерешени прашања и проблеми. Но ќе ги ставите во небрано ако им поставите додатно прашање: можете да наведете такви во овие балкански, јужноевропски, па и пшироки простори? Од друга страна, без никаков проблем, не чекајќи од нив, сами лесно можете да најдете бројни пример на „одлични“ односи помеѓу две несоседски земји, без нерешени прашања и проблеми.
Значи, одговорот на политичарите на поставеното прашање, што често го слушаме при меѓусебни средби на високо политичко ниво, не е точен. Затоа што односите помеѓу сите соседни, особено балкански држави отсекогаш биле, се и уште долго ќе бидат оптоварени со отворени и тешко решливи прашања. Најчесто поврзани со правата на малцинствата.

Односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија без никаква двојба се „стандардно“ добрососедски. А посетата на премиерот на Бугарија на земјава, Сергеј Станишев, воопшто не е „во функција“ тие да се подобрат (без оглед што на средбата претседателот Црвенковски побарал двете земји да направат напори „односите помеѓу двете земји да бидат доведени на највисоко можно ниво“). Тој е во официјална посета по повод одбележувањето на 15- годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји. (Вечерва се одржа свечен концерт во Скопје на кој присустваа двајцата премиери). Чинам дека не треба да потсетувам, но колку да го запазам „редот“: Бугарија прва ја призна Македонија под уставното име, но не и македонската нација и јазик.
Сосема друг е „третманот“ на совпаѓањето со актуелната состојба: Грција го блокира интегрирањето на земјава во НАТО и ЕУ, во Софија постојат влијателни прогрчки сили, па токму Бугарија може да даде не мал придонес на тој план. Конкретно, се работи за поддршка во укинувањето на Шенген визите, како и развој на воено- техничката и економската соработка што се во нагорна линија. Трговската размена за 10 години е зголемена за 15 пати и се приближува на една милијарда долари.
„Имаме поддршка за европските интеграции од страна на Република Бугарија, како и поддршка, којашто и денеска беше потврдена, и во делот на визната либерализација“, изјави на прес конференција Груевски.
Според Станишев, Бугарија очекува реципроцитет: кога медиумите зборуваат за поделби, институциите јасно да го искажат својот став:
„Отровните стрели истрелани од одредени политички сили и медиуми нема да ја запрат бугарската поддршка на Македонија која останува и во ЕУ и во НАТО, но и во тешки времиња како што беше во 2001- ва година“.
Тој ја повика Македонија да постигне решение со Грција во врска со долготрајниот спор околу името.
Токму прес- конференцијата беше „искористена“ за потврда на „стандардно“ добрососедските односи помеѓу двете земји, и тоа акцентирајќи го „општиот“ проблем- правата на малцинствата.
Имено, на новинарско прашање како властите во Скопје и Софија можат да помогнат да се надминат тензиите со „ОМО Илинден- Пирин“ и Здружението на Бугарите во Македонија „Радко“, кои во Стразбур ги тужат двете држави, Станишев одговори дека во Бугарија никој не се плаши од регистрацијата, префрлувајќи ја топката кај судовите кои досега регистрирале над 300 партии. Тој предвиде дека на избори „Пирин“ би добила многу малку гласови, па намерно не сака да се регистрира за да остане во центарот на вниманието.
На ова веднаш реагираше „ОМО- Илинден“. 15- годишните односи ги оцени како „топло- студени“- се движеле во крајности од голема воено- техничка помош за земјата во 2001- ва, до отворено негирање на македонската нација, која за значаен дел од бугарската политичка и интелектуална елита е дел од „најромантичната бугарска историја“.
Невладината организација не верува дека софискиот суд, кој треба да решава за регистрација на „ОМО Илинден- Пирин“ ќе донесе позитивна одлука, затоа што со тоа ќе се реши и проблемот со статусот на македонското малцинство во Бугарија.
„Мислам дека тоа е наследено од поранешниот период, кога имаше создадено цела една класа од луѓе кои буквално живееја од тоа да покажуваат дека нема македонска нација, малцинство итн. Тие луѓе се се уште насекаде во власта, и евентуалното признавање на Македонското малцинство ќе ги остави без работа. Друга причина за стравот е, бидејќи ние, сакајќи или не сакајќи, како македонско малцинство, уриваме еден од националните митови во Бугарија, а тоа е дека се што е македонско е бугарско“, изјави Стојко Стојко.
„Бугарските власти, бугарските медиуми, бугарските судови, прават се да не биде признаено македонското малцинство. Ако не признаат, де факто признаваат оти има македонско малцинство во Бугарија, конкретно во Пиринска Македонија“, вели Кирил Иванов.
Официјална Софија тврди дека со плаќањето на паричната казна, одредена од Судот за човекови права во Стразбур за одземената регистрација на „Омо-Илинден Пирин“, Бугарија ги исполнила обврските спрема меѓународните конвенции. Партијата, пак, прашува зошто бугарската Влада, и покрај соработката со неколкумина адвокати кои имале искуства со други партии, ја одбива нејзината регистрација. За нејзините членови не стојат ниту тврдењата дека Бугарија ги исполнила препораките од судот, затоа што во Стразбур се уште не е затворен предметот во кој е осудена бугарската држава, на која и се наложува партијата повторно да ја регистрира.
Два дена по изјавата на Станишев, македонскиот премиер проговори за инцидентот: тој чувствувал дека Бугарија има интерес набрзо да го реши проблемот со македонското малцинство, а регистрацијата на „ОМО Илинден- Пирин“ зависела од судовите, не од извршната власт.
Тоа го „начека“ опозициската СДСМ и без добро да се „пресмета“, како многупати досега, реагираше во најмала рака „несоодветно“: наместо да ги упати своите „стрели“ на Станишев, да побара од него објаснение, да коментира, демантира итн., го обвини Груевски оти со ниеден збор не реагирал на провокациите и навредите на бугарскиот колега, како и Министерството за надворешни работи од каде што јавно потврдија дека нема да има протесна нота до истичниот сосед. Однесувањето на Груесвки за СДСМ е „лицемерно и крајно неодговорно“. (Замислувам таква реакција на прес конференцијата: „Колега, Вие немате право, Ве молам да се корегирате…“. Смешно!)
А колку за потсетување на „заборавните рози“: на почетокот од јуни 2006- та година, за време на посетата на Скопје, Станишев изјави дека во Бугарија има 5.000 Македонци и оти проблемот со македонското малциство е проблем на судските инстанци, а не на политичките институции. Тогаш тој среде Скопје изјави дека „македонското малцинство во Бугарија му припаѓа на минатото, а Бугарија и Македонија нема да се караат поради политички интереси и лоши луѓе чија цел е да ги нарушат односите помеѓу Софија и Скопје“. Неговиот домаќин, екс премиерот Владо Бучковски ( и тогашен лидер на СДСМ), се согласил дека „маргиналци не треба да влијаат на соработката“ (?!).
Македонскиот заменик- министер за надворшени работи ја отфрли можноста Македонија како домаќин на Станишев да реагира на изјавите против „ОМО- ИлинденПирин“:
„Повторувам дека се работи за официјална посета на висок претставник на една држава, кој што доаѓа на наша покана и кој што одржува прес конференција со нашиот премиер. Може да реагира домаќинот што ја држи со него прес конференцијата“, рече Зоран Петров.
Тој со полно право забележа дека на обвинувањата на Станишев треба да реагираат медиумите и Македонците во Бугарија.
За разлика од „ОМО Илинден“, лично не забележав дека македонските медиуми се „претргнаа“ (не се ни „затргнаа“) со реакции. Барем на самата прес конференција.
Што е „стандарден“ добрососедски однос помеѓу две држави? Ги прашувам „евро- главите“ во Брисел и ги молам да го имаат предвид прашањето на малцинствата. Особено кога, како услов за евроинтегрирање, таков однос и поставуваат на Македонија со Данајската република (Грција).






