„Американската карта“ за Скопје и Атина
Република Македонија немала и нема никаква „американска карта“ в раце за решавање на „спорот“ со јужниот сосед (во наводници оти воопшто не станува збор за спор, туку, да повторам по којзнае кој пат, за проблем на Атина со име на друга- соседна држава, што е сам по себе парадоксален, апсурден, нонсенс, непримерен за меѓународни, а пред се добрососедски односи). Зашто, доколку ја имаше, доколку ја има, ќе ја искористеше односно ќе ја користи максимално до „последен момент“- до претседателските избори во САД, а можеби и по нив (доколку победи републиканецот МекКејн).
Всушност се работи за „тотално спротивното“, но невешто замаскирано според познатата полит- воена стратегија: „Нападот е најдобра одбрана“.
Имено, одамна е јасно дека Данајската република (за некои Грција) одамна игра токму на своја „американска карта“, која конечно и се официјализира, а се вика Барак Обама- демократскиот кандидат за иден претседател на САД.
Невештата манипулација со „американска карта“ на Скопје ја направи данајскиот односно грчкиот весник „Елефтерос типос“, објавувајќи текст токму со „карташко откритие“: Скопје отворено игра на „американска карта“. Поентира: Прашање на денови е кога Скопје ќе го признае Косово!
Од каде Косово во „американската карта“ на Скопје? Весникот со „неподнослива леснотија“ на лажење на своите читатели тоа го поврзува со „силната поддршка на администрацијата на Џорџ Буш во услови на разговори околу обидите за решавање на проблемот со Атина за името на Македонија“.
Имено, според „Елефтерос типос“, се очекува Скопје да ја соопшти одлуката на 23-ти септември, кога во Њујорк, на сесијата на Генералното собрание на ОН, ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и претставници на Македонија. Дипломатски извори во Атина оценуваат дека развојот на настаните ќе отвори нов циклус на притисок врз Грција.
„Владата во Скопје отворено игра на „американска карта“, менувајќи ја својата перспектива за членство во ЕУ и НАТО, со претворање на земјата во постојан сателит на САД, што значи и силна заштита“, пишува весникот.
А што би било лошо во таквото „менување на перспективата“ односно „замена“ на членството во НАТО и ЕУ, кое го спречува токму Атина, со „постојан сателит на САД“? Зошто страв?
Меѓутоа, за тоа колку голема „зелена“ тресна „угледниот“ весник, доволно е само да се „потпраша“: доколку за САД е прифатлив „сателитскиот статус“ на Република Македонија, зошто тие дозволуваат толку многу да се измачува, во сиве изминати години, повеќе од деценија ипол, да се тормози медијаторот Метју Нимиц со некаков си „билатерален спор“, „заеднички проблем“ и слични ординарни ступидарии наметнати од Атина? И второ, каков статус има јужниот сосед во „рамките“ на САД како НАТО- сојузник? Да не е одамна сателитски?
Не треба да се измачуваме со барање на одговори на корпусот на вакви прашања. „Општиот“ одговор го даде (и многу ни олесна) еден друг данајски односно грчки весник: „Катимерини“.
Тој објави јасно и децидно дека конечно може да се обелодени „американската карта“ на Атина, и тоа како „речиси сигурна“:
Претседателскиот кандидат на демократите во САД Барак Обама изрази поддршка за позициите на Грција во спорот за името на Македонија.
Според весникот, во говор во Њу Хемпшир Обама застанал зад претходното обраќање на претседателката на организацијата на американските Грци – Панмакедонски сојуз на Америка, Нина Гадзули. Во своето обраќање таа ја посочила декларацијата на американскиот Сенат, во која се бара од Македонија „да ја запре пропагандата против Грција, да преговара за наоѓање на заемно прифатливо име и да соработува за стабилноста и мирот на Балканот“.
Бидејќи победата на Обама станува се посигурна, Атина покажува се поголема сигурност во „играта“ со обезбедената „американска карта“.
А колку ли платила за неа? Веројатно ни Господ не знае, ниту, пак, некогаш ќе дознае.






