Значајна акција на МВР
Со години наназад немоќно гледаме возрасни и деца- питачи на улиците, крстосниците и насекаде каде што има поголема фреквенција на луѓе пред се во Скопје, но и во други поголеми градови на Македонија. Притоа прашувајќи се дали државата односно власта воопшто помислува и има ли начин да му се спротивстави. Всушност, нема кој не знае дека е можно брзо да се реши овој во многу аспекти сложен проблем, но токму тоа сознание не правеше и не прави уште понемоќни, лути и гневни. Оти питањето е резултат на бедата, сиромаштијата, социјален проблем, но само во еден дел. Во друг е појава која значи злоупотреба (на деца), па и криминал. Се разбира, тоа е пред се социо- патолошка појава која треба кривично да се гони и социолошки да се „лечи“.
Акцијата на МВР ја поздравувам како почеток на негово континуирано ангажирање се до конечното „излекување“.
Македонското Министерство за внатрешни работи во координација со Министерството за труд и социјала започна акција за сузбивање на питањето. Определбата децата и возрасните да се тргнат од улиците ја поздрави Детската амбасада „Меѓаши“, но смета дека за да се искорени проблемот државата треба да обезбеди повеќе пари и подобар третман за социјалните семејства од каде што тие најчесто потекнуваат.
Ставот го изнесе Ѓурѓица Петрушевска:
„Да се обезбедат поголеми бенефиции за семејствата на овие деца, места за сместување и социјални станови, како и вработување барем на еден член од нивното семејство. Исто така треба да се направат и напори за вклучување на овие деца во образовниот процес“.
Според податоците на детската амбасада дури 2.000 деца во земјава денот го поминуваат на улица. 30% од нив се без родители и родителска грижа.
Се разбира дека барањата се в ред, но тоа е веќе дел од континуиран и долгорочен процес. Најнапред е нужно она што веќе се презеде и се презема: вчера 11 возрасни лица од улица биле приведени во полиција и против нив ќе следуваат соодветни пријави, а од улиците и крстопатите се тргнати и 13 деца кои ќе бидат пренесени во дневни центри или во дом.
Родителите кои пуштаат деца да питаат по улиците ќе бидат кривично гонети. И возрасните лица кои просат ќе добијат кривични пријави за нарушување на јавен ред и мир. Во консултација со родителите на децата кои ќе бидат затекнати како питаат и со центрите за социјална работа, малолетниците ќе бидат враќани во училиште ако имаат над 6 години, а ако се помали ќе посетуваат дневни центри. Децата што немаат родители ќе бидат згрижени во семејства или во домовите за деца без родители.
Со казните за родителите кои ги пуштаат децата да питаат ќе се поттикне одговорноста на семејствата кон малолетниците, сметаат во МВР.
Се јавија и спротивни мислења, оценки, коментари- дека акцијата за отстранување на питачите од градските улици е дискриминаторска и противуставна, а со неа не се почитуваат човековите права. Потенцираат дека питањето е начин за собирање на пари за егзистенција, а не криминал. Некои ромски невладини организации изабележуваат и дека Законот е донесен без експертско мислење, па треба да претрпи измени.
Ќе повторам дека акцијата на МВР ја поздравувам како почеток на негово континуирано ангажирање се до конечното надминување на проблемот.
Егзистенција преку питање, а не на пример со работно ангажирање (на возрасните) и згрижување односно школување? Потребен е проект? Па нели кривичното гонење на родители за злоупотреба на децата и враќањето на малолетниците во училиште ако имаат над 6 години, а ако се помали посетување на дневни центри, како и згрижување во семејства или во домови за деца без родители на оние што немаат родители не е тоа? А што е со проектот кој Владата го спроведува од минатата година во чии рамки се отворија и ќе се отвораат народни кујни, со кои, како и во најразвиените земји, им се помага на најзагрозените лица и за да се намали питањето? Се заборави на него оти беше- е недоволно „афримиран“ (со маркетиншка кампања)?
Какви човекови права се остваруваат со питање и што е дискриминаторско и противуставно во отстранување на питачите од улиците?
Би било добро одговор на поставениве прашања да добиеме од експертите кои не сум баш сигурен дека не биле консултирани при донесувасњето на Законот. Да, прашање е дали помеѓу ангажираните има и од „нашите“.
А за едно слично искуство од нам „блиска“ европска земја, која во многу нешта ни претставува пример за „примерно европско поведение“ (европеизација), имавме можност да се информираме минатиот месец:
Директорот на словенечките интернационалисти Змаго Јелинчиќ предложи да се забрани питањето во Љубљана, а прекршителите строго да се казнуваат.
“Во Словенија има се повеќе питачи од Бугарија и Романија, а нашата полиција ништо не презема“, изјави Јелинчиќ на конференцијата за новинарите на која го даде предлогот на својата Словенечка национална партија (СНС) да се забрани питањето во државата, а прекршителите да се казнуваат со казна од 1.000 евра(?!).
Јелинќиќ тврди дека од новите земји на ЕУ во Љубљана веќе долго време доаѓаат автобуси организирани за групата питачи кои за своите „газди“ и под закана ако не се успешни знаат дневно да заработат до 300 евра, поради што нивните сопственици месечно во просек знаат да донесат и десетина илјади евра профит без данок. Јелинчиќ затоа бара построги казни од предвидените во постојниот Закон во јавен ред и мир кој предвидува само 62 евра глоба за оние кои питаат ако тоа го прават на „незгоден или навредлив начин“ , а кој се применува не само на класичните питачи, почесто и на Ромите од Словенија и другите држави, туку и на домашните бездомници кои „оперираат“ низ трговските центри и паркинзите.
Реагирајќи на изјавите на Јелинчиќ, љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ изјави дека проблемот за питањето треба да се решава на поинаков начин а не со казна, и тој предложи социјална помош, вработување или давање храна на оние кои питаат по потреба.
Питањето во Словенија и натаму се решава „комбинирано“, а барањата на СНС добиваат се поголем број приврзаници.






