Ништо ново за проблемот на Грција со името на Република Македонија или…

Ќе има ли промена во ставот на САД во врска со проблемот кој го има Данајската република (Грција) со името (не уставното) на нашава земја, по стапувањето на сцена на новиот претседател Барак Обама и неговата администрација? Уверувањата се дека не треба да се имаат никакви дилеми, бидејќи американската надворешна политика е констатнтна и конзистентна, а меѓу другото за неа би било и несериозно да ја менува со секое менување на власта (без оглед на моќното грчко лоби?).
Не се работи за дилема или стравување, туку за реално очекување, дури неминовност: промена сигурно ќе има, веќе има, но се разбира не „радикално свртување“. И тоа како притисок Република Македонија да прифати промена на име (дури и „некомпромисно“?), а за идентитетот… па и тој, како и се друго, според американското „гледање на нештата“, е колку комплексен, толку и „флексибилен“.Промената е веќе најавена, дури мошне лесно „читлива“ или „слушлива“, па и експлицитно искажана, конкретна. Како „безалтернативна“ порака од главниот надворешно- политички советник на Обама, Збигњев Бжежински.
Имено, американскиот политиколог во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ изјави дека најдобро решение за спорот со името помеѓу Македонија и Грција би било „Нова Македонија“. Се разбира, за него засега е непотребно да објасни односно елаборира зошто е најдобро, но е „од прва рака“ проблематично и за Атина која веќе се изјасни за последниот предлог на Метју Нимиц- „Северна Македонија“ како прифатлив (па веќе води дипломатска „мобилизација“ на своите сојузници, тие да ја „притиснат“ Македонија тоа да го прифати).
Ако се има предвид угледот што го ужива Бжежински во Америка и надвор од неа, позициите што ги имал досега во „светот на демократите“ (советник за надворешна политика на американскиот претседател Џими Картер, сега „најблизок“ советник и на Обама), неговиот предлог има голема „тежина“ и треба да се промисли темелно и максимално сериозно(пред да го изнесе Нимиц како „најнов“, кој минатата година го сметаше за „едно убаво име“).
Да, не станува збор за некое ново име, тоа е еден од поранешните многубројни предлози кој беше отфрлен, но неговата реактуелизација не е случајна. Не е прифатлив (која би била „Стара Македонија“ и што е со континуитетот на опстојот- најдиректно поврзан со националниот (а не со кој било) идентитет на државотворниот народитн. итн.), барем не како „Северна Македонија“. Под услов, како компромис, грчката провинција „Северна Македонија“ (така преименувана во 90- тите години на минатиот век- претходно се викаше „Северна Грција“) да се преименува во „Јужна Македонија“, па дури да се „назначат“ и Источна и Западна- како неопходни делови од “целината“; притоа без „придружни пакети“ или предлози како оној за идни преговори за националниот идентитет во ОН.
А дека е реално стравувањето на Македонија, во не помала мера и на Данајската република (Грција), дека „билатералниот спор“ за името нема да биде приоритет во надворешната политика на Барак Обама, го потврдува и Бжежинси: коментирајќи ја победата на Обама на претседателските избори, тој истакнува дека тоа ќе го промени светот, а САД ќе остане авангардна сила и ќе раководи со настаните на планетата. Тој е дециден со наведувањето на „првите три“ приоритети: повлекувањето на американските војски од Ирак, затворањето на затворот во Гвантанамо и отпочнувањето на преговори со Иран.
Бжежински е и против распоредувањето на американскиот систем за противракетна одбрана во Полска и во Чешка, а реакцијата на Русија на антиракетниот штит ја оценува како пресилна и „рамна на лудост“. Истакнува дека рускиот премиер Владимир Путин е најсилниот политичар на денешна Русија и „несмасно“ го споредува со некогашниот фашистички италијански лидер Бенито Мусолини.
Дека и на Данајската република (Грција) не и одговара предолго да се одложува решението на нејзиниот проблем со името Македонија, потврдува и се поголемото нерасположение за „тврдоглавоста“ на своите сојузници во ЕУ и НАТО (поврзано со малцинствата чие постоење не го признава, а за некакви нивни права не ни помислува), но и се погласните „внатрешни отпори“, на грчки интелектуалци и политичари- политиколози, кои ја разбираат апсурдноста односно ступидноста на „проблемот“.
Еден од нив е и Григорис Валијанатос, доскорешен советник на лидерот на опозиционата ПАСОК Папандреу, кој е отстранет од партијата токму поради промакедонски ставови. Пренесувам некои одговори од ексклузивното интервју со него на македонската А1 ТВ:
„Мора да сфатиме дека Македонци постојат и надвор од Грција. Грчките Македонци ќе сфатат дека кон крајот на 19- от век се оформи нова нација, нов ентитет во земјата позната како Македонија, а тој едноставно не е грчки ентитет.
Верувам дека Македонците без никаков друг атрибут со тек на времето ќе бидат сфатени, но грчките Македонци кои сметаат дека се Грци треба да сторат напор, како и меѓународните фактори, ми се чини. Сега сме во фаза кога треба да ги прочитаме конвенциите за човекови права на ЕУ. Мислам дека многу други народи и многу малцинства треба да формираат сојуз и да ги научат Грците што значи да се биде малцинство, и колкаво богатство е соживотот со малцинствата.
Се плашам дека грчките интелектуалци во овој контекст се заспани. Ги повикувам да се разбудат. Мислам дека ќе се разбудат, на еден или друг начин. Другиот начин се, за жал, меѓународните судови за човекови права“.
А дека заговорниците за ново име на земјава „во името на нејзината евро- атлантска перспектива“ навистина го изгубиле или со секој нов ден го губат тлото под нозе, па стануваат изгубени во просторот и времето, па „тресат зелени“, потврдува текстот на Димитар Чулев под наслов „Егзотичните имиња на европските држави“, објавен на интернет изданието на „Утринскли весник“од 04.10.2008.
Во него се наведуваат називи на европски држави (не е јасно зошто се „егзотични“) кои се всушност англиско- француски преводи на нивните уставни имиња: Finlad- Suomi (Финска), Ireland-Eire (Ирска), Hungary-Magyarorszag (Унгарија), Germany- Deutschland (Германија) и др. Чудно е зошто авторот не наведува, ниту се залага за логичното решение и за проблемот на Hellenic Republic: Republic of Macedonia за Република Македонија.
Не е јасна поентата на текстот, особено што се наведуваат авторот и причината за тоа: Лигата на народите по Првата светска војна. А се цитира и Сашко Тодоровски, експерт за меѓународни односи во македонското Министерство за надворешни работи: дека идејата по Првата светска војна на претходникот на денешните Обединети нации, Лигата на народите, била во процесот на поврзување на светот на извесен начин да се унифицираат имињата, со што би се избегнал хаосот во комуникацијата, во интерес за подобра соработка помеѓу земјите.
Треба да се нагласи дека авторот „успешно“ се оградува, што во многубројните реагирања- коментари воопшто не е земено предвид (но уште повеќе ја „заматува“ неговата цел):
„Секоја сличност на претходнонапишаното со актуелното грчко оспорување на името на Македонија, се разбира, е само случајна. Зашто светот не познава таков преседан на некоја држава да и’ биде наметнато име кое таа не го прифаќа. Премногу јасни се грчките позиции (иако спорот е сосема апсурден) и обидот на Атина да воспостави меѓународен копирајт врз античкото минато со тоа што и историјата на древна Македонија ја подведува под сопствената хеленска или хеленистичка. Втор момент е срамниот Букурешки договор од 1913-та година, кога при раскрчмувањето на остатоците од Отоманската Империја и при поделба на Македонија, Грција на делот што светот го познавал како Стара Грција ги приклучил и Тракија и Македонија. Трет момент е актуелното македонско малцинство во земјата која е пример за непочитување на малцинските, јазичните и културните права и во која во интерес на идејата за монолитна нација не се признаваат никакви различности“.
Малку „светлина“ фрла заложбата македонските политички елити да ја усогласат „домашната какофонија“ и да се обидат да се наштимаат во речиси хармонизираниот став на меѓународната заедница дека промена со извесна географска определница пред името на државата, но која нема да го загрози идентитетот на нацијата, е нужен услов за фаќање приклучок со светот.

Меѓутоа, бидејќи го повторува моето многупати повторено укажување дека јужниот сосед не го спори уставното име на земјава (Република Македонија), туку името Македонија- всушност националниот идентитет (повторувам, не кој било, најмалку личниот), требало малку да го ангажира својот промислувачки капацитет, па да понуди „извесна географска определница пред името на државата, но која нема да го загрози идентитетот на нацијата“ и да им помогне на своите истомисленици.
Ги повикувам сите што се залагаат за такво компромисно решение (помеѓу нив и претседателот Црвенковски) да му помогнат на преговарачкиот процес и да понудат таква географска, неидентитетска одредница, која ќе биде прифатлива и за Атина.
Признавам, и покрај досегашниот огромен напор, јас не успеав да измислам. Мојот предлог (во еден поранешен текст на овој блог)- „Протомакедонија“ е неутрално географски, но и идентитетски (коренски), но воопшто не предизвика интерес, ниту сериозен разглед од кого било. Веројатно токму поради „двојноста“.






