Трифун нема да ги дочека двокатните автобуси
Повеќе од сигурно е дека градоначалникот Трифун Костовски нема ниту да ги дочека најавените двокатни автобуси („подарок“ на Скопје од Владата на Македонија), ниту, пак, ќе се повози во нив, макар промотивно- за „сликање“. Тендерот за набавка ќе биде реализиран кон крајот на идната- 2009-та година, локалните избори се во март, а на нив тој и да се кандидира нема никакви шанси за уште еден градоначалнички мандат (општа оценка: најлош, најнеуспешен градоначалник на Скопје досега). А граѓаните? Скопјани со нетрпение ќе чекаат да се возат во нив или, пак, се сомничави, резервирани, па уште сега се со „став“ дека нема да се качат на вториот кат. Не се „официјално“ прашани, но од некои новинарски анкет може да се заклучи дека мислат оти двокатните автобуси се добро решение за хаотичниот градски превоз.
Владата најнапред најави дека ќе објави тендер за набавка на 102 двокатни автобуси, од кои 2 ќе бидат туристички односно отворени панорамски и ќе се користат во Скопје и Охрид. Се работи за климатизирани автобуси конструирани според најновите стандарди, со низок под и со рампи за лица со посебни потреби. Треба да се нагласи дека е веќе утврдено оти сите линии на ЈСП, со исклучок на две, се безбедни за одвивање на сообраќај со двокатни автобуси.
Одлуката ќе ја спроведе Владата поради сериозните опструкции од градските власти што се вршеа со претходниот тендер за набавка на автобуси.
Премолчено од Костовски, а на што го потсети Ивица Боцевски: ветил дека ќе ги врати претходните средства што Владата му ги додели на градот за набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје.
Да потсетам, лани, во декември, Владата на ЈСП му додели 4,4 милиони евра за да го обнови возниот парк, а со нив требаше да се купат 5 половни двокатни автобуси и 45 нископодни и единечни (со ветување дека ќе бидат доделени дополнителни средства оти со нив може да се купат само 20 нови автобуси).
Во меѓувреме, деновиве, Владата донесе одлука да се измени тендерот за набавка на автобуси за градскиот сообраќај во Скопје и за двата автобуса со отворена платформа наменети за главниот град и Охрид. Наместо првично предвидените 100, ќе бидат набавени 300 нови двокатни автобуси, соопшти вицепремиерот Ивица Боцевски. Според него, целата постапка ќе се реализира идната година. Меѓународниот тендер е веќе распишан и вклучува 14 понудувачи. Ќе го спроведе Министерството за транспорт и врски, а откако ќе се набават, автобусите во форма на донација ќе му бидат предадени на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје.
„Имајќи предвид дека Скопје има околу 298 автобуси, набавката ќе подразбира комплетна обнова на возниот парк. Инвестирањето во квалитетот на живеењето е инвестиција која е клучна и критична за секоја земја. Во современото општество владите во соработка со локалната самоуправа мора да влијаат да се подобри можноста на граѓаните за пристап до јавниот транспорт“. Боцевски додаде дека станува збор за автобуси изработувани според најсовремените еко стандарди, соодветно климатизирани и со рампи за лицата со посебни потреби.
За опструкцијата на Трифун Костовски:
Според него, инвестицијата е економски неисплатлива, а секаде во светот се напушта употребата на двокатни автобуси (што не е точно). Тој обвини дека Владата не ги консултирала експертите, ниту, пак, јавното претпријатие за тоа какви автобуси се потребни за градскиот превоз:
„Ја поздравувам идејата, но тоа е како на пример кога правите свадба, а не ве прашаат што ви треба- дали шпорет или фрижидер, а ви донесат лонци и тенџериња. Е, исто така се однесуваше Владата во врска со оваа набавка на двокатните автобуси“.
На Костовски му се придружи и ЈСП, иако претходно имаше сосема поинаков став: двокатните автобуси не се соодветни бидејќи проблем ќе претставува нивното сервисирање, а ќе бидат потребни и дополнителни трошоци за тие да се приспособат. На тоа веднаш реагираше раководството на „Санос“: фабриката има капацитет да изработува и сервисира- одржува двокатни градски автобуси. Нејзин проблем е добивањето на банкарска гаранција.
Дали одлагањето за набавка на првите 100 двокатни автобуси за крајот на 2009- та е поради глобалната финансиска и економска криза или се калкулира со “идните успеси“ (како еден од нив) на новиот градоначалник?

Во меѓувреме, како „контраудар“, Костовски со својата сопруга, директорот на ЈСП Александар Бошковиќ, повеќемина претставници од градската управа, како и медиуми, го промовираа градското возило на „Мерцедес“, што беше прва од неколкуте промоции на нископодни автобуси со кои градоначалникот сака да ја разубеди Владата од идејата да купи „даблдекери“ за Скопје.
Изјава на Костовски:
„Убедени сме дека нископодните еднокатни автобуси се најсоодветни за градскиот превоз. „Мерцедес“ веднаш ни излезе в пресрет и ни позајми едно возило без надомест, во кое граѓаните ќе можат да се возат бесплатно. Нивниот збор треба да биде последен за тоа какви автобуси да купи Владата, бидејќи за таа набавка ќе се трошат народни пари. Мораме да воспоставиме дијалог со централната власт за ова прашање, затоа што ние како град немаме ниту пари да купиме автобуси, ниту можности да се задолжиме. Убеден сум дека Владата ќе се разубеди, бидејќи двокатните автобуси немаат никаква предност во однос на овие“.
Мерцедесовото возило е зглобно, има 37 места за седење и собира вкупно 140 патници, а има посебни места за хендикепирани лица и за бебешки колички. Хидрауличниот систем што е вграден во него му овозможува да се спушти до висината на тротоарите, а на втората врата има посебна рампа за лицата со посебни потреби. Нема скалила, туку со само еден чекор веднаш се влегува внатре.
Уште истиот ден Боцевски ја поздрави одлуката на Костовски да се повози со градски автобус, но му порача да се качи во возило за што имал одговорност, а не во некое што служи само за сценско дејство.
„Ќе биде добро градоначалникот за време на својот мандат да влезе во еден од скопските автобуси, за да види како скопските градоначалници од сферата и областа на транзицијата зад себе го оставаат јавниот превоз. Јас секој ден со ќерка ми се возам во нив и добро знам што е скопски автобус. За една година отсега, кога ќе се врши испораката на двокатните автобуси, Костовски и неговиот тим ќе бидат дел од историјата и од Музејот на градот Скопје. Се разбира, историјата ќе го даде својот суд за тоа колкав бил успехот на неговата администрација“.
Скопјани зборуваат, коментираат, а одвреме- навреме некоја телевизија ќе го „пушти“ својот микрофон помеѓу нив и ќе ја впери својата „теренска“ камера. Тие потсетуваат дека главниот град на Македонија со години чека нов и модерен градски превоз. Во 50- тите години на 20- от век низ скопските улици се возеле автобуси на два ката.
Напомена: решението за набавка на двокатни автобуси нема никаква врска со воведувањето на трамвај што упорно го „турка“ Костовски, а очигледно е дека ќе нема време да го „истурка“. Трамвајот е „нешто сосема друго“. Засега.
Да не заборавам да потпрашам: зошто никој не спомнува тролејбуси?






