Бавно будење на грчката свест и совест
Одвреме- навреме слушаме и читаме како во Данајската република (за некои се уште Грција) некој ќе се „разбуди“, сфаќајќи ја суштината на апсурдноста односно ступидноста на барањето на неговата земја за промена на името на Република Македонија. Па го надминува стравот од можните последици, протестира, го крева гласот против таквата погубна политика на владејачките политички дилетанти и трабанти. Имајќи предвид и некои ретки „колективни будења“, тоа е знак дека полека, иако се уште бавно се менува нешто во менталниот склоп, во свеста, па и совеста на граѓаните на нашиот јужен недобрососед.
Јасно е дека проблемот со името што го има Атина е надворешен, но и внатрешен: надворешен е затоа што меѓународната заедница (нејзините „принудни“ сојузници во НАТО и ЕУ) не ќе можат, и да сакаат, уште долго да го толерираат нејзиниот расизам (кој е резултат на геноцидно- фашизоидната филозофија за „чиста грчка раса“), нејзината освојувачка агресивност (отворени закани за воена агресија врз Македонија) итн.; а внатрешен е како покритие за многуброните економско- социјални проблеми кои, очигледно, актуелната Влада на Караманлис не е способна да ги реши, па нејзиното паѓање е неминовно.
Патем, забележувам дека во последно време Данајците (Грците) не бараат промена на уставното име, туку на името Македонија, на именувањето на народот како македонски, јазикот да е „немакедонски“ и сл., на што постојано укажував (се рабира не само јас). Тоа е уште едно потенцирање на геноцидно- фашизоидното барање за бришење на идентитетот на еден народ- на неговиот јазик, култура, историја, традиција, државотворност…
Една од јасните објави на „колективно будење“ се случи денеска во Битола, на средбата на претставници на егејските здруженија од Македонија и „Антинационалистичка, антимилитаристичка иницијатива“, со седиште во Атина. Нејзините претставници изјавија дека веруваат оти со нивното дејствување ќе се променат сфаќањата кај луѓето во нивната држава, за симнување на предрасудите со името:
„Ние немаме предрасуди и нашата иницијатива е насочена кон признавање на Република Македонија под уставното име“.
Грчките радикални демократи потврдија дека отвораат широка кампања во Грција за укинување на расистичките закони со кои им е оневозможено на Македонците од Егејска Македонија влез во Грција и враќање на нивните имоти.
„Ова е неприфатливо, расистичко однесување на официјалната грчка политика. Ова е всушност еден криминал којшто се врши и се практикува врз нив, а тие го дадоа својот придонес за ослободувањето на Демократска Република Грција“, изјави Никос Јанаполос.
Колку што е познато, се работи (засега) за маргинална групација (дали само политичка), која нема никакво влијание, не игра ниту позначајна епизодна улога на данајската (грчката) политичка сцена. Што не значи дека во блиска иднина, особено со продлабочувањето на владината криза и нејзиниот брз неминовен пад, нема да се промени. Оваа забелешка воопшто не значи обезвреднување на ова „колективно будење“, напротив радува и треба да се поздрави, туку само укажување на еден реален факт.
Претставниците на егејските здруженија средбата ја оценија како голема поддршка во остварувањето на нивните права, иако звучи преоптимистички изјавата на Ѓорѓи Доневски:
„Овој разговор што го обавуваме со пријателите од Атина ќе придонесе грчкиот Парламент да ги укине законите и ние час поскоро да се вратиме во своите родни места и да располагаме со нашите имоти“.
Претставниците на Алијансата изразија воздржаност (неприфатлива во контекст на претходната заложба) во врска со крајно ступидните, дури комични протести на Грци во Вашингтон во врска со наводното непризнавање на малцинските права на Грците односно на „Влахогрците“ во Република Македонија. Се разбира, како дел од кратковидната, инфантилна кампања на јужниот сосед (откако пропадна дипломатската- да натераат некои држави да го променат признавањето на земјава под уставното име со рефенцата FYROM, а за што беа сериозно укорени од САД): за вчерашните грчки реакции во САД, дека во Битола и Крушево се елиминирани малцинските права на „грчките Власи“, претставниците на Иницијатива рекоа дека сите влади се чувствителни на своите малцинства, а грчката го негира македонското малцинство во Грција кое треба да биде мост за добрососедство на двете држави.
Патем, и на Владата во Атина и на нејзиното моќно лоби во САД „топло“ им препорачувам да го прочитаат Уставот на Македонија, а особено Рамковниот договор (да подготват ист или да го препишат, и тоа од А до Ш, па потоа да го „имплементираат“ како мошне успешен експеримент на „меѓународниот фактор“ односно на ЕУ и САД).
А што се однесува на прогнозата дека Владата на Караманлис набрзо ќе падне, укажувам само на неколку факти и аргументи кои тоа го потврдуваат:
Никогаш досега според рејтингот односно испитувањата на јавното мислење, владаечката „Нова демократија“ не била на дното. Првпат во последните 4 години, откако премиерот Караманлис е на кормилото на Грција, опозиционата партија на социјалистите ПАСОК ужива поголеми симпатии односно води- бележи поголем процент на потенцијални гласови. Едно од испитувањата на јавното мислење, кое беше направено од страна на атинскиот весник на десниот центар „Катиминери”, укажува на незадоволство на повеќе од 61% на испитаниците кои сметаат дека Владата на Караманлис не знае да се справи со проблемите и да и обезбеди просперитет на земјата. Повеќе од 67% дале негативна оценка на обидите за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните, да се запре инфлацијата и да се намали невработеноста. 57%, пак, се убедени дека кабинетот е премногу спор и оти се занимава само со своите внатрешни интереси.

Незавидната позиција се должи, меѓу другото, и на новиот Закон за даноците, кој пред се треба да ја пополни големата дупка во буџетот, откако излегоа на виделина неколку скандали кои покажаа и потврдија дека корупцијата и натаму царува во Владата на Караманлис (скандалот со „Simens”, кој не е завршен и расветлен зашто се уште не се знае колку пари и кој си ги ставил в џеб; некои од министрите се обидоа да извршат самоубиства, други дадоа оставка зашто сметаа дека е тоа подобро отколку да бидат обелоденети нови вистини за нивната корумпираност).
Премиерот Караманлис доби остри осуди од јавноста поради тоа што не постапил поенергично, што побрзо не се одлучил на „чистка” во владините редови. Очигледно е дека тој нема сила, ниту капацитет да ги покрива сите направени грешки кои ги има во изобилие, а е доста сомнително колку самиот имал удел во нив.
Скандалот со поседите на манастирот Ватопед, кои се менувани за државните недвижности и обратно, што донесе до голема материјална разлика, е уште еден од низата скандали што ја снајде неговата Влада. Средствата на манастирот се блокирани, а одговорите кои се бараат се – кои се министри и функционери дозволиле вакви трансакции. Во игра беа црковните имоти, на кои подоцна се градени олимписки објекти, на што укажуваат енормно големите суми на потрошени пари.
Укажување на повеќемина светски аналитичари:

Во ситуација кога рејтингот е драстично паднат, „Нова Демократија“ се обидува успешно да игра на својата последна карта, очигледно оценувајќи ја како „најсилна“: спорот за името на Република Македонија. Имено, упорно настојувајќи што повеќе да се оддалечи решението помеѓу Македонија и Грција, оставајќи го како отворено, како и континуираното создавање на тензија во преговорите, Караманлис од петни жили се труди да остави впечаток кај јавноста дека може да го реши овој проблем.

Меѓутоа, ситуацијата се комплицира за Данајската република (Грција), без оглед што е реално нејзиното надевање дека очекуваната победа на Барак Обама на претседателските избори во САД ќе биде мошне позитивна. Точно, тој и вети поддршка во решавањето на проблемот со името на Република Македонија, како „компензација“ за гласовите, но и донациите на Грците во САД за неговата кампања. Најнапред, тоа значи дека може да го забави процесот барем додека подетално се запознае со него (прашање е дали воопшто има поим за што станува збор). Меѓутоа, со подеднаква, па дури и поголема тежина е се поголемото (не)трпение на нејзините евро- атлантски сојузници, а со кои Обама мора веднаш да почне да работи пред се во надминувањето на економската рецесија во светот.
Имено, Караманлис и неговата владејачка „тајфа“ забораваат на прагматизмот и конзистентноста на САД во надворешната политика, а на која и Обама, како сите други досегашни претседатели, ќе мора да и се прилагоди ако не сака брзо да биде „маргинализиран“ од главните поддржувачи односно финансиери. Ова особено се однесува на нивните планови за изолација на Македонија. Притоа, во една таква ситуација, големо прашање е што ќе прави Караманлис со „своите“ бизнисмени кои секако, па и финансиски го „поддржуваат“, а се длабоко „инкорпорирани“ во македонската економија?
Поента на еден од коментарите (на Маја Костовска во „Курир“):
„Логично е дека сето ова се работи со намера. На јавноста и се дава тропалка за да се забавува, додека големите играчи не си ја завршат замислената работа. Сепак, се сомневам дека Македонија може да послужи како средство со кое Караманлис ќе може уште долго да се одржува на веќе разлабавениот трон“.






