Секоја одлука на Брисел за земјите- аспиранти за членство во ЕУ има заднина
Тврдењето во насловот на овој напис можам да го поткрепам со низа аргументи, со низа конкретни одлуки за кои подоцна се покажало дека се работи за нешто друго. Нема значење тоа што во меѓувреме „другото“ излегло на виделина.
За „главите“ во Брисел основно правило е: „Не назад, само напред“. Тоа секогаш „топло“ им го препорачуваат на сите оние во чие минато нивните земји имаат вина или длабоко „замешале прсти“. Еднаш еден од „нивните“ дури дојде да ни поокаже на својот часовник дека тој, како и секој друг, „му работи само напред“.
Мошне „илустративен“ пример што се однесува на Република Македонија:
По распадот на СФРЈ, а по налог на Европската заедница, Роберт Бадинтер ја предводеше специјално формираната т.н. Бадинтерова комисија, која даде оценка дека само Македонија и Словенија ги задоволуваат условите за стекнување независност. Потоа, во 1992-ра година ЕУ во Лисабон донесе декларација во која, меѓу другото, со „црно“ е подвлечено дека нема признавање на постоењето на државава под име кое ќе го содржи зборот Македонија. Јасно беше тогаш, сега веќе не е „интересно“, кој стоеше, стои и ќе стои „зад“ таквата одлука. Сите подоцнежни услови (и последните „бенџмаркови“) што и се поставува(т) на Македонија се во таа „функција“.
Нешто слично, ако не и исто (допрва ќе се потврди или не), почнува да и се случува на Србија: Советот на министрите на ЕУ вчера не донесе одлука за одрмнување на Времената трговска спогодба затоа што немаше едногласна одлука на министрите за надворешни работи на Унијата.
На конференцијата за новинарите претседавачот на Советот, францускиот шеф на дипломатијата Бернар Кушнер, изјави дека на работниот ручек присуствувал и главниот обвинител на Хашкиот трибунал, кој ги изнел „правните, а не политичките оценки“, наведувајќи дека тоа била „фасцинантна дискусија“. Според него, по апсењето на Радован Караџиќ се поставило прашањето дали би требало да се одмрзне Времената спогодба. Притоа не заборави да потенцира дека „Србија има голема можност да стане членка на ЕУ“. (А која земја- аспирант нема?)
Европскиот комесар за проширување Оли Рен изјави дека верува оти Владата на Србија ќе ја продолжи соработката со Хашкиот трибунал „со полна решитерлност“, која ќе доведе до апсење на преостанатите обвинети, „првенствено на Ратко Младиќ“ (запомнете ги „преостанатите“ и „првенствено“ на Рен). Самиот тој „си влезе во зборот“ со потсетувањето дека ставот на ЕК е познат и оти апсењето на Караџиќ беше „каменот меѓник“ кој требаше да добие признание од ЕУ во вид на одмрзнување на Времената трговска спогодба.
Ако за Република Македонија Грција е „заднината“, за Турција Кипар, за Србија е и допрва ќе биде Холандија.
На директно новинарско прашање упатено на холандскиот министер Максим Верхаген дали тоа значи дека Спогодбата ќе биде одблокирана кога Младиќ ќе се најде во Хаг, тој „луцидно“ одговори: „Прво уапсете го, па потоа ќе ви одговорам“.
Очекувано, одлуката на Брисел за неодмрзнување на Времената трговска спогодба со ЕУ во Белград се оценува како лоша порака за Србија која ќе влијае на расположението врз граѓаните кон Европската унија. Меѓутоа, владејачките партии најавуваат дека ќе продолжат да работат на создавање услови, односно решавање на проблемите кои стојат на патот на Србија кон ЕУ.
Претседателот Борис Тадиќ изјави дека во случај на негативен одговор од Брисел ќе има проблем да и го објасни на јавноста пристапот на Холандија, но оти Србија ќе мора да се соочи со реалноста:
„Никогаш не сум бил приврзаник на претеран оптимизам, туку повеќе сум приврзаник на голем труд. Од големи зборови како лесно и брзо ќе влеземе во ЕУ нема многу корист, но од напорна работа во процесот на интеграција во ЕУ ќе има многу корист за сите граѓани“, порача тој.
Претставникот на Пактот за стабилност на ЈИЕ, Горан Свилановиќ, смета дека неодмрзнувањето на трговската спогодба е „голема грешка на ЕУ“, а најдобар начин на кој Србија може да реагира на тоа е „да не се возбдува претерано“:
„Сметам дека ЕУ прави грешка која на повеќе наврати веќе ја повтори, особено во однос на Владата на Зоран Ѓинѓиќ, а некои луѓе во ЕУ целосно погрешно ја оценуваат состојбата во Србија и ја преценуваат политичката стабилност“.
Опозициските Српската радикална партија, Нова Србија и Демократската партија на Србија, одлуката на Брисел ја оценија како дополнително условување на Србија и продолжување на „уценувачката политика“.






