Неопходно проширување на Советот за безбедност на ОН
Веќе неколку години на ред се бара темелна реформа на ООН, а со цел поголема улога и ефикасност во решавањето на глобалните, регионалните, па и локалните проблеми, конфликти и процеси. Меѓутоа, и кога се работи за најголемата и најзначајна светска организација нема поместување од мртвата точка, од состојбата status quo. Причината е јасна: барањето е „логички“ поставено, како и при која било друга нужна и сериозна реформа: ООН треба да почне да се реформира од „главата“, конкретно од Советот за безбедност.
И нормално, отпорот е мошне силен, бидејќи тоа ги засега најсилните, најмоќните. А токму СБ генерира нееднаквост, нерамноправност на државите- членки на ОН, односно „необединетост“. На неговото проширување (не укинување) се противат највлијателните, оние земји кои својата решавачка улога ја обезбедуваат со најголемо учество во финансирањето на Организацијата (без оглед на нередовното плаќање на членарината и натрупаните долгови).
А не е првпат да се бара проширување на Советот за безбедност како најзначаен, приоритетен реформски зафат, што всушност би значело и вистински почеток на реформирањето на ООН. Тоа го побара поранешниот Генерален секретар Кофи Анан на крајот од својот мандат (2006- та), а имаше иницијативи и пред него.
Посетувам на заедничкиот предлог на Бразил, Германија, Јапонија и Индија за проширување на СБ, даден во јули 2005- тата, кој САД го отфрлија со препорака до членките на ОН да не гласаат за него. Во жолчната расправа тогашниот советник на државниот секретар на САД Кондолиза Рајс за реформа на ОН, Ширин Тахир Кели, изјави дека предлогот предизвикува поделби и оти Вашингтон препорачува да не се гласа во Генералното собрание.
Очекувано, поддршката стаса најнапред од канадскиот амбасадор во ОН Ален Рок, кој исто така оцени дека воведувањето на 6 нови постојани членки на СБ, заедно со проширувањето на тоа тело од 15 на 25 членки, би било спротивно на интересите на големото мнозинство во Генералното собрание. Притоа обидувајќи се да објасни во што е спротивноста:
„Тоа би било спротивно на вредностите за кои се залагаат членките на ОН, би била оневозможена флексибилната и чесна распределба на местата во СБ, а со тоа би се нарушил и авторитетот на тоа тело“.
Кај многумина ова предизвика притаен потсмев и коментар дека досега СБ се покажа како „ептен авторитетен, флексибилен и чесен“ (особено третово, имајќи ги предвид бројните вета, па и она што токму САД го презедоа „во меѓувреме“ без да го консутлира; дури и да манипулира со него односно да го лаже- сетете се на „аргументите“ на Колин Пауел за „неопходната“ воена интервенција на САД во Ирак).
Тогашниот претставникот на една од (оправдано) најзаинтересираните за проширување на Советот за безбедност, Германија, Гинтер Плојгер, отфрлувајќи ги критиките рече дека, напротив, несогласноста во врска со проширувањето би можела да го загрози целиот концепт на реформата на светската организација.
Дебатата за предлог- резолуцијата, поднесена по повеќегодишни консултации, беше прв чекор кон зголемување на бројот на членките на СБ, откако повеќето земји искажаа согласност дека сегашниот состав на тоа тело го одразува односот на силите непосредно по Втората светска војна. Бразил, Германија, Јапонија и Индија побараа проширување за 6 постојани членки. Ним би им припаднале 4, а две места би биле обезбедени за африкански земји.
Познато е, Кофи Анан беше голем заговорник на темелни реформи на ООН, вклучувајќи го и проширувањето на Советот за безбедност. Но и тогаш, како сега, имаше големи противници.
Интересно е мислењето на некои стручњаци. На пример, на Мајкл Дојл, поранешен советник на Кофи Анан:
„Аргумент против е дека- што повеќе членки имате во некое тело, се е потешко да се донесува одлука. Потребен ни е ефикасен, а не поголем, па дури ни повеќе репрезентативен Совет за безбедност“.
Најновиот предлог е даден на Генералното собрание на ОН кое штотуку заврши. Побарано е до 28- ми февруари идната година (2009- та) да почнат преговори за проширување на СБ. Резолуцијата е донесена на затворањето на 62- то заседание.
На самиот негов почеток новиот претседавач, Мигел д’Еското Брокман од Никарагва, остро ја осуди доминацијата и надмоќноста на Советот за безбедност над светската организација.
Во резолуцијата што ја донесе Генералното собрание се бара промена на Советот за безбедност, но во неа не се наведуваат конкретни предлози за реформа на тоа тело.
Срѓан Керим, претседавачот на 62- то Генералното собрание, потсети дека какво било решение мора да има најширока поддршка од државите членки:
„Го постигнавме овој пробив кој, од една страна, сигурно ќе го забрза процесот, а од друга државите членки вчера се усогласија- што е мошне важно- дека каков да биде исходот од преговорите решението мора да има најширока можна политичка поддршка на членките. Тоа значи повторно вид на генерална спогодба или консензус помеѓу членките за решението како Советот за безбеднот би требало да биде обликуван“.
Новиот претседавач смета дека е неопходна реформа на многу сектори на ОН, но пред се на Советот за безбедност:
„Тажен е, но и непорекливо вистинит фактот дека до сериозни кршења на мирот и меѓународната безбедност доаѓаше токму од страна на некои членки на Советот за безбедност кои, се чини, станаа зависници од војната. Во случајот на некои членки, се чини дека правото на вето им удрило в глава и толку ги збунило што мислат дека можат да прават што ќе посакаат без никакви последици. Во Обединетите нации зборот демократија станува шуплив, без какво било значење и смисла. Да го земеме за пример 45- годишното ембарго на САД против Куба. И со толку убедливо мнозинство, како што се 184 гласа наспроти 4, ова ембарго останува цврсто на сила. Ако мислењето на повеќе од 95% членки на Обединетите нации може така едноставно да биде игнорирано- за што служи Генералното собрание?“, потенцира Брокман. Тој ја критикуваше и, како што рече, контролата на САД и Европа над Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка: „Овие институции се користат со орудијата на моќта и таа ситуација мора да се промени“.
Патем, Куба побара од Вашингтон 6 месеци да биде укинато ембаргото за продажба на материјал за градежништво и пристап до кредитите поради штетата од ураганите проценета на 5 милијарди долари. Службеник од Oдделот за американски интереси во Хавана изјави дека издавањето на кредити не е дозволено, бидејќи тоа го забранува американското правосудство. Дозволено е само продажба на храна и дрво. САД тоа и го дозволија на Куба во вредност од 250 милиони долари. Од Стејт Департментот изјавија дека му се одобрува и помош на настраданото кубанско население во вредност од 10 милиони долари што ќе биде распределена преку невладините организации.
Потсетувам како го дефинира Советот за безбедност на ОН повелбата на светската организација: негова клучна улога е одржување на меѓународниот мир и безбедноста. Советот има 5 постојани членки- Франција, Русија, Кина, Велика Британија и САД- како и 10 непостојани кои Генералното собрание на ОН ги избира за период од 2 години.
Дека и натаму ќе има проблеми во реализацијата на реформите на ОН, не само на проширувањето на СБ, доволно е да се наведе следново:
Генералното собрание ја усвојува (ја усвои) резолуцијата со двотретинско мнозинство, но за одлуката за проширување на Советот да биде извршна националните парламенти треба да одобрат измена на Повелбата на ОН. И во тој случај петте постојани членки имаат право на вето.
Постои општа согласност дека „прекомпонирањето“ на ООН е неопходно, а особено на Советот за безбедност. Не само оти сегашната состојба е рецидив на Втората светска војна и не ја одразува состојба во светот (Германија и Јапонија претставуваат светски сили и економски и воено; тие во најмала мера се рамноправни со Велика Британија, Франција и Русија). Некои заговараат зголемување на бројот на членовите на СБ и застапеност на сите континенти во него (и тоа во договор со САД; решение без нив не е можно), но и рестрикција на правото на вето на помал број на земји за планетарни прашања.
Расправите, анализите, проценките и заложбите допрва се очекуваат, но судејќи според досегашниот тек на реформите на ООН големо е прашање дали до 28- ми февруари 2009- та ќе почнат преговорите за проширување на СБ.






