Значајна конференција во Астана- учество на Милошоски
Во Астана, Казахстан, се одржува министерска конференција на западните и муслиманските земји „Заеднички свет: Прогрес низ различности“.
По дебатите организирани во две сесии, министрите за надворешни работи и високи претставници од 30-тина земји ќе потпишат заедничка декларација со порака за поголема толеранција и за зачувување на мирот и стабилноста во светот.
Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски утре, во рамките на првата сесија, ќе зборува за интензивирање на глобалниот дијалог преку кој може да се надминат цивилизациските разлики од социјален, етнолошки, културен и религиозен аспект.
Некои акценти:
Македонија, како мултиетничка демократија која последниве неколку години мина низ многу предизвици, може да биде одличен пример за тоа како на национално ниво се воспоставува и одржува дијалог помеѓу припадници на различни култури и религии. Градење на општество на еднакви можности за сите е основната цел. Секој, без оглед на неговата национална или верска припадност, има можност да се вклучи во политичките, економските и останатите општествени процеси. Токму различностите треба да се искористат како инструмент за промовирање на соживот, толеранција и разбирање.
„Наша обврска, како политичари, е да создадеме услови за градење толеранција и разбирање во општеството, но за тоа ни е неопходна помош од локалните власти, религиозните групи, цивилниот и приватниот сектор“.
Според Милошоски, секоја држава е одговорна за креирање на социјални политики што ќе базираат на дијалог и, пред се, на почитување на човековите права. Политичките лидери треба заеднички да се заложат и да ги обединат своите напори за создавање на свет во кој дијалогот на различности и меѓусебната почит ќе им речат „Не“ на немањето комуникација и на недоразбирањата.
Две средби на шефот на македонската дипломатија на оваа конференција имаат особено значење.
Русија и натаму ќе ја поддржува Македонија во однос на признавањето на нејзиното уставно име и неговото постојано користење, изјави Милошоски по средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров:
„Оваа политика очекуваме, и ни беше дадено уверување, дека ќе продолжи да биде принцип на Руската федерација и во следниот период“.
Како што јави известувачот на МИА, тој го информирал Лавров за признавањето на Косово од македонска страна.
„Нашето објаснување беше дека тоа е одлука што би ја донела секоја држава, доколку би била во позицијата во која се наоѓаме ние- и етнички, и географски и политички“.
Лавров на тоа напомнал дека признавањето на Косово е одлука на суверена држава и нејзина самостојна проценка како треба да постапува во такви ситуации.
Двајцата министри се согласиле дека Македонија и Русија треба да ја интензивираат соработката, посебно на економски план. Заеднички било констатирано и оти постои добра пријателска клима помеѓу двете земји која треба да се искористи, не само за средби на министерско, туку и за што почести и повисоки посети на претседателско и премиерско ниво.
„Економската соработка засега е скромна. Изразивме желба руските компании, особено од областа на енергетиката, да ги разгледаат можностите што ги нуди Македонија, но и плановите на македонската Влада за проширување на гасоводната мрежа“, истакна Милошоски.
Тој оцени дека од руска страна има подготвеност за стапување во директен дијалог и за разгледување на македонските инвестициски можности.
На средбата Милошоски го покренал и прашањето за подмирување на клириншкиот долг помеѓу Македонија и Русија кое, како што рече, се очекува да биде решено во следните неколку месеци.
„Нашите влади веќе разговараат и очекуваме следните месеци да постигнеме решение што ќе го затвори ова прашање“, рече министерот.
Во текот на разговорите станало збор и за прашањата од највисок интерес за Русија – состојбите со Грузија, Абхазија и Јужна Осетија.
Од наведеното, најважна е натамошната поддршка на Русија на уставното име на земјава и заложбата за јакнење на економската соработка. А што се однесува на прашањата од највисок интерес за Русија – состојбите со Грузија, Абхазија и Јужна Осетија, има „недореченост“ која најверојатно наскоро ќе се „дорече“: се уште е „на сила“ веќе „испорачаното“ барање Македонија да ја признае независноста на Абхазија и Јужна Осетија. Позицијата малку ја „олеснува“ Лавров со ставот дека признавањето на Косово е одлука на суверена држава и нејзина самостојна проценка како треба да постапува во такви ситуаци, што, се разбира, еднакво (ќе) се однесува и на спомнатите. Што се однесува, пак, на Грузија како „комплексно прашање“, тоа сигурно нема да го „заобиколи“ и нашава земја.
Македонија е заинтересирана за отворање на дипломатско претставништво во Казахстан и тоа најверојатно ќе се реализира идната година, е една од темите за разговор на министрите за надворешни работи на двете земји Антонио Миолошоски и Марат Тажин. Тоа е и дел од протоколот за соработка на двете министерства.
Македонија нуди одлични можности за инвестиции. Се предлага организирање на македонско- казахстански бизнис форум во најскоро време.
Посетата на Милошоски е прва работна посета на Казахстан на високо државно ниво.
Казахстан е самостојна држава од 1991- ва година. Последна се издвои од поранешниот Сојуз на советските социјалистички републики и денес е една од од 9- те најголеми земји на светот. Економски се развива многу интензивно. Лани бруто домашниот производ на Казахстан пораснал за 8,5% и изнесувал 11.000 долари по глава на жител. Извозот бил 48,35 милијарди долари, а увозот 33,2 милијарди.
Казахстан зафаќа територија колку 110 Македонии, а има 15,3 милиони жители. Најбројно население се етничките Казахстанци кои потекнуваат од турски и монголски номадски племиња, а по нив се Русите. Од 1998-ма година главен град е Астана, а Алма Ата останува најразвиен бизнис центар.






