Специфичен и поучен пат на Турција кон ЕУ
Турција може да биде поучна за сите земји- аспиранти на членство во ЕУ: дека е добро и треба да се настојува да се чекори со што побрзи чекори кон европското семејство, но не и премногу брзо, особено не во корист на сопствената штета. Имено, оваа земја е несомнено најголемиот- повеќедецениски „чекач“ за влегување во Европската унија. Нема пример на толку „специфичен“ однос на Брисел, пред се на „главните“ во него. Многупати досега му покажувала „заби“, не отстапувала од своите принципи, ставови, заложби, дури и се заканувала со прекин, па и ги прекинувала преговорите постојано нагласувајќи дека на Турција и е потребна ЕУ, но многу повеќе на ЕУ и потребна Турција.Ова се однесува и на Република Македонија. Некои забележуваат (критика насочена кон актуелната Влада) дека најверојатно веќе 4-та година земјава нема да добие датум за почеток на преговори, а конечно малку стивнаа неодамнешните заплашувања на народот со „Македонија нема алтернатива“, со апокалиптични прогнози дека ако „сега“ не и попуштиме на Грција, не го промениме името, ако сега не добиеме датум за преговори во ЕУ (и членство во НАТО), „Македонија брзо ќе пропадне“.
Добро е што некои во земјава (Груевски односно Владата), можеби токму поучени од примерот на Турција, зазедоа единствен став, кој најнапред значи одбрана на македонскиот идентитет и достоинство: во ЕУ и НАТО да, ама не по секоја, по која било цена.
За односот помеѓу Турција и ЕУ во минатото и денес може многу да се пишува, но овојпат ќе потенцирам само некои мошне важни, ако не и најважни нешта:
-Турција е стратешки најважна држава која аплицира на членство во ЕУ, а уште во 1959-та година се пријави за члентсво (тогаш во Европска економска заедница);
-од 1996-та е на сила договорот за царинска унија помеѓу ЕУ и Турција;
-со влегувањето на Турција во ЕУ бројот на жители би се зголемил за 14,7%, а БДП по глава на жител на подрачјето на ЕУ би се намалил за 10,5%;
-турското население е многу помладо од европското, па со влегувањето на земјата ЕУ нагло би добила млада и евтина работна сила.
Во однос на нереткото „покажување на заби“ на Европската унија, ќе наведам само еден „посвеж“ пример, од крајот на 2004-та година (декември):
Тогашниот турски премиер Реџеп Таип Ердоган ја обвини ЕУ дека се покажала неправедна спрема неговата земја кога одлучила да ги забави пристапните преговори, па односите на релација Брисел- Анкара станаа прилично затегнати. Имено, на состанокот во Брисел (12.12.2006.) на Турција и е оневозможено отворање на преговори за 8 поглавја додека не ги исполни обврските што ги презела со потпишувањето на Протоколот од Анкара, односно дека не ги отвори своите поморски и воздушни пристаништа за кипарските бродови и авиони. Тогаш Оли Рен истакна дека на Турција и е упатен „јасен сигнал“ оти неисполнувањето на законските обврски не може да помине неказнето.
Интересно, тогаш министерот за надворешни работи на грчкиот дел на Кипар, Јоргос Лиликас, изјави дека неговата земја размислува за вето, а го „поддржа“ холандскиот министер Бернард Бот со потсетувањето дека преговорите не се водат помеѓу Европската комисија и Турција, туку помеѓу Анкара и владите на сите (тогашни) 25 земји- членки, а „секоја од нив има право на вето ако го сака тоа“. Одбивањето е затоа што ЕУ не сака да ја укине економската изолација на северниот, турски дел на Кипар, што службено го признава само Анкара. Островот е поделен уште од средината на 70-тите години на минатиот век на грчки и турски дел, а кога ОН би успеале да дојдат до решение тоа би ја отстранило најголемата пречка во односите помеѓу Унијата и Турција. Непосредно пред влегувањето на Кипар во ЕУ, во априп 2004-та година е одржан референдум за обединување кој Грците го одбија, а чиј резултат беше само половина од островот да влезе во членство.
Во април минатата година агенцијата „Ројтерс“ објави резултати од истражување за шансите за влез на Турција во ЕУ. Главен резултат или заклучок: Турција нема да и се приклучи на Европската унија барем уште 10 години, а самиот пристапен процес, освен што е веќе делумно замрзнат, веројатно во догледно време нема ни да се забрза зашто пред Турција оваа година (2007-ма) се наоѓаат и претседателски и парламентарни избори, како и се уште нерешеното кипарско прашање. Средната прогноза за Турција, која е резултат на анкетирањето на претставници на 31 финансиска и академска институција, е дека влегувањето во ЕУ ќе биде во 2019-та, една година подоцна одошто предвидуваше минатото квартално истражување. Аналитичарите потенцирале дека постојат само 25% шанси оти ЕУ целосно ќе ги суспендира преговорите за членство, додека во последното (за кое станува збор) така мислеле 35%.
Најновата прогноза на Оли Рен е од април годинава:
Комесарот за проширување на ЕУ за германскиот весник „Велт“ изјави дека очекува Турција да и се придружи на ЕУ за 10 до 15 години, ако го продолжи своето моментно реформско темпо.
Во меѓувреме, австриската министерка за надворешни работи Урсула Пласник при посетата на Анкара (јуни) изјави дека земјата, иако вратите на ЕУ треба да останат отворени за Турција, би требало да разгледа алтернативни начини за придружување на блокот:
„Би можела да замислам специјално востановена турско- европска заедница како уште една рационална, реална алтернатива“, изјави таа на заедничка конференција за новинари со турскиот колега Али Бабачан. Бабачан, пак, повтори дека целта на Турција е полноправно членство во ЕУ.
Дденеска ЕУ ја повика Турција да го реформира Уставот, да излезе од циклусот на секојдневни политички кризи и да ја придвижи напред кандидатурата за членство во Унијата.
„Сега е време Турција да го модернизира својот Устав, за да ја одрази земјата и општеството во кое што се претворила, и да ги консолидира правата и слободите на своие граѓани“, изјави Рен по редовниот политички дијалог со најголемата земја- кандидт за членство. „Тие реформи се неопходни не само за преспективите на Турција за влез во ЕУ, туку главно за самата Турција, за да излезе од циклусот на секојдневни политички кризи“. Рен додаде дека за продолжувањето на реформите Анкара би требало да го искористи окончувањето на последната криза, кога Уставниот суд минатиот месец го отфрли обидот на државниот обвинител да ја забрани владејачката партија. Имено, во Турција на власт е происламистичката Партија на правдата и развојот, додека истовремено турскиот Устав го гарантира секуларниот поредок што го штитат правосудството и војската. Главната причина за политичките кризи се тензиите помеѓу владејачката партија и секуларниот естаблишмент.
Мислите дека Турција веднаш ќе се „затрча“ да го исполни барањето на ЕУ?
Актуелниот турски министер за надворешни работи Али Бабачан вчера (15.09.) изјави дека членството на Турција би го засилило дипломатското и политичкото влијание на ЕУ:
„Со Турција како член, ЕУ би играла водечка улога во светот“, рече тој на конференција за новинарите по состанокот на Турција и европската тројка во Брисел.
Бабачан додаде дека Турција го исполнила ветувањето усвојувајќи речиси 30 проевропски мерки и ќе продолжи да го прави тоа. На конференцијата присуствуваше и Рен кој истакна дека Унијата уште еднаш го потврдила стратешкото значење на Турција во текот на неодамнешниот судир во Грузија.
Во веста од Брисел се нагласува дека пред состанокот на тројката, Бабачан се жалел дека ЕУ полека ги води разговорите за придружување со Турција, зашто отворила само 2 од вкупно 35 поглавја во текот на секој 6- месечен мандат на претседавач на Унијата.
Ете, тоа е тоа. Достоинствено, рамноправно, никако не инфериорно.






