Продолжува агонијата на СДСМ
Многу нешта- прашања и дилеми од минатото и сегашноста, остануваат отворени и натаму кога станува збор за „најголемата“ македонска опозициона партија СДСМ (во наводници бидејќи веќе не е најголема според значењето, влијанието и позицијата на која се наоѓа- на дното од политичкото…мочуриште или езеро изберете сами; а е прашање дали и според бројот на нејзините членови). Помеѓу нив е секако ненаученото (можеби е поверојатно неприфатено) од „абуката“ на партиското организирање (од формирање до работа- акција на теренот и победа на избори): дека партија без лидер не бидува, а на лидерот и ако „изгуби“ партија нема да му биде тешко пак да формира нова или, пак, да преземе друга, постојна).
Да, точно, силата на партијата најмногу зависи од лидерот како авторитетна, влијателна, мобилизирачка, па и харизматска личност (последно бидејќи харизмата воопшто, а посебно политичката бара објаснување односно знаење и можност за проверка; пример за недокажана е онаа на Љубчо Георгиевски, наспроти онаа на Имер Селмани, чија нова партија сигурно ќе ги „растури“ ДПА и ДУИ, или на Руфи Османи).
За лидерството воопшто, а посебно во регионов, во рубриката „Читни го ова“ нудам на (пре)прочитување мој прилог објавен уште во март 2006-та година.
Враќањето на Бранко Црвенковски на лидерската позиција во СДСМ (дефинитивно) е проблематично од повече причини: „истрошеност“, многу „црни дамки“ во неговата досегашна работа и дејствување (како недокажани уште „потешки“, бидејќи остануваат отворени и сомнителни), „утната“ државничка, па и лидерска кариера, докажан талент за итроштина и манипулации (мошне „незгодни“ и „дискутабилни“ за членството на партијата), недокажана- неафирмирана способност за тимска работа наспроти „најблиски соработници“ (Бучковски во едно интервју обелодени дека токму тие го викале „папа“) и др.
Па сепак, Извршниот одбор даде зелено светло за него. До неговото повторно „устоличување“ партијата ќе ја води Зоран Заев.
„Извршниот одбор донесе едногласна одлука дека го одлага изборот на претседател на СДСМ до завршувањето на неговиот мандат, односно до мај 2009-та година, кога кандидат за претседател на СДСМ ќе биде Бранко Црвенковски.
Донесена е одлука за в.д. претседател да биде предложен потпретседателот Зоран Заев“, изјави Емилијан Станковиќ.
Зоран Заев како в.д. претседател бил предлог на Црвенковски. Тој официјално ќе биде избран на Конгресот што ќе се одржува од 17-ти до 20-ти овој месец. Утре пак, ќе се одржи седница на ЦО на партијата, кој треба само да ја потврди синоќешната одлука.
Според партиски извори, на Конгресот ќе биде донесена и одлука за промена на Статутот, со која во иднина Генералниот секретар на партијата ќе го избира ЦО, а не како досега Конгресот на СДСМ.
Прво, со прифаќањето на в.д. претседател Заев ги разочара сите оние што сметаа дека тој е најсериозен, најсоодветен кандидат за нов лидер на СДСМ, а тоа едновремено значи дека агонијата на СДСМ продолжува се додека како „спасител“ на ја (пре)земе Бранко Црвенковски (доколку тогаш има што да се спаси). Второ, не верувам дека има некој сериозен политичар кој би прифатил и би се чувствувал „комотен“ во кожата на Заев (освен самиот тој): да „изигруваш“ лидер на партија, а всушност да бидеш „чувар“ на лидерската позиција за некој друг.
Дека се не одело и допрва нема да оди „глатко“ во СДСМ со донесеното решение (расколот во врвот ќе се продлабочи уште повеќе), докажува првата „емотивна“ реакција на екс- лидерката Радмила Шеќеринска (очекувана, бидејќи во изминатиот период се афирмира како ептен таква): таа не знаела за тоа. Според партиски извори, разбрала дури на вчерашната средба во претседателскиот кабинет која и предходела на седницата на Извршниот одбор. Се разбира, не може да се очекува некаква „негативна“ реакција од неа, но сигурно од нејзиното однесување ќе може да се прочита дека не и е „баш пријатно“.
Уште еден „бисер“ на Заев пред стартот на привремената функција: не само што прифаќа да биде „чувар“, туку и ќе одработил „максимално“ за идниот ново-стар лидер! Имено, иако до неодамна изјавуваше дека нема намера да прифати привремена функција, денеска остана без конкретен одговор зошто се премислил, но вети дека со единство и многу работа ќе ја оживее партијата до изборите на пролет(?!).
До мај воопшто не е мал период за „оживување“ на партијата (значи засега е во „клиничка смрт“?), но ако ја „оживее“, чуму да не биде (уште сега) нејзин лидер, туку „оживеана“ да му ја предаде „на тацна“ на Црвенковски?
„За шест-седум месеци не може да се направи нешто многу, но знам што морам, јас и мојата партија да го направиме, а тоа е да се потрудиме секој месец во иднина да го искористиме за макар едно скалило плус да надградиме на нашиот рејтинг. Свесни сме дека е тоа едноставно за кажување, но е многу тешко за да биде дефакто сторено“, изјави тој.
Според поранешниот лидер на СДСМ, Бучковски, тоа што има еден кандидат за лидер не е пречка за демократизација на партијата.
„И да се прифати статутарна измена, каде што на непосредни избори би го избирале претседателот, верувам дека со максимална поддршка и на непосредни избори Црвенковски би можел во мај да биде избран, така што тоа е веќе договор кој следи. Можеме да разговараме и за таква варијанта за да одиме во правец да направиме еден крупен исчекор во демократизацијата на партијата“.
Имајќи ги предвид претходните, особено кога беше премиер, ваквата „ескиважа“ на Бучковски воопшто не изненадува. Да потсетам, тој беше еден од најгорливите заговорници за избор на лидер од повеќе кандидати и за внатрешно фракционерество (дури најавуваше и формирање на нова партија).






