Тутун: мачно е да се произведе, уште помачно да се продаде
Секоја година исто, само малку различно: продолжува (макотрпно) производството на македонскиот тутун, во континуитет се преземаат стимулативни мерки, особено за подобрување на квалитетот и непречен, се инсистира на редовен откуп по реални цени. Меѓутоа, сето тоа проследено со „получекори“, ветено- нереализирано, незадоволство и разочарување.
Значително порано од вообичаеното, почна годинашниот откуп на тутунот. На стартот тутунарите се незадоволни од почетните цени. Тие бараат итен состанок со Министерството за земјоделство. Не само поради цената, туку и за да им се каже каде „се испушуваат“ ветените 3 денари за секоја продажба на кутија цигари и зошто нема ништо од договараните промени во законот кои ќе овозможат зголемување на конкурентноста (откупувачи од странство). Откупните претпријатија не преговараат со вистинските тутунски здруженија, туку со Сојузот на тутунари каде што соговорници им се луѓе кои малку знаат што е производство на тутун.
Во текот на првиот откупен ден е постигната просечна откупна цена од 200 денари за килограм, што е за 60 до 70 денари повеќе одошто во последните неколку сезони. Меѓутоа, поради зголемените производствени и животни трошоци, како и исклучително добриот квалитет на годинашниов род, тутунопроизводителите не се задоволни и бараат цената во просек да изнесува барем 5 евра, односно 300 денари за килограм.
Голем дел од земјоделците се жалат и на наводно нереалната проценка на класите, како и на поткраднување при мерењето на нивното производство, поради што бараат на откупните пунктови задолжително да има претставници од здруженијата на тутунопроизводителите и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Освен „Сокомак“ од Битола, откупот на тутунот во струмичко го почнаа и „Алијанс“ од Виница и „Струмица Табак“. До крајот на сезонава во овој регион се очекува да бидат откупени околу 2.500 тони тутун, претежно од ориенталната домашна сорта „јака“. Во прилепско откупувачите треба да преземат околу 10.000 тони.
Условите за откуп се исполнети, мострите се верифицирани, а се склучени и договорите помеѓу производителите и откупувачите. Министерството проценува дека ќе бидат понудени околу 23.100 тони суров тутун, што е речиси исто како минатогодишното, а за исплата на овие количини ќе бидат потребни 50 милиони евра. Агроекспертите и производителите, пак, проценуваат дека поради долготрајната суша во текот на летото годинашниов род на тутунот потфрлил во просек од 25% до 30%, но квалитетот е многу подобар од ланскиот.
Интересен предлог на тутнарите: за да се надминат проблемите што се повторуваат секоја година, Владата да одреди едно откупно претпријатие во државна сопственост што ќе биде регулатор на откупот и ќе го откупува евентуалниот вишок.
Доколку Министерството не реагира на барањата, тутунарите најавуваат блокади на патиштата.






