Србија зачекори кон ЕУ
Како што се очекуваше, според „распоредот“ на силите, српскиот Парламент го ратификува Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија. За ратификацијата гласаа 140-мина пратеници од владејачкото мнозинство и Либерално- демократската партија. Против беа пратениците од Демократската партија на Србија и Нова Србија, додека радикалите не учествуваа во гласањето.
Значајно е да се одбележи дека Собранието го усвои амандманот, предложен од Радикалната партија, со кој во Законот за ратификација на Договорот со ЕУ се прецизира дека Косово е дел од Србија.
Договорот за стабилизација и асоцијација беше потпишан во април годинава и претставува крупен чекор кон кандидатура и полноправно членство на Србија во ЕУ.
Се менува и расположението на граѓаните на Србија спрема членството на нивната земја во ЕУ. Една неодамнешна анкета на Стратешки маркетинг покажа дека околу 60% би гласале за ако се распише референдум. Апсењето на поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ и неговиот трансфер до Хашкиот трибунал не влијаеле врз рејтингот на партиите.
Меѓутоа, на државниот врв на Србија му претстои извршување на уште една тешка задача, можеби многу поодговорна и понеизвесна (во однос на реакциите) пред „својата“ јавност отколку за европската односно меѓународната: апсењето на Ратко Младиќ, поранешен командант на војската на босанските Срби, и еден од поранешните лидери на Србите во Хрватска, Горан Хаџиќ.
Српскиот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ за агенцијата АФП посочи дека потрагата по обвинетите е интензивирана по формирањето на новата Влада во Србија на 7-ми јули годинава. Според него, новата српска влада сака „да го затвори прашањето со Хаг“.
„Имаме значајна политичка поддршка. Постои очигледен консензус во сите државни институции да се реши тоа прашање“, изјави Вукчевиќ. „Работата на нашите служби е практично невидлива, но се работи многу“. Притоа додаде дека секој ден во Србија се мобилизираат до 10.000 луѓе во потрага по Младиќ и Хаџиќ.

Многу шпекулации предизвика изнесеното сознание од страна на Вукчевиќ дека „врз основа на сите досега собрани информации“ Младиќ се крие некаде во Србија. Најголемата е дека е тој веќе лоциран, па може да се очекува негово брзо апсење и предавање на Хаг.
Судејќи според се (расположението на народот, климата на поддршка на актуелната власт, се уште големиот број на поддржувачи на „ликот и делото“ на генералот итн.), неговото апсење може да се случи многу „помолскавично“ , поточно поненадејно од она на Радован Караџиќ, но сигурно не и полесно.
Во секој случај, Србија почна да чекори со крупни чекори кон ЕУ, но и Унијата како да брза што поскоро да ја прими во своите „прегратки“.






