Два добри спортски резултата
Дали добар спортски резултат односно успех е само победа или нерешен исход на еден натпревар? Се разбира, но прашањето е дали понекогаш тоа не е и поразот? Или поинаку: кога поразот е успех? Имајте ја предвид и градацијата- од најмал до најголем, од слаб до силен, од недоволен до извонреден (преку солиден) итн.
Нема многу да „филозофирам“ (иако не се работи за никакво филзофирање, ниту со, ниту без наводници), најмалку, пак, да толкувам, објаснувам, дефинирам нешто што е одамна познато, нешто што етимологијата (не само таа) одамна го „расчистила“. Само ќе речам дека во спортот резултатот не е мерка и мера на успехот, туку самата игра- натпреварот (види: „Игри и луѓе“, студија на Роже Кајоа).
Прв добар спортски резултат:
Македонската фудбалска репрезентација на Градскиот стадион во Скопје е поразена од селекцијата на Холандија. Искрени честитки.
Поразот успех?! Да, секако. „Стандардно“ новинарско известување за него:
Македонските фудбалери се бореа храбро, но го положија оружјето пред фаворизираната Холандија. Загубија со 2:1 во вториот квалификациски натпревар за Светското првенство во Јужна Африка, што ќе се одржи во 2010-та година. На „Градски“ уште една епизода од многупати видената приказна, игра на ниво против светска велесила, но повторно пораз.
Ама каков пораз, ве молам? Се разбира, не е победа („фактичка“), ама никако не може да се оквафиликува како пораз. Го негира самата „игра на ниво“, оние 75 извонредни минути, што ќе рече дека Холандија беше подобра само 15 минути. Некој ќе рече дека на големите и минута-две им се доволни да решат натпревар во своја полза (големите, квалитетните „ги следи среќата“). Точно, ама заборавивте што беше тоа натпревар или игра? Нели секојо односно секоја трае „од почеток до крај“?
Конкретно: дали гол во последната минута или, дури, секунда и нерешен резултат ќе беше голем, огромен успех против една фудбалска велесила, како што е Холандија? Го оставам настрана значењето на резултатот за квалификациите за Светското првенство.
Македонија постигна извонреден успех против Холандија. Како „илустрација“ приведувам пак дел од „стандардните“ новинарски извештаи:
Во првото полувреме бевме најмалку рамноправни, во поголем дел и подобри, но за жал без шанси. Пандев двапати влегуваше во поволна позиција, но беше себичен во завршницата. Постигна гол кој не беше признат поради офсајд, иако акцијата Наумовски – Шумуликовски – Пандев, беше најдобра во таа фаза од мечот. Се почна да се урива по само половина минута во продолжението. Пред две години против Англија Питер Крауч го погоди голот додека момците во „црвено“ не беа ниту свесни дека почнал вториот дел. Сега такво наше невнимание искористи Џони Хаитинга. По водството на Холанѓаните 15 минути се баравме себеси, не се најдовме, но затоа на истекот на првиот час целата работа ја заврши противникот. Проигран од Ван Бомел, Рафаел Ван Дер Варт погоди во целта и речиси го замолкна стадионот.
Како никогаш досега во таква ситуација, македонскиот тим, иако на границата на физичка исцрпеност, најде сила да се врати во играчка смисла. По вториот непризнат гол на Пандев во 67-та минута, повторно поради офсајд, и обидот на Тасевски, ја навестија шансата на Пандев во 68-та минута кога Стекеленбург одбрани. Но, затоа пак мораше да потклекне во 76-та. Чудниот полски судија се колебаше, но сепак досуди пенал по дуелот помеѓу Матицен и Наумовски во холандскиот шеснаесетник, кој нашиот најдобар фудбалер го претвори во погодок за 2:1.
Можноста што ни се укажа да бркаме и втор гол за реми го направи финишот неизвесен, драматичен. Напаѓавме со сите орудија, но сепак не го повторивме резултатот од септември 2004-та. Остана 2:1 за Холанѓаните.
Победа и пораз за Македонија на стартот од квалификациите за Светското првенство во Јужна Африка 2010 година. (Се мисли на победата над Шкотска пред некој ден од 1:0 и овој „пораз“ против Холандија.)
И натпреварот против Шкотска го коментирав не како „блескав успех“ поради минималната победа, туку како добра игра која допрва гарантира успеси (види текст на овој сајт). Се разбира, кога сега го оценувам резултатот против Холандија како добар го имам предвид и него.
Македонската репрезентација се докажа и се докажува како добар, стандарден, компактен тим, со искуство и знаење, со се помали осцилации во играта што ја игра до последната минута. Слабостите се евидентни, ги посочи и селекторот Среќко Катанец, а треба да се потенцира инфериорноста спрема европските и светските сили во однос на физичката подготвеност, покажана не само против Холандија (па и Шкотска; којзнае што ќе се случеше ако не го „наместивме“ времето за играње, кое сепак беше поподносливо за нас- „малку повеќе“ сме навикнале на големи горештини отколку Шкотите). Меѓутоа, прашање е дали за краток период, во текот на квалификационите мечеви за Светското првенство, може да се направи нешто повеќе на тој план.
Ќе укажам „лаички“ само на уште нешто:
Во светот на фудбалот се појасни стануваат две спротивни концепции на развој, но е се уште тешко можеби и рано да се оценува и мери која е поуспешна: првата- силни национални првенства, со ангажирање на што поголем број на интернационалци, а слаба или послаба репрезентација (типичен пример е Англија), а втората- силна репрезентација, а слабо или послабо национално првенство (типичен пример Италија, па и Германија- мислам на последниве неколку години). Постои и трета, малку „заматена“, „нешто помеѓу“: силно национално првенство и солидна репрезентација (значи и секогаш меѓу најдобрите, но не најдобра).
Судејќи според состојбата во нашето првенство (пред се во Првата лига) и последните добри резултати на националната селекција (во последниве неколку години), за Македонија важи втората концепција која не е баш перспективна (ограничен избор на квалитетни играчи од една, а неможност, конкретно немање големи финансиски средства за поголема „интернационализација“ на првенството). Мислам дека во однос на стратегијата за развој на македонскиот фудбал најдобар избор би бил „нешто помеѓу“. Така би можеле да обезбедиме репрезентација која во континуитет, секогаш би била помеѓу добрите, стандардите, макар никогаш или уште долго не помеѓу најдобрите, но и првенство кое ќе биде повеќе квалитетно, повеќе неизвесно, привлечно за љубителите на фудбалот, а пред се ќе обезбеди позабележителен настап на клупските европски и светски натпреварувања.
Вториот добар резултат: победа на македонските кошаркари над Естонија, со која го направија можеби решавачкиот чекор кон Европското првенство во Полска наредната година. Ја совладаа Естонија на нејзин терен со 90:78. Ако се има предвид дека претстои гостување кај аутсајдерот Португалија, а на домашен терен треба да играме со балтичките противници, дуелот со Летонија веројатно ќе биде последната пречка за првата позиција во групата која директно обезбедува место помеѓу најдобрите во Европа.
Оценката односно коментарот за фудбалската селекција важи и за кошаркарската. Притоа не го сметам за добар само постигнатиот резултат и големите шанси за пласман на Европското првенство, туку и (многу повеќе) „европската игра“ што таа во континуитет ја покажува на овие квалификациски натпревари. За корекција на покажаните слабости ( на пример, периодична демотивираност, па и инфериорност спрема противникот, што е пред се показ на психолошка „играчка“ нестабилност) нека мисли стручниот штаб.






