И ова е Македонија…не Европа!
Да, секаде се случува и може да се случи; во Европа, во светот. Но, не паметам некаде да се случило вакво масовно труење со слатки, освен како непријателско дејание против поширока заедница или народ кое, патем, се нарекува геноцид. Се разбира, не е тоа (бидејќи би морале да се случат многу други „нешта“, меѓу другото поточно првото меѓународна хумана, па и воена акција), туку ете така, се случи…епидемија на труење во Македонија со колачи (еклери), за среќа без жртви!
Откако дури 118-мина луѓе (млади и стари односно возрасни) побарале лекарска помош на Клиниката за инфективни болести, Министерството за здравство (немаше „каде и како“, мораше, без оглед на меѓународниот срамотилак на државата) и официјално да прогласи епидемија.
Првите затруени биле хоспитализирани во петокот, а инспекцијата слаткарницата ја затвори ден подоцна. И покрај тоа, бројот на затруени со еклери драматично се зголемуваше. 87-мина, од кои повеќето деца од скопските населби Чаир, Шуто Оризари и Сингелиќ, побарале лекарска помош на Клиниката за инфективни болести. Бранот на заболени кулминирал во неделата, но се уште се јавуваат нови. Лекарите претпоставуваат дека бројот е многу поголем, бидејќи мнозина се лекувани на матичен лекар или воопшто не се јавиле на преглед. А се работи за бактериско- цревна инфекција која може да остави и несакани последици по здравјето.
Половината од хосипитализираните во тешка здравствена состојба се задржани на лекување поради повраќање, висока температура, болки во стомакот, дијареја. Кај сите е пронајдена бактеријата салмонела. Засега кај заболените нема сериозни компликации бидејќи сите се јавиле на лекар навреме.
И официјално, кај нив е пронајдена бактеријата „салмонела ентеритидис“ која може да предизвика сериозни компликации, а лесно се пренесува од човек на човек преку нечисти раце.
„Истиот причинител знае да нападне и други органи. Може да навлезе во крвта и да предизвика една форма на сепса, може да продре низ мозочните обвивки, па да предизвика менингитис, може да атакува на срцето, на белите дробови, на коските, на бубрезите“, изјави Звонко Миленковиќ, директор на Инфективна клиники.
Д-р Иван Видиниќ, од Клиниката за инфективни болести, информира дека од 50-темина хоспитализирани најмалиот пациент има 5 години, а од највозрасните има и неколкумина 70-годишни. Сите се задржани на лекување поради тежината на болеста- тие се со потешка клиничка слика.
Заболените јаделе еклери од локалните продавници. Санитарната и здравствена инспекција потврди дека тие потекнуваат од слаткарницата „Дервен“ во Шуто Оризари, каде што пред неколку дена се јавија првите случаи на труење. Во еклерите е пронајдена бактеријата салмонела, а кај вработените во слаткарницата бактериите ешерихија коли и стафилокока. Инспектори на Санитарната и Здравствена инспекција веќе биле во контрола и констатирале дека таму е запрено производството. По добивањето на официјалните резултати од брисевите, инспекцијата ќе поднесе кривична пријава.
Нејасно е зошто Дирекцијата за храна, која 3 месеци е без директор, дозволила слаткарницата „Дервен“ да произведува слатки без дозвола за работа, и тоа во визбени простории, без прозорец, во влага. Импровизираната работилница се наоѓала зад куќа и на диво работела цели 2 месеца. Во
Дирекцијата за храна велат дека таму вриело од бактерии. Печеле слатки и ги дистрибуирале во локалните дуќани без декларација и дозвола.
„Да не ги повлечевме, немаше да бидат не 100-тина заболени, што исто е фрапантна бројка, туку ќе беа 2.000“, изјави Д-р Димче Петревски.
Сега освен сопственикот на „Дервен“ пријави ќе добијат и дуќаните кои ги продавале слатките. Останува можноста некои семејства се уште да чуваат од расипаните слатки дома, а со што и опасноста од нови труења се уште не е помината.
Од Дирекцијата се правдаат дека не можат да знаат кој се работи без дозвола. Велат дека телефоните се вжештени од ѕвонење, но со тројца инспектори не успеваат да стасаат секаде.
Само во јули и август тие направиле околу 150 контроли, а две третини од контролираните „слаткарски фабрики“ не ги исполнувале условите за работа.
„Има луѓе коишто работат, а се бацилоносители, има луѓе коишто немале санитарни книшки редовно ажурирани и немале поседувано хигиенски минимум. Колку ги има такви, сигурно Дирекција за храна ќе треба да даде некој одговор, ако не може да даде целосен“, изјави Драган Ѓоргов, директор на Републичкиот завод за здравствена заштита на Македонија.
Од каде толку големата потреба од јадење на слатки- колачи односно толку големата потрошувачка? Малку е „непријатно“, но не може да се премолчи дека се во тек рамазанските пости, што на повеќе од стотина граѓани од скопските населби Чаир, Шуто Оризари и Ченто им ги „затруја“, за среќа не им ги „отруја“ некои „ големи бизнисмени“.
Уште една „непријатност“ за Македонија (како „проевропска“ земја), ама не може да се скрие, премолчи, заташка: ова е 7-ма и најголема епидемија на труење со храна годинава.
Опасноста постојано демне од термички необработени месо и јајца, како и храна која не се чува во фрижидер.
Нема друго, освен ригорозно казнување на „снаодливите“ квазибизнисмени, а граѓаните да се воздржат од какво било консумирање на храна, слатка или блага, солена, лута, горчлива, без соодветна потврдена (со печат) декларација за проверен квалитет на самите производи. А доколку во продавниците, мали или големи сеедно, ви „паднат в очи“ такви, да нема двоумење: веднаш пријава до Санитарната инспекција!
Сосема на крајот од овој напис: за најнови случаи на заболени од салмонела во светот.
Од средината на април до 15-ти јуни годинава во 36 сојузни држави на САД, вклучувајќи го и Федералниот округ Вашингтон, беа регистрирани 869 случаи на заболени од салмонела пренесена преку консумација на домати. Контаминацијата на доматите со опасната бактерија може да настанала на плантажите, но големи се можностите салмонелата да се вселила во доматите за време на транспортот или во дистрибутивните центри.
Меѓутоа, како вообичаено реагираат Американците? Поради паниката помеѓу потрошувачите, американските трговци мораа во ѓубре да фрлат огромни количества на созреани домати, а производителите и продавачите на домати во САД да претрпат големи загуби. Трошка надеж за нив дека, можеби, доматите не се виновникот за заболувањата од салмонела внесе одлуката на Сојузната администрација за храна и лекови, која кон крајот на јули одучи да се испита – дали евентуално предизвикувач на салмонелата може да биде некој друг зеленчук што се јадел со доматите.
Се реагираше вака: приказната за доматите предизвикувачи на салмонела беше актуелна во сите медиуми во САД. Угледниот „Лос Анџелес Тајмс“ советуваше да се почитуваат инструкциите на здравствените власти кои апелираат да не се јадат домати транспортирани од пооддалечени краишта и да се избегнува купување на домати на кои нема шишка и барем неколку зелени листови од доматната лоза. Весникот оцени дека откривањето оти доматите се најверојатните носители на бактеријата салмонела драстично ќе ги намали приходите на произведувачите и трговците. Не само годинава, се додава, туку и во наредните години, освен ако научниците не пронајдат цврст доказ дека доматите и салмонелата не се поврзани.
Според статистиките, во САД доматите се на четврто место на листата на најупотребувани прехранбени артикли. Ако епилогот на приказната за „доматна салмонела“ покаже дека вкусните црвени плодови можат да ја пренесат и да предизвикаат зараза, доматите сигурно нема да бидат толку присутни на трпезите.
Салмонелата се јави и во Данска. Таму беше регистирирана најголема епидемија во последните 15 години. Според весникот „Политикен“, во текот на јуни од салмонела се заразиле помеѓу 3.000 и 4.000 лица, од кои многумина толку сериозно што се хоспитализирани. Заболени од салмонела беа регистрирани во целата земја, при што, вообичаено, помеѓу пациентите нешто поголем број беа деца.
Во текот на минатиот месец беше регистриран зголемен број на назаразени од салмонела во Европа, пренесоа медицинските служби, посочувајќи дека заразата најверојатно се шири преку расипано месо. Најголем број се во Велика Британија, Финска, Франција и Швајцарија.
И најновата вест:
На големиот меѓународен производител на кондиторски производи и пијалаци „Кедбери Швепс“ му се заканува судска тужба поради продажба на чоколади со салмонела, соопшти Градскиот совет на Бирмингем. „Кедбери“ минатата година повлече од продажба некои свои чоколадни производи откако во нив е откриено присуство на салмонела. Тоа повлекување го намали приходот на компанијата за најмалку 30 милиони фунти (44 милиони евра).
Градскиот совет на Бирмингем укажа дека против компанијата ќе биде покрената судска постапка за три престапи: што продавала чоколадни производи кои не се безбедни за потрошувачка, што не ги информирала надлежните власти по првите сомневања на зараза и бидејќи веднаш не укажала на опасност од зараза со салмонела и не спровела соодветни мерки. Секој од престапите повлекува максимална казна во неограничена парична вредност или 2 години затвор.
Со приведените примери на зараза во Европа и светот се негирам себе си, го негирам воведот на ткстоv? Не, затоа што во „нашиов“ случај се работи за „заразувачки“ криминал пред очите на јавноста и власта. Можете ли да претпоставите уште колку „фабрики“ на слатки и други производи, како „Дервен“, има во земјава кои непречено работат „со полн капацитет“?






