Компјутеризацијата не оди со посакуваното темпо
Како и многу други препородувачки чекори на Владата на Груевски, и чекорот за „сеопшта компјутеризација на Македонија“ не е доволно „цврст“, односно колку што е забележано дека ќе биде или треба да биде денес и утре. Многу повеќе денес, отколку утре. (Се сеќавате на главниот слоган на ВМРВО-вските кандидати за градоначалници „Резлутати сега!“?) Едно поради затекнатата незавидна состојба на тој план, друго затоа што кај „широките народни маси“ не постои подготвеност (поради објективни или субјективни причини сеедно) за инвестирање во модерен живот што е синоним за квалитет на живеењето (не мислам само на финансии, туку многу повеќе на едукација и „самоедукација“), а друго и поради владини потези за кои не сакам да мислам оти имаат матни заднини. (Засега „останувам“ на сомневањето и опозиционо- медиумските шпекулации).
Претпоставувам дека на малкумина им е потребно потсетувањето дека под „компјутеризација“ не се подразбира само имање односно набавка- купување на компјутер, туку и негово максимално (секојдневно) користење (макар и само за играње на видео игри за кои е исто така потребно знаење и вештина- мислам на денешните, „комплицираните“, а не од „компјутерскиот Дедо Ное“), потоа вмрежување, масовно користење на Интернет, е-едукација, е- комуникација, е- трговија итн.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски даде изјави односно реакции на некои моментни состојби кои се „логични“, но неприфатливи, па и неразбирливи:
90% од училиштата во земјава веќе ги користат компјутерите поставени за следење на наставата, а за оние 10% невклучени задолжени- одговорни се директорите. Тој апелира до нив да ги вклучат за учениците да можат побрзо да напредуваат.
„Во 88 средни училишта се инсталирани сите компјутери и остануваат уште 5 каде што има конструктивни зафати и не е безбедно да ги поставиме“, изјави Ивановски при посетата на Националниот координативен центар за гранично управување, заедно со вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски.
„Со тоа што не ги вклучуваат компјутерите само им прават штета на своите ученици, бидејќи не можат да напредуваат како учениците во училиштата каде што се користат“.
Досега се набавени 18.000 компјутери за сите средни училишта, а останатите во основните училишта се во процес на инсталирање.
Оперативниот систем кој е инсталиран, „Еду Убунту“ („Линукс кернел“ е срцето на „Убунту“, а се темели на „филозофијата“ дека секој софтвер треба да биде бесплатен) е 90% сличен на „Виндоус“, а сите наставници се обучени на него. Со едночасовно запознавање на тој систем секој наставник ќе може да дознае како да ги користи веќе вградените алатки. Од октомври ќе започне и обука која ќе се спроведе заедно со УСАИД, а ќе трае континуирано во наредните години, бидејќи ќе има секоја година дополнителни алатки.
„Имаме информации дека имало отпор кај професорите и наставниците и можеби тој отпор доаѓа оттаму што тие се на некој начин од постарата генерација кои не се согласуваат со модернизацијата на образованиот процес која ние ја спроведуваме“.
Нелогично е и неприфатливо пред стартот на новата учебна година, односно напоредно со поставувањето и „отворањето“ на компјутерите „пред секое дете“ (акцијата на Владата е наречена „Компјутер пред секое дете“), да не се нашол тој „еден дополнителен час“ од слободните на наставниците за тие да ги надминат „почетните проблеми“. Впрочем, тој „дополнителен час“ би можеле на наставниците да им ги одржат нивните ученици. Најавената континуирана обука, заедно со УСАИД, се разбира дека е за поддршка, но пречи тоа што е „последична“ (дополнително согледана и губење на време на учениците).
Неразбирлив е „апелот“ на министерот Ивановски до директорите на училиштата кои компјутерите се уште ги чуваат „под клуч“. Треба конечно да се наметне еден друг „принцип“ на лична одговорност (во сите области на нашето живеење и дејствување): не апелирање, туку санкционирање. Следствено, доколку Ивановски нема такви ингеренции, тогаш тој што ги има (претпоставувам Министерството за образование) треба веднаш да преземе такви, конкретни чекори, па дури и да ја примени „крајната“ санкција- отстранување на таквите директори. Од едноставна причина- дека тие работат против „своите“ ученици, против нивното образование воопшто.
Иако разбирлив, не е прифатлив ниту отпорот на наставниците. На таквите исто така треба да им „виси“ отстранување од наставата. Макар привремено, додека самите не „почувствуваат“ потреба од лиично, самостојно компјутерско описменување.
Уште еден значаен „компјутерски“ проект на Владата чија реализација би требало да се забрза, без оглед на објективните пред се технички проблеми:
При посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, всушност проверката на состојбата со поставување на комуникациска мрежа во студентските домови, со што сите студенти би имале пристап на Интернет, министерот Иво Ивановски изјави:
„Инсталирањето на Интернет во сите студентски домови, што го ветивме како Влада на Република Македонија, можеме официјално да го најавиме. Во текот на наредната недела ќе биде распишан тендер на кој ќе бидат избрани фирмите што ќе ја постават мрежата во домовите“.
До крајот на оваа година пристапот на Интернет ќе биде овозможен во сите студентски домови во Македонија, освен во Битола, Штип и скопскиот „Кузман Јосифовски Питу“, кои, според Ивановски, се уште немаат енергетска согласност и ќе бидат мрежно поврзани во текот на идната година.
За крајот на 2009-та година тој најави и поврзување со оптички линкови на еден студентски дом.
Интернет пристапот во студентските домови е дел од донацијата на македонски „Телеком“.
Непосредно поврзан со „сеопштата компјутеризација на Македонија“ е исполнувањето на третиот услов за целосна либерализација на визниот режим: отварање на ![]()
При посетата на Центарот, со министерот за информатичко опшество Иво Ивановски, заменик- претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашањања, Ивица Боцевски, на прес- конференција истакна дека заложбата на Владата е целосна визна либерализација, а 2009-та е годината кога целосно ќе се либерализираат визите на нашите граѓани.
Освен со Националниот координатвиен центар, Република Македонија може да се пофали и со биометриските пасоши и Националниот визен центар кои, исто така, беа услов во процесот на визна либерализација.
Новоотворениот Центар претставува место каде што ќе се слеваат информации од повеќе институции при Владата на Република Македонија и оттука ќе се врши целокупната координација на системот за гранично управување.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски истакна дека е тој битен бидејќи институциите тешко ги спроведуваат податоците и доколку има нивно делење тоа се прави во хартиена форма или на дискета.
„Овој интегриран систем за првпат е воведен на највисоко технолошко ниво, со тоа што се запазени сите безбедносни карактеристики, и ќе претставува база на податоци за сите стоки и услуги што влегуваат и излегуваат од Македонија“.
Директорот на Националениот координативен центар за гранично управување, Гоце Џуклески, ја истакна целта да се обезбеди што полесен проток на стоки, на капитал и на лица преку границата и да се дејствува превентивно во борбата против сите видови на меѓуграничен и пркуграничен криминал, вклучувајќи ги и организираните форми на криминалитет.
Во Центарот се координирани 8 министерства, кои имаат надлежности на границата, и Дирекцијата за радијациона сигурност. Во него се слеваат сите податоци и институциите во секој момент ќе имаат информации од сите гранични премини, вклучувајќи ги и двата аеродрома. Тој почна да функционира од 31-ви јануари годинава и е единствен на Балканот.
А правните лица годишните сметки за 2008-ма година по електронски пат ќе можат да ги испратат до Централниот регистар. Добро напредува „операцијата“ за регистрација на фирми во Македонија по електронски пат, односно преку Интернет.
„Услугите што ги нуди Централниот регистар по електронски пат моментно се неколку , но доста значајни. Корисниците по електронски пат може да ја проверат зафатеноста на името, односно називот на правното лице кое сакаат да го регистрираат, електронски да резервираат име за определен временски период, а најголемата новост е што годишните сметки за 2008-ма година по електронски пат ќе можат да ги испрататат до Централниот регистар“, потенцира министерот Ивановски.
Централниот регистар, како институција што им нуди најмногу услуги на граѓаните на Република Македонија, има голем напредок годинава, а за наредната се предвидува тој да биде уште позначаен. Предвидена е реализација на повеќе проекти што ќе бидат иновативни и чија цел е олеснување на животот на граѓаните. До крајот на 2009-та година ќе има поедноставување на едношалтерскиот систем, со што во Република Македонија ќе може да се регистрира фирма преку Интернет.
Целта на Министерството за информатичко општество, како координатор и предлагач на голем број проекти што се однесуваат на услугите кои ги даваат државните институции, е нив да ги направи подостапни за граѓаните, односно да ги добиваат по електронски пат.
Министерот за информатичко општество појаснува дека со измените сите правни лица, кои претходно требаше да одат на шалтер, да чекаат таму, да ги потполнат сите документи и да платат надомест од 1.000 денари, сега тоа можат да го направат електронски, односно со користење на дигитален електронски потпис. Од својот компјутер ќе можат да ги симнат и пополнат формуларите, да платат 400 денари и со тоа да заштедат време и средства.
Директорот на Централниот регистар, Зоран Алексов, се надева оти до средината на 2009-та ќе може до Централниот регистар да се поднесуваат барања за добивање на документи и тие да се добиваат во електронска форма потпишани од страна на институцијата.
Освен тоа што во текот на наредната година ќе може да се регистрира фирма во Македонија преку Интернет и за тоа да се добие решението по електронски пат во форма на документ кој ќе биде дигитално потпишан, со втората фаза од развојот на едношалтерскиот систем се предвидува во моментот на регистарција да се пријавуваат и првите вработени во фирмата. Можност која засега не постои никаде во светот.
Директорот на Централниот регистар потсети дека според Douing Bussines во делот започнување на бизнис Македонија има огромен напредок на листите.
„Во 2006-та година бевме на 84-то, минатата година на 24-то, а сега сме на 12-тото место. Со промените што ги воведуваме се надеваме дека наредната година ќе бидеме во самиот врв на овој извештај. Работата на Централниот регистар е поздравена секаде и за експресно време станавме членка на Европскиот бизнис регистар“.
До крајот на октомври годинава, кога во Кардиф, Велика Британија, ќе се одржи Генералното собрание на Европскиот бизнис регистар, Централниот регистар ќе биде поврзан со Европскиот бизнис регистар и сите податоци за македонските активни компании ќе им бидат ставени на располагање на околу 20 милиони компании кои се регистрирани во Европа. Исто така и сите заинтересирани субјекти од Македонија кои имаат деловни партнери во Европа ќе можат да ги гледаат податоците оттаму.
Добро е, ама нели секогаш може и подобро.
„Боде очи“ недостигот односно непрезентирање (од страна на Владата) на конкретни споредбени податоци, на пример со оние што се однесуваат на намалувањето на бројот и менувањето на квалификационата структура на јавната администрација под „влијание“ на реализираните и „компјутерските проекти“ што се во тек. Тоа би била „интересна додавка“ на медиумските кампањи или долгите текстуални (и читани од спикер) соопштенија на јавниот сервис.






