Засега ништо од „новиот“ СДСМ
„Најголемата“ опозициона партија СДСМ(во наводници оти е мошне дискутабилно односно речиси сигурно дека не е тоа, особено не во однос на значењето и улогата што би требало да ја има како „клучен играч“ на македонската политичка сцена) продолжува со стариот „манир“: да ја бара вистината од други (од Владата на Груевски) користејќи лаги и сопствени конструкции. Па и веќе „популарните“ јавни трибини (во наводници оти не се тоа, како што веројатно било планирано, туку „чисто“ партиски- на кои учествуваат и или партиски „војници“ или партиски „приврзаници“) се обична лакрдија; на нив се презентираат „докази“ за лошто владеење на позицијата кои и нејзе, но и на многу други (пред се на медиумите) им служат за мајтапење- директно или индиректно сеедно).
Сето тоа е само уште еден доказ за „вредноста“ на познатиот виц за „кризата“ на јавната куќа: не ја „надминала“ зашто ги променила чаршавите, а не…
Ако сака СДСМ да се врати на „првата“ позиција (сега опозициска, а во догледно време и позициска- водечка, владејачка), мора час поскоро да го направи она што хроничарите и аналитичарите (помеќу нив и мојата дребност) одамна го препорачуваат односно сугерираат: или радикална „чистка“ на неговите редови, пред се на неговиот врв (не со в.д лидери и в.д. „избрано друштво“) или „бришка“ на СДСМ како партија и се од почеток. Дури можеби и само со розата како партиски симбол, не „ставена“ во жолта петокрака. Можеби е најава токму на таквиот потег она што го гледаме на „тапетот“ зад сцената на која се „одигруваат“ сегашните трибини или прес конференции.
На пример, „чистката“ да почне со Владо Бучковски како „иницијатор“ на пласираната лага со која го избламира СДСМ, а потоа и другите што ја прифатија како партиска. Се „исртча“ Буковски (веќе му „личи“ тоа) пред ТВ камерите за да изјави :
„Во Брисел веќе ги изгубија нервите и невообичаено за нив, на моменти не ги манифестираа дипломатските манири, туку имаа една реторика која не е позната…Не е вообичаено да се прераскажуваат средбите и притоа да се додаде она што сака да го чуе јавноста. Не е проблемот со оваа средба и со овој гаф дека нешто може да биде полошо за РМ. И така таму не ни цветаат рози, знаеме дека имаме посериозни проблеми. Но не треба и онака малкуте кои изразуваат симпатии кон РМ да ги загубиме заради непотребно брифирање со популистички цели“.
СДСМ „констатира“ дека во последните 10 години првпат генералниот секретар не го пречекал Премиерот, првпат немал изјава од Шефер по средбата.
Како што „видел“ Бучковски на македонските телевизии, Шефер при средбата со Груевски во Брисел не се однесувал „вообичаено“ како домаќин, не го пречекал „на врата“.
Реагираше Владата ( и некои „нејзини“ телевизии) со снимка од пречекот на која „убаво“ се гледа колку срдечно, со широка насмевка Шефер му ја отвора вратата, се ракува со Груевски и заедно влегуваат во „приемната“ зграда. Што се однесува на изјавите, објаснението од ВМРО-ДПМНЕ е дека ги немало поради „временски теснец“.
Друго е прашањето што во меѓувреме се избламира и НАТО со тврдењето дека „зградата“ служела и за приватни посети. Тоа е нешто навистина ново и треба да се има предвид при следните одења на „баци рака“ кај Шефер на кој било наш „државник“.
Реакцијата на СДСМ е „премиерот Груевски да не кажува работи што сака да ги слушне македонската јавност, туку вистината“.
А „вистината“ (е или не е, којзнае дали воопшто ќе се открие; верно е дека по бламажата на НАТО, која е очигледно „резултат“ на стравот што Алијансата го има од само еден свој член- Грција, брзо ќе се „заташка“ и заборави; кому треба таков „плашлив“ НАТО?) според Груевски е дека Шефер ќе го отвори прашањето за инцидентите во Леринско пред амбасадорите на земјите- членки на Алијансата. Портпаролот Апатурај, пак, изјави дека НАТО нема право да има став за ова прашање, а дополнително побара кога се изнесуваат детали од средби од затворен тип тоа да се прави прецизно.
Да го пренесам и „непрецизното“:
„Премиерот Груевски го спомна инцидентот на северот на Грција. НАТО нема свое видување, НАТО нема право да има видување за овие прашања. Генералниот секретар внимателно слушаше што Премиерот имаше да каже“.
Дополнително, по изјавите на Груевски, Апатурај повторно се огласи да потврди дека Шефер нема намера да го отвора прашањето на амбасадорски состанок во Алијансата и порача:
„НАТО очекува приватните разговори да останат приватни, а кога веќе се објавуваат, тие да бидат правилно пренесени“.
„Не сметаме дека тоа било дел од приватен разговор. Изразуваме жалење ако сме предизвикале недоразбирање“, велат од кабинетот на Груевски.
ВМРО ДПМНЕ останува на вчерашните изјави на Премиерот. Во партијата (веројатно и во Владата) не можат да разберат како некој може да помисли средби од највисок државен интерес да ги третира како приватни:
„Ние стоиме на изјавите кои беа дадени претходниот ден и не можеме да разбереме како може некој да помисли дека средба на која присуствува Премиер, вицепремиер, министер за одбрана, амбасадори, воени претставници на РМ, шефови на кабинети итн… да ја третира како приватна средба. Веројатно дилемата е во тоа што требало да се пренесе а што не во јавноста“, рече Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ.
Уште колку работи од НАТО и ЕУ ќе мораат допрва да разберат нашиве политичари од позицијата и опозицијата…
Но првото е да не се „истрчуваат“ и вистината да ја бараат од други со сопствена популистичка лага.






