Македонско здравство: мал „препородувачки“ и голем партиски чекор

Иако е „најгорливо“, со најмногу проблеми и „матни води“, она што е направено и во континуитет (секојдневно) се прави во здравството наидува на одобрение и поддршка. Макар да е и не многу значајно, нешто што е одамна стандард во развиениот свет. Тоа е сосема разбирливо, особено ако се има предвид статусот и неговата улога во нашево современо, стресно и поприлично „болно“ време.
Од друга страна, долгогодишната партизација на здравството никако да престане, да завладеат единствено стручноста и компетентноста. Се однесува на раководните, најчесто директорските функции, но допира и до најниските „редови“. На тоа најмногу придонесува равенството помеѓу стручноста и партиската припадност или приврзаност која, пак, е индивидуално демократско право. Впрочем, што значи политичката „неутралност“, дали е воопшто можна и, доколку е, може ли да го негира, дезавуира, обезвредни знаењето и искуството?
Да, станува збор за два различни настана односно две различни теми поврзани со една „централна“ личност, а кои деновиве (и денеска) заслужуваат внимание и „хрономерно-хроничарски“ третман.
Министерот за здравство Бујар Османи ја посети Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство- Скопје по повод добивањето на дозвола за вршење на постапки за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО). Притоа изјави дека тоа е почеток на соработката помеѓу Фондот за здравствено осигурување и ЈУ „Клиника за гинекологија и акушерство“. Одложувањето на дозволата беше поради исполнување на просторните услови од страна на Клиниката. Комисијата утврди дека таа сега ги исполнува и може да извршува ин витро фертилизација.
Директорката на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство- Скопје, Адела Стефанија, истакна дека во зависност од заинтересираноста на пациентите, кај кои ќе се направат почетните испитувања пред да влезат во проектот за ин витро, се очекуваат од 40- мина до 50- мина пациенти месечно, со можност тој број да се зголеми. Парите што ги добива Клиниката од ФЗОМ за ин витро оплодување се доволни, со оглед на тоа што досега работеле со партиципација.
Во меѓувреме, министерот за здравство Османи донесе решение за давање на дозвола за вршење БПО и на приватната здравствена установа „Плодност“ од Битола. Први две здравствени установи кои добија дозвола за БПО се специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мала Богородица“ и приватната општа болница „Ремедика“.
Собранието на Република Македонија во март годинава го донесе Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, подготвен од Министерството за здравство според европските директиви и меѓународните конвенции за заштита на човековите права во областа на применетата биологија и медицина. Донесен е и Правилник за поблиските услови по однос на просторот, стручниот кадар и опремата што треба да ги исполнуваат здравствените установи за спроведување на постапките на биомедицинското потпомогнато оплодување.
Со законтот за првпат во Република Македонија се создаде законска можност за остварување на правото на родителство преку примена на методите за биомедицински потпомогнато оплодување кај оние жени и мажи кои не можат да имаат сопствено потомство поради неплодност. Корисници на правото на БПО можат да бидат полнолетни мажи и жени кои се во брак или живеат во вонбрачна заедница, ако претходното лекување на стерилитетот е неуспешно или лекувањето со други методи е безизгледно. Предност му е дадена на оплодувањето со сопствени полови клетки, но ако тоа не е можно од медицински причини, тогаш во законот е уредено кој може да биде донатор на полови клетки, како може да се спроведе донирање и користење на полови клетки и ембриони. Овластените здравствени установи, освен обврската за обезбедување на сите неопходни услови, стандарди и соодветен персонал за изведување на постапката, мора да ја гарантираат заштитата на сите лични, медицински и генетски податоци за донаторот и примателот, како и да преземат неопходни мерки да не се открие идентитетот на донаторот, неговото семејство и идентитетот на примателот.
Донирањето на полови клетки е доброволно и за тоа не смее да се бара и добива паричен или друг вид надоместок. Законот забранува избирање на пол на идното дете, освен за одбегнување на тешка наследна болест поврзана со полот. Исто така се забранува мешање на полови клетки, тргување, договарање, посредување и јавно огласување, а не е дозволено ниту таканареченото „сурогат мајчинство“, односно раѓање дете за друг. Со законот строго се забранува секаков вид клонирање или вкрстување на човечки клетки со клетки од животни. Секој евентуален обид за вакво нешто се третира како тешко кривично дело за што е пропишана казна затвор до 5 години. Останатите казни предвидени за прекршувања на законот се движат од 7.000 до 12.000 евра, во зависност од тежината на сторениот прекршок.
Необично и неубедливо „оправдување“: причината поради која неодамна беа сменети директорите на 9 здравствени институции во земјава е затоа што тие биле партиски поставени.
„Јас сум министер за здравство кој според законот ги именува и разрешува директорите на установите, а на предлог на Здравствениот совет. Моја е должноста и одговорноста да поставам менаџери на тие установи за кои сметам дека најдобро ќе ги извршат задачите“, изјави Бујар Османи.
Според него, смените биле неопходни бидејќи целиот здравствен систем подлежи на реформи.
Од Министерството велат дека ја следат работата на секоја здравствена установа. Институциите се должни двапати годишно до него да достават извештај за својата работа, преку кој се оценува дали менаџерите правилно ја водат установата.

Необичното и неубедливо „оправдување“ е тоа што на местата на сменетите се поставени исто така партиски личности (членови на ДУИ), а чија партијност за него не значи ништо (не го интересирала).
Конкретен пример, на кој му беше укажано, е „пополнувањето“ на директорската фотелја во Републичкиот завод за здравствена заштита. Во неа седна Азис Положани, кадар на ДУИ.
„Професорот Ѓорчев беше в.д. директор на Републички завод, во кој нормално течеше конкурс. Сметам дека РЗЗЗ е една од најнереформираните установи во овој период. Ние сме во фаза на интензивна трансформација на РЗЗЗ и претворање во институт на јавно здравје. Сметам дека г-нот Положани е најсоодветно решение“.
Примерот е „типичен“ за она на што укажав на почетокот од овој напис: стручноста и компетентноста на Положани не се спорни (се смета и за успешен екс министер за образование), но исто така е неспорно не само членството во ДУИ, туку и неговата мошне забележителна партиска (пратеничка) активност.
Нужни и радикални реформи во македонското здравство? Нужни да, ама радикални невозможно. Уште колку ли министри ќе го реформираат?






