Новинари без заштита- убиството на Политковскаја
![]()
Кога е во прашање слободата на новинарството и животната загроза на новинарот, се чини дека не постои ниту најмало безбедно место (макар агол во четири ѕида). Таа професија со децении наназад е, а судејќи според се и со децении нанапред ќе биде, една од најопасните каде и да се врши- реализира. Од неа се засегнати (загрижени, уплашени, заплашени, зависни) сите, најмногу политичарите и бизнисмените, а пред се полит- бизнис олигарсите. Кога ќе се најдат во опасност (да изгубат позиција, богатство, влијание), преземаат се што е во нивна моќ да ги замолчат таквите „шуркала“, ако треба и организиrање- плаќање на нивно убиство.
Речиси да нема година (во последниве 10- тина) да не се случат повеќе убиства на новинари кои остануваат нерасветлени (освен оние на фронтовите- загинатите „на должност“, како „колатерална штета“). Едно од најпознатите, кое се уште „се расветлува“, е убиството на руската новинарка Ана Политковскаја.
Поминаа повеќе од две години од нејзиното убиство, а од убиецот или убијците односно нарачателот- нарачателите нема ниту трага. На неколку наврати беше објавено дека е “се познато“, случајот наскоро ќе се затвори, а се уште се води судски спор против неколкумина осомничени.
По повод годишнината од нејзиното убиство (беше убиена на 07.10.2006- ма ) генералниот обвинител на Русија Јуриј Чајка изјави дека убиството на Политковскаја е решено. Чајка не ги обелодени имињата на приведените, но истакна дека случајот наскоро ќе биде предаден на судот. Тој ја посочи активната соработка на руските власти со обвинителите од други земји, особено Украина и Литванија. Во меѓувреме неговото тврдење беше (от)фрлено на судското „буниште“ (се покажа како неточно, според некои и тенденциозно- случајот да се затвори и заборави).
Пред неколку дена (19.10.) судијата Евгениј Зубаков, кој го води случајот, одлучи судскиот процес да продолжи зад затворени врати. Тој објасни дека членовите на поротата одбиваат да влезат во судницата во присуство на новинарите. Адвокатите на четворицата обвинети биле против ваквата одлука со аргумент дека судијата нема конкретни докази оти поротниците биле објект на закана. Зубаков ги отфрлил ваквите аргументи. Наредниот ден судскиот процес е одложен за 1 – ви декември годинава. Причина- зафатеност на еден од адвокатите на обвинетите.
Семејството на убиената руска новинарка одамна ги критикува судските власти дека го пролонгираат делото за да му овозможат на извршителот да избега од земјата.
Денеска стаса вест дека убиството на руската новинарка е нарачано од руски политичар кој се наоѓа во државата. Ова го изјавил адвокатот на одбраната на четирите лица обвинети за убиството.
„Во досието за случајот мотивите и човекот што го нарачал убиството се спомнати“, изјави адвокатот Мурад Мусаев. „Причина за убиството се новинарски извештаи во кои се наведени конкретни политичари“.
Тој вели дека претходно обвинителите верувале дека криминалниот чин бил нарачан од некој „кој не е во државата“.
„Но, во заклучоците за обвинувањата, гледаме дека тоа не бил некој толку голем, туку политичар од државава“, изјави тој.
Колку има вистина во ова тврдење, допрва ќе видиме. Ќе потсетам на уште едно од почетокот на годинава (март): дека истрагата го утврдила идентитетот на убиецот и ги презема сите напори за да го пронајде.
Вјачеслав Смирнов, обвинител во Московскиот окружен воен суд, изјави дека во случајот Политковскаја кривични пријави се поднесени против 9- мина осомничени, кои го организирале и помагале злосторството. Тој додаде дека рокот за спроведување на истрагата е продолжен до 7- ми септември годинава, а досега се испрашани 60- мина сведоци и изведени 5 судски експертизи.
Тогаш се одржа рочиште на кое беше разгледано продолжувањето на притворот на соработникот на специјалните служби Павле Рјагузов, осомничен за учество во убиството, односно дека ја предал адресата на Политковскаја на молба на извесен Шамиљ Бураев.
Политковскаја е убиена на 7- ми октомври 2006- та година, во влезот во зградата каде што изнајмувала стан.
Адресата на убијците, според претходните информации, им ја дал Бураев, поранешен претседател на Ачој-Мартановската област во Чеченија.
Беше соопштено и дека помеѓу обвинетите се и тројцата браќа Махмудов – Тамерлан, Ибрахим и Џабрали, кои според наодите на обвинителството на денот на убиството на Политковскаја возел автомобил со кој ја следел новинарката.
Главниот обвинител на Русија, веќе спомнатиот Јуриј Чајка, на 27- ми август минатата година соопшти дека Политковскаја ја убила организирана криминална група (припадници на кавкаскиот т.н. Алазански криминален клан), чиј лидер е поранешниот водач на чеченските екстремисти Ахмед Нухаев. Нухаев е некогашен шеф на криминалниот клан во Москва и подоцна командант на чеченските екстремисти кој, според пишувањата на руските медиуми, е во странство, а пред две години по него е објавена потерница поради сомневање дека нарачал и убиство на главниот уредник на руската верзија на „Форбс“, Пол Хлебњиков.
Постојат сведочења според кои Нухаев тајно се сретнал со идеологот и пропагаторот на чеченската вахабитска независна држава, Мовладиј Удугов, и избеганиот руски олигарх со азил во Велика Британија, Борис Березовски.
Која беше Ана Политковскаја?
Мошне ценета руска новинарка и истакнат борец за човекови права. Постхумно е добитничка на престижната награда за слобода на печатот во светот „Гиљермо Кано“ за 2007- ма година, што ја доделува Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО). Наградата постхумно е доделена за првпат.
Политковскаја беше позната особено според извештаите за воените случувања во Чеченија, како колумнист на дневникот „Новаја Газета“, а нејзината работа беше призната ширум светот. Помеѓу бројните награди што ги добила е и „Златно перо на Русија“ и специјалното признание на жирито на наградата „Андреј Сахаров“, „За жртвување на животот за новинарството“.
Според зборовите на Кави Чонгкитаворн, претседател на жирито составено од 14- мина независни новинари и уредници од сите делови на светот, пожртвуваноста и храброста на Ана Политковскаја во трагањето по вистината поставија највисоки мерила во новинарството, не само во Русија, туку и во остатокот на светот.
Инаку, со наградата за слобода на печатот во светот „Гиљермо Кано“, што УНЕСКО ја доделува од 1997- ма година, се оддава почит на поединец или организација за одбрана или унапредување на слободата на изразување каде било во светот, особено ако поради ваквото дејствување новинарот го загрозил сопствениот живот. Кандидатите ги предлагаат државите членки на ОН, регионални или меѓународни организации кои се занимаваат со прашања поврзани со слободата на изразување. Се врачува секоја година на 3- ти мај, на Светскиот ден на слободата на печатот. 10- годишнината минатата година беше одбележана во Меделин во Колумбија, родното место на Гиљермо Кано, новинарски издавач според кој наградата го добила називот. Кано е убиен пред 21 година поради критикување на активностите на моќните нарко шефови во својата земја. Наградата изнесува 25.000 американски долари.
Минатиот месец беше објавен најновиот извештај на меѓународната организација „Артикл 19“, која се бори за промовирање на слободата на изразување. Во него се констатира дека е се повеќе загрозена слободата на новинарите, слободното извршување на нивната работа. Во последниве 5 до 7 години е забележан негативен глобален тренд во областа на слободата на медиумите, а во многу земји новинарите се почесто се изложени на напади.
Според извршниот директор на „Член 19“, Агнес Каламард, во минатото новинарите најчесто страдаа во воените зони, додека денес се почесто се цел на намерни напади. При презентацијата на извештајот таа нагласи дека постои сомнеж оти зад некои убиства на новинари стојат и органите на власта, но новинарите се почесто се цел на напади и на разни организирани групи, како мафијата, наркодилерите и вооружените бунтовници.
Според податоците на советодавната група „Прес Амблем Кампањ“ оваа година ширум светот се убиени 71 новинар. Само во септември животот го загубиле 8- мина новинари, од кои четворица во Ирак и по еден во Русија (Дагестан), Грузија, Мексико и Тајланд.
Кај нас засега, за среќа, не се случило убиство на новинар. Имаше само неколку случаи на претепувања и закани. Меѓутоа, загрижувачки е бројот на новинари кои завршиле на суд поради обвиненија за клевета или навреда, најчесто од политичари и бизнисмени (полит- бизнис- олигарси).
Има ли слободно новинарство во Република Македонија? Некои тоа го поистоветуваат со независноста на новинарот, не разбирајќи ја суштинската разлика помеѓу нив.
Да, постои слободно, но зависно новинарство. Познавам само неколку случаи на лична одбрана на слободата дури и по цена на егзистенцијална загроза. Но многу поголем проблем, особено во однос на креирањето на јавното мислење, е недостигот од објективно новинарство.






