Рурален развој на Македонија
„Најсветла економска точка“ на актуелната македонска Влада е секако земјоделието. Европската комисија во својот најнов извештај за напредокот на Македонија и да сакаше, колку да се трудеше, тоа не можеше да не го потенцира. Kако што и успеа да „замачка“ многу други нешта за да и удоволи на Данајската република (Атина), односно да не се најде во непријатна ситуација поради реализација на нејзината закана за вето за датум за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ. (Некои искажуваат аргументиран сомнеж дека изештајот е пишуван “под диктат“ или во „сојузничка консултација“ со Дора Бакојани.)
Република Македонија започна и реализира повеќе проекти со кои го придвижи македонското земјоделство, го доближи/го доближува до европските стандарди.
Една од најзначајните програми во реализација, која не се однесува само на земјоделието но е нејзин најзначаен сегмент, е секако програмата за рурален развој на Македонија. За неа годинава се обезбедени 300.000 евра, а се пријавиле над 600 земјоделци.
Најголем интерес тие покажале за модернизација на земјоделски објекти, за подобрување на конкурентноста, набавка на земјоделска опрема, приклучна механизација и за преработувачки капацитети.
Во тек е потпишување на договорите со што на земјоделците им се овозможува враќање на 50% од парите што ги вложиле во развојни проекти. Досега се потпишани повеќе од 300, а исплатата на парите ќе се врши по набавката на опремата или завршувањето на инвестицијата и по извршената контрола на терен од страна на Платежната агенција.
Министерството за земјоделство распиша нов оглас за распределба на државно земјоделско земјиште под закуп. Со него ќе се распределат нешто повеќе од 5.000 хектари земјиште во Кавадарци, Неготино, Радовиш, Пробиштип и Струмица. Земјоделците можат да конкурираат за површина најмногу до 10 хектари.
Меѓутоа, во рамките на програмата за рурален развој постои една област која за земјава треба да биде „приоритет над приоритетите“: руралниот туризам. Нешто се прави, се реализира, но се уште не е „тоа тоа“, особено ако се имаат предвид можностите.
Одамна е констатирано- оценето дека државата има потенцијал да го развие руралниот туризам, но стручњаците укажуваат на нешто без кое ниедна област, ниеден сегмент од севкупното наше живеење и работење не е можен: стратегија. И за него, како и за многу други нешта, на досегашните власти воопшто не им „паднало“ на ум. Тоа е главната причина зошто, во рамките на целокупната туристичка понуда, и тоа за сите сезони, на странските, но и на домашните туристи не е можно да им се понуди релаксирачки викенд на село, надополнет со органски произведена здрава храна, комбиниран со посета на пештери, водопади, манастири.
Треба ли да се укажува дека руралниот туризам значи не само урбанизација на селските средини, туку и побрз економски развој на регионот (не само на земјоделството, туку и на шумарството, ловниот туризам итн.)?
Национална стратегија треба да се донесе час поскоро, до крајот на годинава, зашто секое доцнење ќе го одложи користењето на парите од претпристапните фондови на ЕУ, значи нема да се користат ниту од предвидените за 2009- та година.
Аргумент со голема „тежина“: руралните средини опфаќаат 86% од целата територија на Република Македонија, 40% од вкупното население живее во нив, а таму се и повеќе од 70% од ресурсите.
Во рамките на Министерството за земјоделство моментно се одвива пилот проект наречен „Програма за рурален развој“, со кој земјоделците учат како можат да ги користат средствата од европските фондови.
Рурален туризам во Скопје? Да! Доволно е еден викенд да и „подарите“ на Скопска Црна Гора. Точно, некој (се знае кој) треба да ги засучи ракавите, да запне…
Пример кој треба да претставува „поттик плус“:
Комисијата за рурален развој на ЕУ, која се состои од претставници на 27-те земји- членки, даде позитивно мислење за поднесената програма од страна на Националната рурална мрежа на Шпанија за периодот 2007 – 2013 година, со која се цели кон гарантирање на инфраструктурата, создавање на нови можности за приход на руралните региони, промовирање на растот и борба против невработеноста. Комисијата треба и формално да ја усвои во текот на наредните недели.
Средствата ќе му помогнат на земјоделскиот сектор да постигне диверсификација, но и финансиски да поддржи клучни еколошки проекти и да создаде работни места и надвор од класичните фармерски занимања.
Вкупниот износ на одобрени средства изнесува околу 125,5 милиони евра.
Треба да се знае и да се има предвид при подготовката на македонската Национална програма, во што треба да бидат вклучени сите наши „експертски ресурси“, дека крајните цели на политиката за рурален развој на ЕУ се подобрување на конкурентноста на земјоделието и шумарството, поддршка на управувањето со земјиштето и подобрување на животната средина, како и подобрување на квалитетот на животот и поттикнување на диверсификација на економските активности.






