ЕУ да не го заборави Западен Балкан
Во организација на германското „Друштво за југоисточна Европа“ во изминатиот викенд (12-ти и 13-ти септември) во Министерството за надворешни работи во Берлин се одржа меѓународна конференција „ЕУ и Западен Балкан“. Во нејзината работа, освен домаќинот, учествуваа бројни владини претставници од земјите на регионот и државите- членки на ЕУ, научници, активисти од институции на граѓанското општество, како и претставници на Европската комисија и парламентот.
Потенцирано е дека процесот на стаблилизација и асоцијација на земјите од Западен Балкан и во иднина мора да биде тежиште на политиката на Европската унија, а како поттик и образец можат да послужат успесите на словенечкото претседавање со ЕУ во првата половина од годинава.
Оценето е дека од пресудно значење за успешно продолжување на нивната европска интеграција ќе биде натамошната политичка стабилизација и општествено- економската преобразба на регионот. Еднакво нужна е и флексибилноста на ЕУ при одредување на критериумите во процесот на придружување на одделни земји, но и истрајност во барањето за исполнување на поставените услови.
Освен билатералните несогласувања околу Косово, проблемот со името на Македонија или словенечко- хрватската граница, сопирачка на интегрирачкиот процес би можело да претставува запирањето на ратификацијата на реформскиот договор на ЕУ по неуспехот на референдумот во Ирска.
Европскиот парламентарец Ханес Свобода потсети на моментната состојба на нештата, имајќи ја предвид Прага како претседавач во првата половина на 2009-та година, и предупреди:
„Без Лисабонскиот договор нема ниту проширување на ЕУ. Подозрението, а во дел и отпорот на чешката Влада и претседателот спрема Лисабонскиот договор може да значи блокада на проширувањето“.
На конференцијата е укажано и на значењето на мерките за зачувување на европската перспектива на земјите во регионот, како што се БиХ и Србија, кои не можат да очекуваат брз прием во ЕУ. Се мисли на сите форми на унапредување на стопанската и културно- научната сопработка, а особено укинување на визите.
Поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шварц- Шилинг, ја критикуваше европската визна политика:
„Прашањето за визите, токму и како прашањето за инфраструктурата, мора да се реши што побрзо, и тоа во општ контекст на целиот Балкан. Во спротивно, секое вложување на напори во интеграцијата во Европа и во меѓуетничката интеграција на државите е апсолутно контрапродуктивно“.
А во врска со потребата од позабрзано интегрирање на земјите од Западен Балкан, ќе потсетам на извештајот на Меѓународната комисија за Балканот од 2006-та година, во кој беа изнесени мошне валидни и се уште актуелни сознанија и заклучоци, од кои првиот е дека 2014-та година е објективен датум за нивно пристапување кон ЕУ. Притоа се има предвид досегашната практика која покажа дека на земјите во просек им се потребни 15 години за завршување на процесот на придружување, но посочената година има и симболично значење, бидејќи тогаш се навршуваат 100 години од почетокот на Првата светска војна.
Во извештајот се нагласува дека статус кво состојба на Балканот е неодржлива и се повикува ЕУ да го забрза процесот на придружување на сите земји во регионот. Членовите на комисијата истакнаа дека за балканските земји влегувањето во ЕУ е влегување во европската иднина и разделба од минатото и војните. Од друга страна, доколку сакаат приближување кон ЕУ, државите на Балканот мораат да ги јакнат институциите, заедничкиот економски простор и зоната на слободна трговија, демократизацијата и прореформските сили, како и да обезбедат почитување на малцинските права и да создаваат нови лидери. Втората фаза би подразбирала преговори за придружување, а третата рамноправно членство во ЕУ.
Во Меѓународната комисија за Балканот, освен директорот Иван Крастев, членови се и поранешниот италијански премиер Џулијано Амато, поранешниот претседавач на Советот на министрите на БиХ Златко Лагумџија, словенечкиот претставник во Европската комисија Јанез Поточник, како и францускиот член Франсоа Хајзбург. Членови се и поранешните функционери во балканските земји Киро Глигоров, Горан Свилановиќ, Карл Билт, Невен Мимица, Илир Мета, Мирчеа Џоана, како и поранешни функционери на американската администрација и на Светската банка.
Потсетив на тој извештај особено поради проценката оти за завршување на процесот на придружување кон ЕУ се потребни 15 години, а и поради интересната „објективизација“ на датумот односно годината за зачленување, 2014-та, што се поврзува со навршувањето на 100 години од почетокот на Првата светска војна.
Еве и нешто „поново“:
Водечките политички групации во Европскиот парламент на 10-ти јули годинава во Стразбур дебатираа и ја усвоија Нацрт- резолуцијата што ја предложи германскиот пратеник Елмар Брок. Притоа дадоа поддршка на продолжувањето на проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, на што се придружија и претставникот на француското претседателство со ЕУ, Жан- Пјер Жуе, како и европскиот комесар за проширување Оли Рен.
Рен изрази задоволство што и Европскиот парламент, по Советот на ЕУ во јуни, дава поддршка на продолжување на проширувањето, и покрај проблемите со ратификацијата на Лисабонската спогодба која е неопходна за да може да пристапи која било нова членка.
Во усвоената нацрт- резолуција, меѓу другото, се потсетува дека во процесот на идното проширување е непоходно да се пронајде баланс помеѓу геостратешките интереси на ЕУ и интегративниот капацитет на Унијата. Европскиот парламент повикува на забрзување на преговорите за визната либерализација, а дава поддршка на јакнењето на односите помеѓу земјите на Западниот Балкан и ЕУ во трговијата, енергетиката, образованието и истражувањето.
Сепак, без оглед на авторитетноста на Меѓународната комисијата, на заклучоците од посочената резолуција на ЕП (еден од многуте досега усвоени документи за истата „проблематика“), а имајќи ги предвид пред се заклучоците од конференцијата во Берлин, повеќе од сигурно е дека ЕУ не го заборава Западниот Балкан, туку очигледно полека и „внимателно“ формира други негови „страни“.
На пример Југоистоичен Балкан, со „сигурно“ членство и на Република Македонија, но се разбира со ново име на „задоволство“ на Данајската република односно Грција. А чии членки, како што веќе се прогнозира, не можат ниту да помислат на членство пред 2020-та година. Можеби и некоја година или деценија по неа.






