Големи успеси на македонскиот спорт
Македонскиот спорт постигна уште два големи успеха: едниот пласман помешу најдобрите во Европа, а другиот „победа во пораз“.
Во изминативе неколку години македонската кошарка го изодуваше патот кон европскиот врв и конечно стаса на целта. Постигнат е успех кој за една мала земја е голем како планина. Токму поради фактот дека, од многу објективни и субјективни причини (подеднакво), ретко можеме да се радуваме на европски и светски резултати.
И македонските одбојкари забрзано чекорат кон европското друштво на најдобрите. Неуспехот да обезбедат настап во финалниот турнир на Европското првенство е една од оние „победи во пораз“ што лесно ја препознава и на која и се радува спортскиот дух.
По победата над Летонија завчеравечер (80:78), репрезентацијата на Македонија практично го обезбеди настапот на финалниот турнир на Европското првенство во Полска. Преостануваат уште две средби, со објективно послаби противници, и гостува на Португалија и ја пречекува Естонија, па би било големо изненадување во двете да претрпи пораз (особено на домашен терен в сабота против Естонија).
Нема подобра квалификација за пласман во групата на најдобрите во Европа од историски успех, за кој заслугите целосно и припаѓаат на оваа веќе созреана и на индивидуален план одамна докажана генерација.
Од друга страна, и овојпат покажуваме дека не знаеме, се уште не сме научиле да се радуваме на победа при очекуван, реален пораз. А токму во тоа е големината на спортскиот дух.
Да, станува збор за македонската одбојкарска репрезентација. Иако сите посакуваа чудо (без наводници), тоа не се случи, ниту можеше: синоќа, во реванш мечот од баражот за пласман на Европското првенството идната година во Турција, против реално многу поквалитетната екипа на Чешка (во првиот меч поразот од неа беше максимален- 3:0 во сетови), нашите одбојкари загубија со 3:2.
Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје на публиката, која масовно дојде да помогне навивајќи, уште по првиот сет и стана јасно дека „чесниот“ пораз ќе претставува успех, кој со добра игра и максимален ангажман е постигнат.
Зарем некој веруваше во „чудото“- во реваншот Македонија да триумфира во 3 сета (3:0) и притоа да не му дозволи на противникот да освои 42 поена?
Успехот (во поразот) е голем и треба да им се честита на нашите најдобри одбојкари. Особено затоа што имаа шанси да ја совладаат селекцијата која ќе игра на Европскиот шампионат наредната година. Водеа двапати, го добија третиот сет по голема борба со 25:23, а Чесите со 25:16 во четвртиот заработија 5- ти сет. Во него Македонија имаше две меч топки, но не ги искористи, па конечно беше поразена со 3:2.
Дали македонската одбојка е или не е европска, не може да се суди според неуспехот во баражот за Европското првенство во Турција. Ниту да се тврди дека е „тука некаде“. Се разбира, секогаш има уште „многу работа“ (ќе ја немаше ако се обезбедеше пласман?), но е неспорно дека и во овој колективен спорт можеме достоинствено и успешно да и се спротивставиме на Европа.
Треба да се согласиме: овој квалификациски циклус на македонска машка одбојкарска сениорска репрезентација ќе остане запаметен во историјата на македонската одбојка како еден од најквалитетните настапи на нашите репрезентативци.






