Одбележан Денот на македонската револуционерна борба
Одбележувањето на Денов започна вчера. Министерството за образование и наука за средношколците во земјава организираше историски час. Се одржа во просториите на Младинскиот културен центар, каде што беа прикажани видеозаписот „Заклетва“ и документарците „Илинден 1903“ и „Крушевска Република“. Притоа на учениците кои ги освоиле првите 3 места на републичкиот натпревар по историја, што се одржа во Прилеп, им беа доделени награди.
Вечерва во Македонската опера и балет се одржа Свечена академија на која се обрати Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски. Потоа присутните ја разгледаа изложбената постановка во фоајето.
Во Свечената сала на Собранието на Република Македонија е доделена дражавната награда „23-ти Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно- историско наследство на Република Македонија. Во една година таа им се доделува на најмногу 5 лица. Паричниот износ изнесува 10 просечни плати исплатени во последните 3 месеци од тековната година.
Наградата за остварување во областа на науката ја добија Д-р Марко Китевски- фолклорист и Д-р Зоран Тодоровски- историчар, а наградата за остварување во областа на културата и уметноста писателот- академик Ташко Георгиевски, артистот Петар Темелковски и ликовниот уметник Милош Коџоман (втори).
Наградите предизвикаа жестоки реакции од опозицијата, пред се од СДСМ. Всушност, се работи за една „спорна“- наградата на историчарот Зоран Тодоровски, за кого се тврди дека застапува ставови блиски на бугарската историографија. Притоа таа „пропушти“ да им ги честита наградите на другите, чие творештво е неспорно, мошне значајно, со што покажа не само непочитување, туку и недостиг на основна култура.
Изјава на Зоран Заев, в.д. претседател на СДСМ:
„Самото доделување на награди на личности како Господинот Зоран Тодоровски, директор на Државниот архив, човек којшто директно ги потенцираше бугарштините и бугарските интереси, којшто директно го негираше македонското потекло и македонштината на Крсте Петков Мисирков, се уште еден доказ дека ваквите празници и нивната злоупотреба не треба да бидат мегдан на ниту една политичка партија“.
Забележани изјави по повод реакциите:
Елизабета Канчева Милевска, министер за култура: „Одборот е формиран од страна на Собранието на Република Македонија. Во него има академици, професори, доктори на науки, истакнати личности коишто увидот врз целата документација, која била доставена за избор, ја вршеле во согласност со сите критериуми“.
Паскал Гилевски, член на Одборот:
„Имаше комисии и комисиите предлагаат, помеѓу нив и името на Зоран Тодоровски како историчар, како научник. Доби доволно гласови“.
Историчарот Зоран Тодоровски за високата државна награда бил предложен од тројца свои колеги од Филозофскиот факултет, од отсекот по историја.
Самиот Тодоровски кој, да потсетам, во научната јавност предизвика лавина полемики поради своите ставови за Тодор Александров, Македонската патриотическа организација, а особено за мемоарите на Мисирков, негира дека застапува бугарофилски идеи:
„Најпрвин треба да ги прочитаат моите дела, а потоа да разговараме објективно и реално за оние нешта што јас сум ги напишал, а не што тие само по пат на етикети ги измислуваат и ми ги припишуваат“.
„Малку повеќе“ за непочитувањето, непримерното однесување, некултурата, а пред се неодговорноста на опозицијата:
Таа и оваа, како минатата година, ја бојкотираше прославата на Денот на македонската револуционерна борба, а на доделувањето на традиционалните награди во највисокиот законодавен дом не присуствуваа ниту претседателот на државата Бранко Црвенковски, ниту голем број на носители на државни функции. Исто така отсуствуваа албанските партии и претставници од помалите етнички заедници.
Прашан за причините лидерот на СДСМ Заев потсети дека Законот за празници бил донесен без јавна расправа (што не е точно) и учество на опозицијата, но главната причина била наградата на директорот на Државниот архив Зоран Тодоровски. Смета дека името ВМРО им припаѓа на сите Македонци во државата.
Ако не знае, неговите партиски другари или компетентни луѓе досега можеле да го научат дека денов не е Ден на ВМРО (уште помалку Ден на ВМРО-ДПМНЕ), туку „Ден на македонската револуционерна борба“, како што и стои во Законот за празници. А нели и тој и неговите сопартијци (и другите, од опозицијата и останатите) се залагаат за правна држава, европски стандарди, членство во ЕУ и НАТО, што значи пред се почитување на законите?
За да не се трудат многу оние што не знаат или се во дилема каков празник е денешниов, најнапред ја приведувам изјавата на историчарката Виолета Ачковска (белким не им е спорна нејзината компетентност и стручност, ниту партиската „необоеност“):
„Ова е голем национален празник за нашата држава, бидејќи оттука потекнуваат корените на борбата на македонскиот народ за негова државност“.
Ачковска „посредно“ го критикуваше токму непочитувањето на сопствената историја. Се надевала оти овој празник ќе биде ден на национално обединување на македонскиот народ, зашто сите Македонци што живеат во оваа држава треба да си го знаат сопственото минато. Изрази жалење што две години едноподруго празникот се (зло)употребува во политички цели за да се дисквалификува една партија:
„Ова не е празник на ВМРО-ДПМНЕ, туку празник на македонскиот народ“.
Таа ги отфрли обвинувањата на опозицијата како лични и неаргументирани. Се изјасни и за наградата на Тодоровски: доделена му е за огромен опус од македонската историска наука и за едно богатство од документи што ги презентирал:
„Тодоровски не напишал дека Тодор Александров или Крсте Мисирков биле Бугари. Тој не ги пишувал документите, туку самите историски актери се потпишувале онака како што мислеле во тој момент. Дневникот на Мисирков е извонреден споменик на македонската историја и секој Македонец треба да го прочита“.
Потсетник и „ука“ за незнајковците:
Празникот се празнува по повод формирањето на Македонската револуционерна организација во Солун, на 23-ти октомври 1893-та година. Во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов се собрале 6- мина: Д-р Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Основаат конспиративна група што ја нарекуваат Македонски револуционерен комитет. Организацијата си поставила за главна цел борба за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.
Формирањето на ВМРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903-та и Крушевската република, а потоа преку НОВ, резултира со создавање на современа самостојна македонска држава.
Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и на националностите кои живееле на оваа територија за формирање на независна држава. Во политичка смисла, тогаш борбата за автономија значела формирање на самостојна држава. Затоа 23- ти октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.
Опозицијата и некои македонски историчари сосема погрешно овој државен празник го сметаат за контроверзен и, следствено, не треба да се слави, изнесувајќи некои „дискутабнилни“ моменти од минатото (што само по себе не значи контроверзност, туку само една од отворените страници на историјата; тоа може да се „прави“ и со низа други наши сегашни и поранешни, но и празници на други, пред соседни народи- на пример „Вториот Илинден“):
ВМРО е основано во Солун на 4-ти ноември (23 октомври-стар стил) 1893-та година. На овој состанок било разгледувано прашањето околу дејствувањето и работењето и идејната поставеност на новата македонска организација. Било одлучено организацијата да дејствува револуционерно и сите активности да ги спроведува строго конспиративно. Дејствувањето да се извршува исклучиво на територијата на Македонија, во нејзините природни етнички и историски граници, и во неа да членуваат лица родени или исклучиво кои живеат во Македонија, без да се гледа верската и националната припадност. Дискусиите се одвивале во правец на автономија на Македонија со цел да се искористи чл. 23 од Берлинскиот договор.
Што од наведеново го прави празникот контроверзен? Дека 23-ти октомври е според стариот стил (4-ти ноември според новиот), а на пример Илинден се слави според новиот (според стариот би требало на 20-ти јули)? Дали знаете, кога би се надминал тој „проблем“, поврзан пред се со МПЦ- таа да го прифати новиот стил односно Грегоријанскиот календар, колку верски и државни празници ќе мораме да „поместиме“? Почнувајќи од Божик (Без Нова година)…






