Subscribe
  • почетна
  • … моја порака

ЕУ на крстопат: ветото како уцена

декември 27, 2008 Од: Димитровски Љупчо Рубрика: In continuo

Приемот на нови членки во ЕУ станува се потежок, посложен и понеизвесен. Особено за оние кои веќе забрзано „чекорат“ кон неа или се на нејзиниот праг. Тоа не е ништо друго, освен одбрана на интересите на одделни членки или групи односно кругови, пред се на најсилните, на „елитата“, освен страв од „разводнување“ на европската заедница, но пред се веќе согледаната немоќ и неспособност на прескапата, гломазна администрација во Брисел да ги координира и реализира заедничките интереси.

Од друга страна, токму таквата „проблематизација“ или се поевидентното „затворање“ ја прави реална опасноста (прогнозата) за скорешно „самораспшутање“, „природно растурање“ на ЕУ, нејзино сведување на сегашните 4- 5 најсилни членки.

Европската унија дефинитивно не го положи „главниот испит“ по демократија, што ќе рече дека според својата суштина е недемократска заедница. Ја имам предвид мислата на Томас Вудроу Вилсон: „Суштината на демократијата се состои во тоа што интересот на секој е наедно и интерес на заедницата“. Сигурното вето на Грција против Македонија за добивање на датум за почеток на преговори за членство (ако тоа не го „одработи“, го направи непотребно со својот извештај ЕК) и ветото на Словенија против Хрватска се доволни аргументи за тоа.

Меѓутоа, за разлика од некои „премислувачки“ и квазиекспертски, лесно поткупливи и, за жал, влијателни луѓе во Македонија, кои се подготвени да ја „интегрираат“ земјава и по цена на губење на смислата на егзистенцијата, на „голиот“ опстој- националниот идентитет, Хрватска едногласно, без никаква и ничија двојба реагираше жестоко: не прифаќа никаква уцена со која приемот во ЕУ ке го плати со откажување од своја територија. Уцената е ветото на Словенија со кое таа ги блокира хрватските преговори за прием во унијата. Поради тоа Загреб и Брисел нема, како што беше најавено, да отворат нови 10-тина поглавја во преговорите.

„Значи, Љубљана е проблем на Брисел, а не на Загреб“, изјави Стипе Месиќ, претседател на Хрватска.

Словенија тврди дека во дел од поглавјата Хрватска го прејудицира клучниот проблем помеѓу двете држави- граничната линија, пред се во Пиранскиот залив, каде што таа инсистира на правото да има директен излез на меѓународните води. Во Загреб словенечкото вето се поистоветува со однесувањето на Грција спрема Македонија, поради спорот со името.

Се разбира, Словенија е свесна што прави, зошто го направи тоа, дека ветото е уцена која е во директна спротивност со суштината на демократијата, па се обидува спорот да го реши на „директен“ начин: словенечкиот премиер Борут Пахор предложи да се сретне со својот хрватски колега Иво Санадер за да најдат што е можно побрзо решение за граничниот спор.

Брисел е во мошне непријатна ситуација. Малку му е на „товар“ Данајската република (Грција) со својот недобрососедски однос спрема Македонија (нејзиниот проблем со името на Република Македонија), но и спрема Турција, најверојатно во скорешна иднина и Албанија, па сега уште еден- Словенија. Тоа и јавно- јасно загрижено го искажува.

Известувачот во Европскиот парламент за Хрватска Ханес Свобода, кој во интервју за австриските медиуми појасни дека блокадата ги пролонгира планираните рокови, veli:

„Затворањето на сите поглавја до крајот на 2009-та е сега невозможно“.

Дали Словенците во меѓувреме почнаа да се пресметуваат, поточно да се преиспитуваат? Претседателот Данило Тирк изјави дека се надева оти спорот помеѓу Словенија и Хрватска околу делот во Пиранскиот залив ќе може да се реши со дипломатија.

„Словенија не приговара на тоа што во Хрватска постојат прописи кои имаат своја територијална примена, но треба сосема јасно да се исклучи тие правни акти да се користат во постапките во кои се одлучува во делот за територии за кои сметаме дека се под наш суверенитет“, вели Тирк во интервју за белградски „Новости“.

Според него, со поупорна и повешта дипломатија овој проблем би можел да биде решен, но тоа не се случило и Словенија била принудена да ги заштити своите национални интереси.

„Решенијата кои водат кон напредок секогаш се рационални. На Балканот често пати се истакнува сопствената вистина, а се игнорираат аргументите на другата страна, се користи методот на доведување пред свршен чин. Слушнавме и аргументи дека сега ЕУ ќе ја притисне Словенија. Тоа е заблуда, тоа нема да се случи“, нагласуваТирк.

Помеѓу најзасегнатите се италијанските национални малцинства во Хрватска и Словенија. Тие бараат повторно да се воспостави довербата помеѓу двете држави. Од словенечката Влада бараат да не го запира европскиот интеграциски процес на Хрватска, а од Хрватската максимално и што побрзо да се прилагоди на стандардите на ЕУ.

А решението се чини се подалечно. Премиерот на Словенија се пофали дека во пограничниот спор со Хрватска неговата земја има се повеќе сојузници во ЕУ. Во интервју за љубљански „Дневник“ тој укажува оти тоа е последица на документите на Министерството за надворешни работи со кои Словенија од едно до друго блокирано преговарачко поглавје ги докажува случаите на прејудицирање на границата од страна на Хрватска.

Од друга страна, премиерот на Хрватска Иво Санадер нагласува дека е недопустливо да се креваат билатерални прашања на европско ниво.

„Хрватска нема да ја прејудицира границата, но нема да допуштиме некој да ни забрани донесување и изнесување на аргументи“, нагласи тој поздравувајќи ја најавата на Словенија дека ќе го ратификува протоколот за членство на Хрватска во НАТО.

А независната американска агенција за стратешки истражувања „Стратфор“ анализирала какви последици ќе имаат другите соседни земји- кандидатки за влез во ЕУ од граничниот спорт помеѓу Хрватска и Словенија. Заклучокот е дека ќе има домино ефект на идните преговори со соседните земји, па се предупредува дека тоа ќе го загрози целокупниот процес на интеграција на земјите на Западниот Балкан во ЕУ. „Стратфор“ смета дека спорот со Словенија Хрватска ќе ја охрабри да биде еднаква во барањата спрема своите балкански соседи како што е Љубљана спрема Загреб.

„На Балканот постојат многу подрачја околу кои државите на поранешна Југославија би можеле да се судрат. Да претпоставиме дека Хрватска за две години ќе стане членка на ЕУ и дека тоа ќе стане пред Србија. Во тој случај Хрватите, кога ќе дојде ред на Хрватска да се изјасни по прашањето за влез на други држави во ЕУ, мошне гласно ќе ги истакне споровите со соседните држави Србија и БиХ. Исто така, постои можност Хрватска од Србија да побара исплата на воените штети“, се вели во анализата.

Она што веќе го констатирав во овој текст кога се во прашање позицијата на Брисел и иднината на ЕУ, го заклучуваат и аналитичарите на „Стратфор“:

За интеграциите на балканските земји да течат без проблеми, потребно е тие да се случуваат симултано. Меѓутоа, таа желба на Брисел не е основана поради бирократската природа на ЕУ, како и поради различните нивоа на подготвеност на земјите кандидатки.

Интересно, во заклучокот агенцијата му порачува на Загреб дека мора да ја закопа воената секира со Словенија и да ги прифати условите на Љубљана. Се потсетува дека и Словенија при влегувањето имаше проблеми поради италијанската блокада, па поучена од тоа искуство ја блокира Хрватска која веројатно ќе ја продолжи истата практика.

За поголемо разбирање на суштината на спорот помеѓу Хрватска и Словенија ќе ни помогне Милан Брглез, раководител на катедрата за меѓународни односи на љубљанскиот факултет на политички науки. Тој едновремено изнесува и свој став што е спротивен на официјалниот на неговата земја:

За мариборскиот дневник „Вечер“ Брглез изјави дека не е можно целиот Пирански залив да биде словенечки.

„Невозможно е да се постигне целиот залив да биде словенечки ако не е словенечко и копното околу тој залив. Тоа би довело до еден необичен резултат- влегувањето од хрватска плажа во морето на заливот би значело влегување во Словенија“.

Словенечкиот политиколог го критикува ставот на словенечките премиери, сегашниот Борут Пахор и поранешниот Јанез Јанша, дека за одредување на границата на море е важна состојбата на ден 25- ти јуни 1991- ва година, кога Словенија наводно го контролирала целиот залив, притоа истакнувајќи дека со тн. Брионски договор на Јанша и Санадер и од словенечката страна е оспорен парафираниот договор Дрновшек- Рачан кој на Словенија и го гарантирал поголемиот дел од Пиранскиот залив и ексклавата која би ја поврзала преку „морскиот оџак“ со отвореното море.

Брглез смета дека сега премиерот Пахор би морал да побара начин да дојде до компромисно решение на блокадата на хрватските пристапни преговори, и тоа така што арбитражата или судот повеќе воопшто да не се спомнуваат, зашто Словенија целите од договорот Дрновшек- Рачан може да ги постигне само со билатерален договор со Хрватска.

  • Share this on Facebook
  • Tweet This!
  • Post this to MySpace
  • Share this on Technorati
  • Subscribe to the comments for this post?
  • Share this on Linkedin
  • Share this on Reddit
  • Share this on del.icio.us
  • Stumble upon something good? Share it on StumbleUpon
  • Digg this!
  • Post this on Diigo
  • Buzz up!

Comments are closed.

← Новата војна на Израел против Хамас- почеток без крај
Во 2009- та со страв и песимизам →
  • Рубрики

    • Eppur si muove (121)
    • In continuo (295)
    • Поентар (160)
    • Петта страна на светот (195)
    • Акценти (313)
    • Антрфиле (325)
    • Ретропис (224)
    • Читни го ова! (93)
    • Извлечено-Подвлечено (178)
    • Економикс (157)
  • Скорешни написи

    • Предупредување и оправдување
    • Благодатите од зачленувањето во ЕУ: Бугарија со поголем извоз од увоз
    • Можностите на светската популација
    • Црна „народно- правобранителска“ македонска 2006-та
    • Урбаната мафија ја доби битката, но се уште не и војната
    • Партизацијата на културата од вчера?
    • Во СДСМ не само лидерска криза
    • Браво за „Воинот на коњ“!
    • Има ли спас за Грција
    • Протестна манипулација
  • ПРИЈАВИ СЕ ЗА БЕСПЛАТНА WELLNESS АНАЛИЗА. ИЗМЕРИ ГО СВОЕТО ТЕЛО, ДОЗНАЈ КАКО ЛЕСНО ДО ТВОЈ WELLNESS.

    GROM RADIO

  • ВО ФОРМИРАЊЕ… !

    GPM
  • <>Oпции за редовно инфо:
  • Creative Commons License
    Овој блог со сите негови содржини и ставови изнесени од Љупчо Димитровски е лиценциран со Creative Commons Attribution-Noncommercial-No Derivative Works 2.5 Macedonia License.
  • ХРОНОМЕР

    Хроничарот на овој блог ви нуди: анализи, ставови, аргументи, на различни теми од секојдневието, со акцент на политиката и економијата.
  • Разговарај со мене, веднаш, на Skype…

    Разговарај со мене за моите ставови...ВЕДНАШ на Skype
  • Добивај newsletter од мене:

    Untitled Document
    Име:
    Email:
    Код:
     
  • РЕКЛАМА

    Вие ги почитувате професионалноста, независноста, знаењето и искуството. Заслужувате да бидете дел од нашиот бизнис круг.

    Јавете се.

  • НАПОМЕНА:

    Текстовите што не може да се „отвораат“-прочитаат (се јавуваат прашалници) континуирано се препрочитуваат и средуваат односно уредуваат од страна на авторот, а се јавуваат со датумот на нивната објава во заграда.
  • Клучни зборови

    Ѓорге Иванов Џорџ Буш Али Ахмети Атина Барак Обама Бранко Црвенковски Брисел Бугарија Бучковски ВМРО-ДПМНЕ Влада Влада на Македонија Владимир Путин Владо Бучковски Груевски Грција ДПА ДУИ Данајска република (Грција) ЕК ЕУ Караманлис Косово ММФ Македонија Метју Нимиц Милошоски Никола Груевски Нимиц ОН Оли Рен Охрид Република Македонија Русија САД СДСМ Скопје Србија Хрватска Црвенковски Шеќеринска избори нато опозиција позиција
  • Архиви

    • јули 2011 (6)
    • јуни 2011 (7)
    • мај 2011 (14)
    • април 2011 (7)
    • март 2011 (18)
    • февруари 2011 (4)
    • јануари 2011 (6)
    • февруари 2010 (12)
    • јануари 2010 (18)
    • декември 2009 (20)
    • ноември 2009 (17)
    • октомври 2009 (14)
    • септември 2009 (6)
    • август 2009 (8)
    • јули 2009 (5)
    • јуни 2009 (10)
    • мај 2009 (7)
    • април 2009 (38)
    • март 2009 (30)
    • февруари 2009 (22)
    • јануари 2009 (17)
    • декември 2008 (20)
    • ноември 2008 (24)
    • октомври 2008 (17)
    • септември 2008 (113)
    • август 2008 (111)
    • јули 2008 (40)
    • јуни 2008 (38)
    • мај 2008 (46)
    • април 2008 (48)
    • март 2008 (49)
    • февруари 2008 (20)
    • јануари 2008 (11)
    • декември 2007 (13)
    • ноември 2007 (13)
    • октомври 2007 (26)
    • септември 2007 (34)
    • август 2007 (30)
    • јули 2007 (26)
    • јуни 2007 (47)
    • мај 2007 (77)
    • април 2007 (84)
    • март 2007 (115)
    • февруари 2007 (141)
    • јануари 2007 (125)
    • декември 2006 (124)
    • ноември 2006 (85)
    • октомври 2006 (48)
    • септември 2006 (159)
    • август 2006 (87)
  • Кориснички панел

    • Најави се
    • RSS
    • Коментари RSS
    • WordPress.org
  • ПАНОПТИКУМ - Сештографија :: www.panoptikum.com.mk on Facebook

ХРОНОМЕР – ХРОНИЧАР @ ЉУПЧО ДИМИТРОВСКИ © 2006-2008 ВНИМАВАЈ: Сите права се заштитени.
Платформа: WordPress 3.3 | СтавовиКоментари.