Поблиску до или уште подалеку од организаторот на атентатот врз Глигоров
Досието за атентатот врз Киро Глигоров никогаш не било затворено, ниту, пак, некој досега можел да го затвори. Тоа е и ќе биде отворено се додека не се открие непосредниот извршител, а пред се организаторот или организаторите односно нарачателот/нарачателите. Впрочем, како и сите други слични и различни- поинакви случаи од терористичко- криминоген тип.
Не е во прашање неговата „отвореност“, туку завеаните и избришаните траги од страна на организаторите од една, како и способноста првите да се откријат. Притоа е „општопознато“ дека нарачателите и организаторите, а потоа и извршителите (на самото место), однапред го подготвиле „бришењето“, без оглед на цената и последиците. Нивниот проблем се завеаните траги; колку долго можат да останат такви, дали ќе бидат завеани и кога „ќе пукне пролет“.Дали започна одвејувањето на трагите до извршителот/извршителите, организаторот/организаторите и нарачателот/нарачателите на атентатот врз првиот претседател на независна и самостојна Република Македонија? На одговорот треба да се почека. Во меѓувреме не е на „одмет“ да се следи однесувањето на оние што во тоа време, пред 13 години, беа во првите “државни редови“. Затоа што е најтешко со глумење да се скрие „вознемирот“. Тоа го знае и последниот актер (не мислам само на глумците, туку и на редарите, чистачите…) во која било драма со „драматично“ дејство.
Во врска со најновата „бомба“ на Љубомир Фрчковски, во времето на атентатот министер за внатрешни работи, најнапред треба да се констатира дека тоа не е никаква „бомба“, бидејќи би „експлопдирала“ во неговите раце уште пред да ја „обзнани“. Зошто некој би му ја дал „неактивирана“, особено ако се знае дека тој не е колекционер на „експлозивни материјали“? Не станува збор ниту за „проработена совест“ на директен или индиректен учесник.
Мислам дека се работи за смислена и „навремена“ мобилизација на јавноста, чија „заднина“ допрва (мошне скоро) ќе се открие. Можеби и на самиот Фрчковски тоа засега не му е јасно или, пак, не му е доволно познато, па допрва ќе дознае дека бил само „маша за потпалување“.
Во обидот да подоткријат нешто токму од „заднината“, некои потсетија на тогашните „околности“ односно „контекстот“ на терористичкиот чин: дека се случи во време кога Собранието ја ратификуваше Спогодбата со која се прифати Република Македонија да биде примена во ООН под „привремена“ референца FYROM (ПЈРМ)- „само два- три месеци“; дека Глигоров во своите мемоари напиша оти Грција токму преку Фрчкоски му испратила понуда за поткуп од 5 милиони долари доколку е кооперативен со Атина (ова не предизвика никаква реакција ниту од оние што ги прочитаа); тој го одбил поткупот, но е прашање дали парите не ги зел некој друг од власта (СДСМ) која тогаш и потоа беше мошне „кооперативна“ (гледајте ги „главните“ в лице, „право в очи“, „вознемирот“ тешко може да се скрие со глума; особено „читајте ја“ нивната рамнодушнот, ладнокрвност и незаинтересираност).
Атентатот се случи во една стабилна безбедносна, политичка и економска состојба во земјава и опкружувањето: меѓу другото, Србија од нашава земја се снабдуваше со нафта, цигари, алкохол…(не е иронија, се мисли на меѓународната блокада на северниот сосед), а исто така и со Грција по прифаќањето на референцата односите се „релаксираа“; натаму, СДСМ по изборите во 1994-та имаше апсолутна власт со над 100- мина пратеници во Парламентот, што значи целосна контрола врз сите државни и судски органи; тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски не се појави на денот на атентатот, ниту, пак, наредниот; а потоа тој и портпаролот на тогашната Влада Ѓунер Исмаил излегоа пред јавноста со изјава дека се на добра трага и имаат сознанија кој стои зад атентатот: „Ослободителна војска на Македонија“ со седиште во Австралија (никогаш откриена); подоцна бугарската компанија „Мултигруп“ (и тоа не се докажа).
По објавувањето на колумната во која „одвеа трага“ (дека има сведок кој тврди оти тогашни функционери на полицијата учествувале во монтирање на доказите во врска со атентатот), Фрчкоски без никаква двојба веднаш го прифати повикот и се појави во Обвинителството, а што „само по себе“ е мошне индикативно. Меѓу другото, можеби затоа што тој самиот со „монтировката“ докажува оти нема никаква врска, значи не сноси лична одговорност. Во 30-минутниот разговор Фрчкоски на Обвинителството му го открил идентитетот на сведокот.
„Тој не е мој извор, туку е сведок за кој мислам дека во истрагата може да им користи и ништо повеќе“, изјави потоа.
На новинарското прашање “Дали и самиот се смета дека е одговорен, бидејќи тогаш бил шеф на полицијата“ одговори:
„Мојата одговорност најотворено ја ставам на располагање и сега, како и пред 13 години, кога како министер за внатрешни работи поднесов оставка“.
Неофицијално, Фрчкоски на јавниот обвинител му предал документ кој содржи писмено сведоштво на лице кое во тоа време било припадник на Дирекцијата за разузнавање и контраразузнавање, дека 6- мина до 8- мина вработени во неа биле вклучени во атентатот врз Глигоров.
Јавниот обвинител Љупчо Шврговски потврди дека сведокот е детектиран, но од разбирливи причини не открива кога и како ќе биде обезбедена негова официјална изјава за истрагата:
„Откако ќе го утврдиме идентитетот ќе го повикаме, ќе го сослушаме тоа лице, па да видиме какви информации ќе добиеме од него за евентуално да продолжиме со понатамошно истражување. Ние немаме официјална истрага, се е ова во преткривична постапка, бидејќи немаме познат извршител за кривичното дело. Ако од исказот на сведокот произлезат сомненија дека конкретни лица се вклучени во атентатот, ние ќе ја официјализираме постапката. Но, се уште е рано да се прејудицира што било“.

Потсетување како корекција: веднаш по атентатот Фрчкоски не поднесе оставка, како што сега вели, туку само му ја понуди на тогашниот премиер Бранко Црвенковски. Тој, пак, не ја прифати, туку од местото „прв полицаец“ го премести на друго (повисоко; некои иронично коментираат дека тоа било „награда“)- „прв дипломат“ односно министер за надворешни работи.
За „не- бомбата“:
Сведокот му раскажал на Фрчковски дека тајната полиција, а не некој турист од Германија, ги направил фотографиите на автомобилот „Ситроен АМИ“ во кој бил поставен експлозивот. Тврди и дека лицето од фотороботот на божемниот извршител по кој трага МВР е всушност службеник на тогашната Државна безедност.
За волја на вистината, тогаш се водеа неколку линии на истрага, а некои беа насочени кон соработници на полицијата од редовите на криминалците, особено нарко дилерите, но тие брзо беа „заборавени“.
Се наведува уште еден неспорен факт (кој мора да се има предвид):
Додека премиер беше Црвенковски, а министер Фрчкоски, никогаш не е отворена сериозна истрага за атентатот. Ова се однесува и на периодот по 1998- ма година, кога државен обвинител беше Ставре Џиков. Тој се обиде да стори нешто, но трагите- документи и сведоци се уште беа (и се) добро завеани.
Која и колкава е одговорноста на Црвенковски и Фрчковски оти немало сериозна и темелна истрага, кој ја прикривал, чиј авторитет „играл“ до таа „мера“ да може на сведоци од типот припадници на ДБК со години да им наредува молчење и прикривање на докази?
Се шпекулира и за мотивот МВР да биде дел од планот за атентат: власт „преку ред“ и по скратена постапка (коментар во весникот „Вечер“). Имено, се потсетува дека Глигоров во тоа време беше апсолутна и неспорна власт во државата, а „некој, очигледно, сакал да биде поинаку, и затоа ја употребил полицијата за свои намери и цели“.
Во еден друг напис (на А1ТВ) се потсетува на „мистериозното потоа“, односно на „бришењето“ на трагите до организаторот/организаторите на атентатот врз Глигоров: многу самоубиства, несреќни случаи, сообраќајни несреќи на директно или индиректно вмешани полицајци и очевидци.
Јавниот обвинител Бундалевски, тогашниот директор на ДБК Величковски и истражниот судија Здравко Василев (кои сигурно знаеле детали за атентатот) повеќе не се живи; Тања Павлоска, стенографка во Управата за оперативна техника, беше најдена мртва во близина на кругот на МВР со огнострелна рана во челото, од истрел со пиштол (пиштолот никогаш не беше пронајден; нејзините најблиски не можеа да поверуваат во тоа); починаа и тројцата полицајци кои се возеа зад возилото на Претседателот- Мојсовски загина во сообраќајна несреќа, Гавриловски го прегази воз, а Ризевски почина од срцев удар (поради „преголем стрес“); почина и Петрит Аме, човек на „Братиславската врска“, но неговото тело никогаш не е пронајдено; во сообраќајна несреќа загина и Наип Лесковица, братот на Аслан Нуши, човекот кој повеќе пати македонската полиција го третираше како атентатор на Глигоров (Нуши неколкупати беше приведуван и повторно ослободуван, но никогаш не се докажа колку знае или какво и колкаво е неговото учество во атентатот); Илија Павлов, првиот човек на бугарски „Мултигруп“, беше убиен во својот стан во Софија – убиството остана мистерија; а Иво Јанчев, директорот на претставништвото на „Мултигруп“ во Скопје, е пронајден обесен во Бугарија под сомнителни околности.
Од друга страна, ниту едно име на политичар или, пак, државен функционер никогаш не е поврзано со атентатот. Енигма остана зошто не одговараа службите кои требаше да го спречат и оние кои требаше да го истражуваат.
И што по сето ова? Да, ќе се истражува, досието „малку повеќе“ ќе се отвори, но лично не сум убеден дека атентатот конечно ќе почне да се расветлува односно дека ќе почне одвејувањето на трагите на неговите извршители, а особено на неговите организатори и/или нарачатели.
Есен е, па е се уште далеку „пукањето на пролетта“.






