Проблемите со малцинствата Грција не може уште долго да ги крие „под килим“
Веќе искажав став дека писмата што премиерот Никола Груевски ги испрати до европски и светски релевантни институции и политички личности, а со кои се актуелизираа проблемите на македонското малцинство во Грција, сигурно (ќе) имаат позитивен ефект. (Ги почитувам и во најголем дел ги споделувам ставовите на Проф. Билјана Ванковска во нејзиниот текст „Компетенциите на Баросо и ЕК“.) Без оглед што во меѓувреме некои , исплашени од сериозноста на проблемот за кој знаат одамна (како на пример претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо), се прогласија за ненадлежни односно одговорија дипломатски, штитејќи го својот сојузник.
Сепак, една организација според нејзината „природа“ и цел не можеше и не смееше да не реагира: ООН, конкретно Генералниот секретар Бан ки Мун.
По посетата на Лерин, Тракија и Атина (од 8- ми до 16- ти септември) за да се запознае со положбата на малцинствата во земјата, а имајќи предвид претходни сознанија на ОН дека во овие делови на Грција се воочени проблеми со малцинствата, експертот за човекови права Геј Мекдугал во Атина одржа прес конференција која, според некои присутни, била мошне непријатна, со голема нервоза на грчки новинари (мошне индикативно) и со многу провокативни прашања.
Ја прашувале зошто барала малцинства токму во Лерин, барале детали од разговорите со жителите на грчките области, а „прашањата- напади“ биле пред се концентрирани на македонското малцинство (што е и очекувано).
„Сите забелешки ќе бидат содржани во извештајот“, бил најчесто повторуваниот одговор на Мекдугал.
Интересни се реакциите односно коментарите на „главните“ грчки весници.
„Елефтерос типос“ констатира дека посетата на експертот на ОН е дел од проучувањето на прашањето за постоење на македонско малцинство во Грција, непосредно пред очекуваната нова иницијатива на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името. Притоа ја пренесува нејзината изјава „дека не е тајна оти во реонот на Лерин егзистира спор дали има малцинство или не“. На прес-конференцијата пред заминувањето од Грција Мекдугал рече дека Атина признава постоење на само едно малцинство – муслиманското, но не даде објаснување зошто решила да го посети Лерин, а не, на пример, Пелопонез или Крит.
Геј Мекдугал треба да го поднесе својот извештај до Советот за човекови права на ОН во март 2009-та, а дотогаш, наведува весникот, врз основа на добиените сознанија ќе испрати препораки до грчката Влада.
Да потсетам, таа во Воден се сретнала со 30- тина претставници на Македонците од речиси цела Северна Грција, но имала средби и со официјални претставници на грчките власти во Солун.
За партијата на Македонците „Виножито“ посетата на Мекдугал е историска:
„Мислам дека беше една многу убава слика и се надевам дека извештајот во Обединетите нации околу ситуацијата во Грција ќе биде големо помагало. Се надевам ќе помогне Грција да се демократизира како што треба и да не биде црна дупка не само во Европа туку и пошироко, кога зборуваме за почитување на основни права на човекот и националните малцинства. Се надеваме дека ние можеме да бидеме навистина добра причина и да им сме од помош. И ние како Македонци да им кажеме нешто ново на сите овие власти, сите овие децении, конечно да почнат со реформи во грчкото општество, во грчкото образование, на грчката политичка сцена, и да не ги трујат континуирано сите грчки граѓани кога зборуваме за почитување на основни права на национални малцинства, за разноликост на едно општество, како што е ова во кое живееме тука, во Грција“, изјави претседателот Павле Васкопулос.
Освен македонското, Грција („лулката на демократијата“?) не ги признава ниту малцинствата на Помаците и Ромите во Тракија. Признава само муслиманско малцинство, кое во најголем дел го сочинуваат Турци (смета дека ги има околу 110.000). А само Ромите, на пример, во земјата бројат 300.000 лица.
Според весникот „Катимерини“, на спомнатата прес- конференција Мекдугал сепак успеала да го искаже своето „видување“ токму за Ромите: нивната положба во Грција е очајна. Веќе ја повикала Владата во Атина да преземе иницијативи за подобрување на условите за живот на ромската заедница во земјата. Весникот додава таа се воздржала да ги објави своите заклучоци од посетата, но ја поздравила понудата на грчката Влада заедно детално да ги разгледаат прашањата за малцинствата.
Грција, заедно со Унгарија и Етиопија, се единствените 3 држави кои се на листата за посети на Мекдугал. По нив таа ќе поднесе извештај до седиштето на Светската организација за проблемите и кршењето на малцинските права.
Официјална Атина не ја коментира посетата на Мекдугал. Сепак, тамошните аналитичари проценуваат дека грчката дипломатија се здобила со уште еден проблем што досега го немала – малцинскиот. Тие ја оценија како „поигрување на САД со малцинствата во Грција“.
Мошне контрадикторно: со кои малцинства си „поигруваат“ САД кога се тврди дека не постојат, освен „муслиманското“ ? А и ако го прави тоа, зошто признатото го третираат како „множина“?
Вистината секогаш излегува на виделина и секогаш победува. За некои доцна, за некои и предоцна, ама излегува и победува. Грција е пред тежок пораз од неа.






