Западната демократија ја изгуби портокаловата боја
Какви бои има западната демократија? Има ли доминатна? Веројатно е зелено- сината (САД- Европа), но не треба да се заборави и на жолтата (европските ѕвезди; се сеќавате на „Подвлечено со жолто“?). Црвената е нејзино минато, особено затоа што се смета дека повеќе недемократска (таму кајшто ја има, на пример во Кина, некои латиноамерикански држави…). А портокаловата (како „премин“ од црвена во жолта)? Е, неа дефинитивно ја (из)губи.
Дали со новата светска економска односно финансиска криза западната демократија полека не станува доминатно сива, поточно безлична?
Верувам дека добро се разбравме. Па, размислете.
Очекувано, со оглед на состојбата која трае подолго време, а кулминира во последниве неколку недели, владејачката коалиција во Украина конечно се распадна. Претседателот на украинскиот Парламент Арсениј Ајцењук објави дека прозападната коалиција го прекинува своето постоење:
„Обврзан сум да ја исполнам својата уставна обврска. Ова беше долго очекувано, но за мене е многу тажно. Официјално ја прогласувам коалицијата на демократските сили во украинскиот Парламент за распуштена“.
„Портокаловата“ коалиција беше составена од блокот на премиерката Јулија Тимошенко и пропретседателскиот блок „Наша Украина – Народна самоодбрана“.
Со распаѓањето поранешната советска република влезе во ново политичко превирање.
Во согласност со коалициониот договор, Јулија Тимошенко ќе мора да поднесе оставка и да ја врши должноста привремено до формирањето на новата Влада.
Постојаните судири на претседателот Јушченко и премиерката, мошне веројатни соперници на идните претседателски избори што ќе се одржат кон крајот на идната година или почетокот на 2010-та, се засилени со текот на руско- грузиската војна во август.
Најновите случувања, поточно бранувања во Украина имаат релации и корелации во тријаголникот НАТО-Кавказ-Русија. Се разбира, Украина е во него, речено во стилот на почетокот на текстов- се удира во неговите страни или точки и ја (из)губи полртокаловата боја на демократијата.
Некои важни „нешта“ што ја објаснуваат „тријаголната ситуација“:
При посетата на Тбилиси, Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, изјави дека Алијансата ќе продолжи да се шири и покрај противењето на Русија. Тој изрази уверување дека на Грузија вратите на НАТО „се ширум отворени“ и ја предупреди Русија оти никој не може по пат на воена акција да ги разбие врските кои Алијансата ги има со Грузија.
Генералниот кој допатува во Грузија за да ја изрази поддршката на Алијансата на оваа земја по руската интервенција поради Јужна Осетија. Притоа одржа предавање на Универзитетот во Тбилиси. Де Хоп Шефер рече дека НАТО нема намера да ја казни Русија и оти сака натамошна соработка со таа земја, но го осуди тоа што Москва ја призна независноста на грузиските сепаратистички области Јужна Осетија и Абхазија. (Подоцна ова ќе го „објасни“ на мошне небулозен начин.)
Шефер ја предводи делегацијата на амбасадорите на сите 26 земји- членки на НАТО. Таа в среда треба да го посети грузискиот град Гори, во близина на Јужна Осетија, од кој руските сили треба да се повлечат до 10-ти октомври.
Шефер и делегацијата и дадоа гаранции на Грузија дека ќе ја поддржатг по војната со Русија и ќе продолжат да се залагаат за нејзин прием во западните институции. Тие разговараа со грузиските официјални лица и притоа искажаа солидарност со сите граѓани на Грузија.
„Ќе ви покажеме дека сме на ваша страна и ве поддржуваме во настојувањата да ја преобликувате државата и да заземете место во европската и евро- атлантската заедница“, рече Шефер на состанокот со грузиските лидери, вклучувајќи го шефот на државата Михаил Саакашвили. Сепак, претставниците на Алијансата не прецизираа кога ќе и дадат зелено светло на Грузија за членство во НАТО. Аналитичарите сметаат дека НАТО се колеба да го стори тоа поради страв дека таквиот потег би го предизвикал гневот на Русија, која остро се спротивставува на ширењето на НАТО.
Во тријаголникот Грузија е во точката Кавказ, која може да се нарече и „приближување на НАТО се поблиску до Москва“. Токму „незапирливот“ процес на проширување (според Шефер кој е очигледно лош оценувач и проценувач; многу брзо ќе го доживее неговото запирање, ако веќе не го „чувствува“) најнепосредно влијае врз загрижувачките превирања во Украина.
„Јасно е дека, покрај фактот оти односите на НАТО и Русија во овој момент се ладни, и за едната и за другата страна постои само еден пат, а тоа е соработката. Мораме да ја продолжиме соработката. Тоа во овој момент е тешко, бидејќи ние остро ги осудивме руските акции, го осудивме руското признание на независноста на Јужна Осетија и Абхазија- кои ги сметаме за грузиски територии“, рече Шефер за Би-Би-Си. „Со други зборови, ова не е лесен период во нашите односи, но сметам дека НАТО не би требало да се откаже од курсот кој неодамна го зазедоа шефовите на држави или влади на Алијансата“.
Тоа е небулозното „објаснување“. Она што за НАТО „мора“, за Русија веќе „не може“. Повеќе од сигурно е дека во наредниот период ќе бидеме сведоци не на проширување, туку на стеснување на Алијансата (па и делење), заедно со промените во темелот, во сушноста на нејзиното постоење и опстојување.
На дводневниот неформален состанок на министрите за одбрана на НАТО во Лондон, посветен на односите со Москва по војната во Грузија и мисијата на Алијансата во Авганистан, Шефер рече и дека Грузија и Украина имаат право, доколку го сакаат тоа, да се интегрираат во НАТО.
„Шефовите на држави или влади на состанокот во Букурешт во април донесоа јасна одлука Украина и Грузија да можат да станат членки на НАТО, ако ги исполнат критериумите за тоа и ако, се разбира, го сакаат тоа. Грузиската криза нема да не скршне од тој пат“, истакна Шефер.
Распадот на владејачката реформистичка коалиција во Украина доаѓа во прилично тежок момент, со оглед на рускиот воен упад во Грузија кој го дестабилизира целиот регион.
Според мислењето на многумина аналитичари, Украина би можела да биде следната стратешка мета на Русија. Сите се согласуваат дека политичката стабилност во таа земја во многу би помогнала во ублажувањето на рускиот притисок, а некои велат дека приклучувањето кон НАТО би ја зајакнало безбедноста.
Официјален Вашингтон го поддржа украинското приклучување кон воената алијанса (нормално), меѓутоа не е понуден конкретен временски рок.
Руската воена инвазија на Грузија предизвика тревога на разни страни зашто, како што на неодамнешната панел дискусија во Фондацијата „Херитиџ“ рече стручњакот за Русија Ериел Коен:
„Се наоѓаме на почетокот од големо престројување во кое војната на Кавказ е само првиот земјотрес во големото поместување на текстонските плочи на Евроазија“.
Повеќето аналитичари сметаат дека руската акција не била насочена само на заземање на сепаратистичките региони, туку и на дестабилизација на прозападната грузиска влада. Тоа предизвикало стравување во останатите млади источноевропски демократии, а посебно во Украина.
„Централна мета ќе биде Украина, а потоа Азербејџан, кој ќе биде изложен на се поголем притисок да ги прекине врските со Запад, а поцврсто да ја поврзе својата енергија со Русија. Сепак, Украина е ранлива и на некој начин претставува главна награда“.
Директорката на Центарот за евроазиски, руски и европски студии на Универзитетгот „“Џорџтаун“, Анџела Стент, се запраша:
„Дали Русите сега ќе ја отфрлат спогодбата со Украина од 1997-ма година, во која заемно ги признаваат границите и се регулира статусот на Црноморската флота и дали ќе речат дека сега е се повторно отворено за ревизија? Со други зборови, каде тоа ќе запре? Би рекла од аспект на САД и Западот воопшто, тоа е мошне загрижувачко“.
Од аспект на САД да, ама не и од аспект на Русија во „коалиционото дејствување“ со Евроазија. Како мошне загрижувачко за САД и Западот не смее да се занемари и се поголемото приближување и се посестраната соработка на Русија со Кина, „тивкото дејствување“ на Блискиот Исток… А што се однесува на Украина , нема потреба од радикален чекор каков што би бил раскинување на спогодбата од 1997-ма. На пример, доволно е само да се спомне испораката на рускиот гас на Украина.
Украина безбедносно- стратешки е далеку поважна за Русија отколку Грузија, мисли Јануш Бугајски од Центарот за стратешки и меѓународни студии, па затоа е битно на министерскиот самит на земјите членки на НАТО во декември на Украина да и се врачи Акционен план за приклучување кон Алијансата.
„Мислам дека мислењата сега се поделени- дали руската акција треба да го забрза или забави проширувањето на НАТО. Важно е Украина сама да одлучи што сака. Исто така, Грузија да беше членка на НАТО, како што сметаат многумина во Вашингтон, Русија не би влегла на нејзина територија.
Многу нешта зависат од сојузниците. Русија има мошне добри односи со Германија и Франција, а тие две земји всушност го блокираат процесот на придружување на Украина и другите земји кон НАТО“.
Потпретседателот на САД, Дик Чејни, на почетокот од месецот ја посети Украина и им порача на лидерите во Киев дека Вашингтон го поддржува придружувањето на нивната земја кон воената алијанса, зашто, како што рече, САД имаат „длабок и траен интерес Украина да остане безбедна“.
Минхенскиот дневник „Зидојче цајтунг“ ја коментира политичката криза во Украина:
„Конечниот крах на „портокаловата коалиција“ во Киев дојде во најлошиот можен момент за Украина. По рускиот напад во Грузија целото подрачје на Црното море е во центарот на вниманието. Украина би можела да биде следната држава чија надворешна политика Москва би можела да се обиде да ја контролира. А во Киев владее политички хаос, целото раководство на земјата е парализирано. Претседателот Виктор Јушченко и премиерката Јулија Тимошенко, кои пред четири години заеднички се бореа против системот на олигархијата, сега меѓусебно се блокираат. Од тоа корист имаат само оние сили во Украина кои не се заинтересирани ниту за приближување кон Западот, ниту за демократизација на земјата“.

Во анализата на односите и моментната ситуација во Украина, како и на односот Украина- Русија мора да се имаат предвид „новите односи“ помеѓу Русија и САД. Она што се случува некои го нарекуваат „нова игра“ која лесно може да се оттргне од контрола, а некои нова ера на конфронтација на САД со Русија. Јас на неколку пати, во повеќе прилози, изнесов став дека се работи за почеток на нова Студена војна, се разбира поинаква од онаа во минатото, со поинаква форма и содржина.
Имено, не е спорно дека новата американска доминација задира во руските интереси или во, како што се вели, „империјалистичките инстинкти и потенцијали“. Исто така е јасно дека светскиот поредок е само збор, а „драма и трагедија и претстојат на светската историја“- како што заклучува германскиот „Ди Велт“. Коментаторот на весникот потенцира дека проширувањето на НАТО до ѕидовите на Санкт Петербург, можеби уште поблиску до Москва, без оглед на црвената линија на Кремљ, потоа косовската криза од војната до независноста, создадоа од Русија она што Запад не го сака. Западната политика од 1990-та непотребно придонесе за создавање на лута и огорчена Русија.
Во јуни годинава руската агенција „Риа новости“ објави текст во кој, преку една темелна анализа, се обиде да одговори на прашањето каков ќе биде светот за Русија во случај Украина во нејзините современи граници да стане членка на НАТО, односно кои би биле последиците за неа од таквиот чекор:
„Прво, чисто воени последици. Напнатоста на западните граници на Русија драстично ќе порасне. „Времето на долетување“ на тактичката авијација на НАТО од границата до Москва, кое денес изнесува околу еден час, ќе се скрати до 20-25 минути. Силите на Алијансата ќе се зголемат за неколку дивизии, 300-350 борбени авиони и 10-12 бродови, што уште повеќе ќе го зголеми и онака значајниот распон во односот на силите помеѓу Русија и НАТО.
Политичките последици се тесно поврзани со воените и тие ќе се сведат пред се на зголемување на напнатоста во односите помеѓу Русија и Западот. Политичката клима, која и денес е кревка, конечно ќе се лизне во најлошите времиња на Студената војна со напната конфронтација во Европа, само што овојпат фронтот ќе биде длабоко во територијата на поранешниот Советски Сојуз.
Економските последици на стремежот на Украина во НАТО се забележливи веќе денес- воено- индустрискиот комплекс на Руската федерација е приндуден да ја редуцира соработката со западниот сосед, континуирано преместувајќи го во Русија производството на склопови и агрегати за воена техника и вооружување, порано произведувани во Украина, или да разработува нивни аналогии. Номенклатурата на тие производи е прилично широка- електронски компоненти, ракетни, авионски, бродски и тенковски мотори, различни помошни средства и друго. Во случај Украина да стане членка на Алијансата, за продолжување на таа соработка не може да стане ниту збор.
Меѓутоа, најзначајната последица на вклучувањето на Киев во Северноатлантскиот пакт ќе биде правното фиксирање на новата геополитичка реалност. Реалност во која ја нема веќе три столетија долгата доминација на Русија над териториите на поранешната Киевска Русија. Реалност која и овозможуваше на Русија да се смета за лидер, обединувач и покровител на источно- словенската цивилизација. Тешко дека руското раководство размислува во тие категории, но не треба да се сомневаме дека Русија ќе ги примени сите достапни политички и економски лостови за да ја задржи Украина како минимум во неутралниот статус, а како максимум- да го зголеми таму своето влијание. Судбините на Русија и Украина одамна се веќе тесно испреплетени за конечната загуба на таа земја да помине незабележано за Русија“.
За новата Студена војна подетално другпат, во некој следен прилог, а овојпат само она што е „поврзано“ со боите на западната демократија:
Познато е дека децениската Струдена војна помеѓу двете супер сили (СССР и САД) се водеше со сите раасположливи економски, политичќки, воени и пропагандни средства, а со цел да се порази или барем понижи проитивникот. Освен турката во вооружувањето, двете страни се натпреваруваа и во културата, науката, спортот. Се заврши со „Перестројката“ на Горбачов, распуштање на источниот воен сојуз- Варшавскиот договор и распаќањето на Советскиот сојуз.
Денес светот е поинаков од вчера. Ако вчера САД беа „најдемократска земја на светот“, ја имаше демократијата во толку големо „количество“ што почна дури и да ја извезува, сега веќе не е тоа. Особено по големите економски и финансиски тектонски потреси во кои од една страна се покажува нејзината економска моќ и способност да ги издржи подолго време, но не може да влијае врз нив, да ги „распредели“ низ светот, да направи „светска“ рамнотежа во нивните последици. Ги чувствува целиот свет (и Русија), но не подеднакво. Нјсилно токму САД и ЕУ.
Дали е започната или не, дали штотуку започнува новата Студена војна, е прашање кое бара темелна промисла, но засега е доволно ако како „индикатор“ посочам на веќе спомнатото губење на боите на западната демократија која, патем, во изминатиот повеќедецниски период многупати ја покажа својата деструкција на личен- индивидуален и колективен (национален и меѓународен) план: доминацијата на бојата на „црното злато“ и безбојната односно сината боја при горење, без оглед на турбуленциите на нивната цена (Русија по Саудиска Арабија има најголеми залихи на нафта и гас. Европа е зависна од нив, а и Америка во добар дел оти ги увезува во енормни, „ненормални“ количества- колку и Кина, Јапонија, Русија, Германија и Франција заедно).
А бојата на нуклеарките, на новите интерконтинентални балистички ракети, на новите ракетни системи од типот „Топол-М“, на ракетниот штит…






