САД: Финишира кампањата за нов претседател
Со интензивирањето на кампањата, а на само 10-тина дена до крајот, расте неизвесноста за тоа кого американските граѓани со право на глас ќе изберат за нов американски претседал. Очигледно и кандидатот на демократитe, Барак Обама, и на републиканците, Џон МекКејн, веќе почнаа да го користат „завршниот арсенал“ на „вербалното оружје“, кој, како секогаш, е решавачки и од ден на ден дури драматично ја менува разликата во рејтингот помеѓу нив. Последната е „на страната“ на МекКејн.
Најновото истражување, што го спроведоа Ројтерс, Ц-Спан и Зогби, покажува дека предноста на Обама паднала за 5 поени, со што е продолжен благиот пад на демократскиот кандидат во последниве денови. Барак Обама сега води со 49% гласови во однос на 44%, колку што има МекКејн. Дневното иостражување има можност од грешка од 2,9%.
„Работите сега одат подобро за МекКејн. Неговите бројки растат, а Обама паѓа од ден на ден. Се чини дека тоа има директна врска со МекКејновите приказни за економијата во последнава недела“, вели Џон Зогби.
Тој истакнува дека Обама има голема предност во делот од избирачкото тело кое заработува помалку од 35.000 долари годишно и таа изнесува нешто повеќе од 70%, но работите во средната класа сега му одат на рака на МекКејн.
„МекКејн порано имаше најдобар резултат кај делот од избирачкото тело со најголеми заработувачки. Меѓутоа, сега има благо водство во сите групи од 35.000 нагоре. Се чини дека тој конечно успеа да допре до средната класа“, заклучува Зогби.
Забележливо е дека МекКејн се повеќе се издвојува од политиката на актуелниот претседател Џорџ Буш, а тој се надева дека во финишот на кампањата токму тој потег ќе му ја обезбеди неопходната победа во државата Охајо.
Од друга страна, Барак Обама инсистира на ставот дека помеѓу Буш и МекКејн нема значителни разлики и оти со самото тоа победата на неговиот противник на изборите во САД нема да донесе никакви промени.
Потсетувам, државата Охајо беше од исклучително значење за победата на Џорџ Буш на претходните две гласања.
Порака на МекКејн:
„Мораме да победиме во Охајо на 4-ти ноември. За тоа ни е потребна вашата помош. Свесен сум дека ниеден кандидат не победил на претседателските избори, а да не победил во Охајо, и токму поради тоа не сакам да ризикувам. Исто така е факт дека јас не сум Џорџ Буш. Немав поддршка во својата партија, а републиканците ме критикуваа кога се спротивставив на војната во Ирак. Буш и јас делиме иста филозофија, но јас станав против она што сметам дека беше погрешно и се уште трпам последици поради тоа“.
Обама во обраќањето на гласачите во Денвер го искористи тој говор за да нагласи дека Буш и МекКејн делат иста филозофија и со самото тоа, доколку МекКејн победи, Американците не добиваат ништо:
„МекКејн тврди дека тој ќе внесе промени во економската политика која досега ја водеше Џорџ Буш. Тој сега и самиот вели дека со Буш делат иста филозофија. Верувам дека Џон МекКејн тоа искрено го зборува и признава во суштина дека со Буш имаат доста заеднички работи. Филозофијата за која зборуваме овде треба да им обезбеди на милионерите уште повеќе да се збогатат на сметка на сиромашните. Ќе ве потсетам дека таа филозофија не чини 10 милијарди долари месечно за војна во Ирак“.
Едно истражување на агенцијата Асошиетед прес покажа дека Американците генерално силно се противат на давање на поголеми овластувања на шефот на државата на сметка на судската власт и моќта на Конгресот, дури и ако тоа биде оправдано со потребите на економијата и јакнењето на националната безбедност. Ваквиот резултат се смета дека во добар дел е последица на повеќегодишното владеење и политиката на претседателот Џорџ Буш.
Уште пред стартот на предизборната кампшања е констатирано дека овие претседателски избори ќе бидат историски, без разлика кој ќе победи. Обама би бил првиот афроамериканец избран за претседател, а МекКејн најстар (има 72 години).
Од „завршниот арсенал“ на двајцата кандидати:
![]()
Џон МекКејн во предизборната партиска кампања добил речиси 7 милиони долари повеќе од законското ограничување, е соопштено од спротивниот табор, Демократскиот национален комитет. Извршното тело на американската Демократска партија го наведе тој податок во жалбата која му е поднесена на Федералната изборна комисија на САД.
Републиканскиот национален комитет поднесе слична жалба на 5-ти октомври, наведувајќи дека кандидатот на демократите Барак Обама не направил доволно за да ги спречи нелегалните парични придонеси за својата кампања.
Се наведува дека за кампањата на МекКејн 19-мина поединци дале повеќе од 10.000 долари, што е 4 пати повеќе од дозволената сума и оти едно лице дало 56.047 долари, како и тоа дека недозволените придонеси вкупно изнесуваат „речиси 7 милиони долари“.
Американските републиканци стравуваат дека го изгубиле единственото оружје кое им остана в раце- правото во Сенатот да водат расправа за законите на кои им се противат. Имено, освен претседателот на САД, на 4-ти ноември ќе бидат избрани и сите 435- мина членови на долниот и 35- мина од 100- темина членови на горниот дом на Конгресот. Ако победи демократскиот кандидат Барак Обама, неговата партија нема да ја контролира само Белата куќа, туку и двата конгресни дома, и тоа со зголемено мнозинство.
Истражувањата покажуваат дека јавноста му дава предност на Обама, а доколку демократите ја достигнаст „магичната бројка“ од 60- мина сенатори во горниот дом, ќе бидат во состојба да им го ускратат на републиканците тн. „филибастер“, правото „до смрт“ да водат расправа за законите со кои не се согласуваат.
Во текот на викендот некои американски медиуми објавија дека постои судир помеѓу најблиските соработници во изборниот штаб МекКејн- Пејлин. Тој е знак дека нивната според многу нешта слаба кампања пука по шевовите. Еден од советниците на МекКејн зборувал за Сара Пејлин како за „дива“, бидејќи од нејзините најблиски соработнци стасале приговори дека неа премногу ја контролираат МекКејновите соработници.
Најнова вест која не е неочекувана:
Двајца бели расисти се уапсени во американската јужна сојузна држава Тенеси во врска со планови да реализираат масовно убиство на 102-ца американски црнци и евентуално да го усмртат Барак Обама, се наведува во судски документ кој од Вашингтон го пренесе Ројтерс.
Даниел Коварт и Пол Шлеселман во криминалната пријава се обвинети дека му се заканувале на Обама, незаконито поседувале кратка пушка и планирале да опљачкаат продавач на оружје. Според судскиот документ, заговорот не бил во поодмината фаза, ниту делувал убедливо.
„Рекоа дека тоа ќе биде нивно последно дело. Сакале да се обидат да го убијат сенаторот Обама“, изјавиле полициски официјални лица, додавајќи дека напаѓачите докрај не верувале оти ќе бидат во состојба да го извршат злосторството, но биле подготвени „да загинат за својата цел“.
Американската тајна служба, Федералната агенција за безбедност, поради загриженоста за животот на Обама уште во раната фаза на претседателската кампања воведе 24- часовна заштита на 47- годишниот сенатор од сојузната држава Илиноис.
Според се, се чини дека за новиот американски претседател ќе одлучат електронските медиуми. За Винстон Черчил се вели дека изборите ги добил на радио, Џон Кенеди на телевизија, а Барак Обама засега води со помош на Интернет. Имено, Обама на „Фејсбук“ има околу милион и 400.000 членови, а поп пејачката Мадона само околу половина милион.
Внимание предизвика и следнава занимливост:
Познатиот француски астролог Нострадамус во својата книга „Пророштва“ предвидел дека кандидатот за претседател на САД Барак Обама ќе биде победник на претседателските избори, тврди британскиот таблоид „Сан“.

Американскиот Врховен суд ќе мора да интервенира уште еднаш за да се утврди кој од двајцата кандидати за Белата куќа однел победа, предвидел Нострадамус. Победник би требало да биде Барак Обама.
Предвидувањата на Нострадамус се однесуваат и на повлекување на странските трупи од Ирак. Според него, американските војници ќе се вратат дома во мај 2009-та година.
Постои општа согласност (и на политичарите и на аналитичарите не само во Америка) дека најголемата финансиска криза што му се случи на американскиот континент во последните 30 години ги прави овие избори посебно тешки, но и интересни за поголемиот дел од планетата.






