Шансата (алтернативата) на Македонија е во дисперзираното високо образование
Една од кампањите на Владата на Никола Груевски што наиде на добар прием (интересно, нема поголеми забелешки ниту од опозицијата) е секако онаа з азнаењето- дека е тоа сила, тоа е моќ. И не само што е добро примена, туку може да се оцени дека е извонредно прифатена од „најзасегнатите“- младите.
Нивното запишување на факултетите годинава има една нова „страница“ со долгорочни цели: дисперзија на универзитети и факултети, конечно надминување на она што со децении најмногу негативно влијаеше врз концентрацијата на се во Скопје, а за сметка на сите останати градови во Македонија.
Треба ли да потсетувам на политичките „игри“ дури и со трагични последици (убиство) само поради тоа што се бараше Скопје и Битола веќе да не бидат единствените универзитетски центри во земјава (да, мислам на „голготата“ на Тетовскиот универзитет)?
Која штета од повеќе универзитети и факултети секаде каде што за тоа постои интерес (број на студенти), потреба (на стопанството за високообразовани кадри) и услови? Зошто не и во рурални средини (земјоделски факултети)?
Се разбира, поддршката на дисперзираното високо образование е максимална- апсолутна доколку е тоа дел од долгорочна развојна стратегија, која опфаќа сеоптш- стопански, образовен, културен итн. развој, подобрување на демографската структура (ја имам предвид и кампањата за трето дете), интензивен развој на локалната самоуправа итн. За што досега немам слушнато или прочитано (ако ја има, несфатливо е таа „кампањски“ односно медиумски да не се „обработува“), но верувам дека е „дисперзирана“ во најважните „преродбенички“ чекори.
За вториот уписен рок:
На универзитетите во Скопје, Битола и Штип тој ќе трае 2 дена, а на Тетовоскиот- до 18-ти овој месец.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има 4.343 слободни места, од кои 1.807 во државна квота, 1.941 со кофинансирање и 595 места за вонредни студенти.
На Универзитетот во Битола има 1.950 слободни места, на Штипскиот 2.449 и на Државниот универзитет во Тетово 2.025.
Министерството за образование и наука информира дека ќе бидат ослободени од целосно кофинансирање сите оние студенти кои веќе се запишани или ќе се запишат на Факултетот за рударство, геологија и политехника на Штипскиот универзитет, на Технолошко- техничкиот факултет во Пробиштип, при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Машинскиот факултет во Виница, Електро- техничкиот факултет во Радовиш, Земјоделскиот факултет во Штип, Техничкиот факултет во Битола, Технолошко- техничкиот факултет во Велес, Факултетот за применети науки при Тетовскиот универзитет и Природно- математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Во вториот уписен рок има 322 слободни места на Факултетот за рударство, геологија и политехника на Штипскиот универзитет, 98 места на Технолошко- техничкиот факултет во Пробиштип, 94 на Машинскиот факултет во Виница, 98 на Електро- техничкиот факултет во Радовиш, 195 места на Земјоделскиот факултет во Штип, на Техничкиот факултет во Битола 111 на машинскиот отсек, 75 слободни места на отсекот за сообраќај и транспорт, 31 на графичкиот отсек и 79 на електротехничкиот отсек. На Технолошко- техничкиот факултет во Велес во вториот уписен рок има 179 слободни места. На Тетовоскиот државен универзитет има на Факултетот за применети науки во отсекот мекатроника и економско инженерство и на Природно- математичкиот факултет за наставните насоки по математика, физика, хемија и биологија.
Интересно соопштение на Владата: превентивно ги извести јавните државни универзитети да запишуваат само онолку студенти колку што им дозволила во согласност со конкурсите за упис во академската 2008-ма- 2009-та година. По завршувањето на уписните рокови државниот просветен инспекторат ќе проверува кој декан или ректор надвор од предвидената бројка запишал поголем број на студенти.
За непочитување на владината одлука универзитетот или факултетот ќе биде казнет со глоба од 1 000 до 2 500 евра. Освен глобата од 500 до 1 000 евра за ректорот или деканот, ќе следат и кривични пријави за злоупотреба на службена положба. Доколку високообразовните институции самоволно одлучат да запишат поголем број на студенти, нивната одлука ќе биде поништена.
Од Владата велат дека ова го прават превентивно, бидејќи во минатите години било забележано оти деканите самоволно запишувале поголем број на студенти за кои немале обезбедено услови за настава.
Прашање „патем“: дали „самоволните декани“ биле санкционирани? Не треба „да се враќаме назад“? А можно ли е само со „превентива“ напред? Прашувам зашто се познати незавидните услови за настава на некои факултети за што сега се бара „помош“ токму од Владата.
Дека дисперзираното високо образование не се прифаќа од сите „од прва“, што е и очекувано, потврдуваат протестите пред Министерството за образование. Група матуранти кои не успеале да се запишат во првиот уписен рок на саканите факултети, од Министерството за образование бара проширување на квотите на најатрактивните факултети.
По состанокот во Министерството за образование студентите кои сакаа да се запишат на Медицинскиот факултет во Скопје биле препратени во вториот уписен рок да конкурираат на Високата медицинска школа на Штипскиот факултет, на Медицинската школа во Битола, како и на Медицинскиот факултет во Тетово. И правниците и економистите кои бараат проширување на квотите биле препратени на дисперзираните студии низ Македонија.
Конкурсите за дисперзираните студии ќе излезат допрва, а од скопскиот Универзитет велат дека ќе се држи настава таму каде што ќе има доволен број на студенти и обезбедени услови.
Колкав е интересот за студирање на новите факултети ќе се види и по третиот уписен рок. Во првиот на 4-те државни универзитети биле пријавени 12 198-мина идни студенти.
Потсетник:
„Знаењето е сила, знаењето е моќ“ е кампања на Владата на Македонија која има за цел влијание врз свеста кај јавноста за значењето на образованието. Оправданоста за неа се гледа пред се во поразителните податоци за образовното ниво на македонското население: 53% имаат основно и помалку од основно образование, а само 6,5% се со високо образование. Најголемиот дел од невработените се токму лица со завршено основно или помалку од основно образование, па оттука и апелот луѓето постојано да се образуваат. А само во 2007-ма година дури во половина од огласите за вработување се барало знаење на англиски јазик и компјутери.
Ќе приведам дел од едно реагирање- промислување по повод кампањата на Д-р Звонимир Јанкуловски, а со кое верувам дека ќе се согласите:
„Знаењето останува есенцијално во креирањето на свесност за можностите и предизвиците со кои треба да се соочите. Останува вистинската стратегија за успешно предвидување, адаптирање и контролирање на физичките и општествени феномени и промени. Само вистинското споделено и проверено знаење може да претставува моќна алатка за прогресот на оваа држава. Комбинацијата на знаењето и акцијата е основата на промените кои треба да се случат. Затоа на Владата лежи дополнителна одговорност во контекст на кампањата – да креира култура на знаењето. Култура на препознавање и наградување на вистинското знаење и новите идеи. Во таа насока Владата мора да креира отворен образовен амбиент во кој граѓаните ќе можат да усвојуваат и акумулираат нови знаења, кој ќе биде подложен на квалитет и подложен на компетитивност. Исто така, на Владата лежи одговорноста постоечкото акумулирано знаење во оваа држава да го стави и сподели со другиот свет. Македонското знаење да стане дел од глобалната мрежа на знаењето. Владата мора да ја направи реална можноста да го споделите своето знаење, вашите идеи, вашето искуство, па ако сакате и вашите грешки на оваа глобална мрежа. Нормално, ако имате што да споделите. Ако немате, тука ви се стилистите, козметичарите, пејачите и манекенките. Како бенчмарк на кампањата“.






