Време е за апсење на Младиќ и предавање на Хаг
Прилично наивно „звучи“ информацијата на некои белградски медиуми дека Младиќ бил „успешно лоциран“, па следува негово големо односно спектакуларно апсење (тоа сигурно).
Досегашното искуство со други обвинети за злосторство против човештвото (Караџиќ и други) вели дека во ниедна држава, па и во светот (помина времето на успешното повеќедецениско криење низ Централна и Јужна Америка на германски нацисти по Втората светска војна), дури и кога станува збор за најголемите- водечките криминалци, нарко дилери итн., не е можно толку успешно, повеќегодишно (повеќе од една деценија) бегање односно конкретно од Хаг. Убеден сум дека, како и со Караџиќ, на домашната и странската јавност „успешно“ ќе и биде „раскажана“ приказната за негово случајно препознавање од „некој“ (што, нели, треба да добие и ептен „масна“ награда).
Мене лично многу повеќе ме интересира со каква „маска“ ќе биде фатен. Ми се чини дека не му „лежи“ долга брада, а и годините во илегала не би требало на лицето да му оставиле подлабоки траги. Сигурно од личните (семејните) драми што ги преживеа, евентуално работата како цивил (на пример, ако не е шпекулација, како овчар), ама тие не би требало драстично да му го смениле личниот опис.
Зошто мислам како што мислам? Затоа што, како и вие, читам и слушам: прво дека, апсењето на Ратко Младиќ наводно е дополнително забрзано по одмрзнувањето на големиот трговски договор со ЕУ; а второ, верувам дека српскиот обвинител на воени злосторници Владимир Вукчевиќ знае што зборува односно е информиран за „моментната состојба“:
“Младиќ не планира да се предаде. Не го променил идентитетот, ниту својот изглед, а се крие на поразличен начин од Караџиќ. БИА дошла до нови податоци за мрежата на неговото бегство”, изјавил тој за српски „Курир“. Не треба да се занемари и тврдењето на адвокатот на Радован Караџиќ, Светозар Вујачиќ, дека Вукчевиќ е еден од тројцата луѓе во Србија кои знаат каде се наоѓа бегалецот. Вујачиќ за „Курир“ тврди дека Вукчевиќ и Љајиќ преговарале со Младиќ да се предаде самоволно:
„Доверливо знам дека преговараа со Младиќ да се предаде. Значи, ако обвинителот Вукчевиќ ја зборува вистината, тогаш Младиќ е лоциран, а не знам зошто би кажувал невистина, бидејќи читателите на весниците, а и јас му веруваме поради важната функција која ја извршува. Јасно е како ден дека го лоцирале, но и дека се свесни оти неговото апсење ќе биде многу крваво. Тој е војник и нема да се предаде жив. Неспорно е дека ќе има вооружена пресметка“, вели тој.
И Вукчевиќ за српските медиуми појасни дека во најтесниот круг на луѓе што го чуваат Младиќ има многу кои се подготвени во секој момент да употребат оружје, што го прави апсењето на Младиќ многу потешко отколку она на Караџиќ.
Спроед него, тој се крие во Белград, заштитен од своите воени другари, босанските Срби. Обвинителството знае дека некој му помага на Младиќ и за тоа најавува истрага.
Воениот аналитичар Мирослав Лазански исто така тврди дека од изјавите на Вукчевиќ може да се заклучи оти Младиќ е лоциран, дека се во прашање денови кога тој ќе биде уапсен. Според него, ако обвинителот знае дека Младиќ не го сменил личниот опис, веројатно знае и каде тој се крие.
„Зошто тогаш не го уапси? Зошто едноставно не ја работи својата работа?“, прашува Лазански.
Сепак, јас не мислам дека неговото апсење ќе биде „крваво“. Едно затоа што на српскиот народ му е веќе преку глава од „играњето мачка и глушец“ со преостанатите обвинети за злосторство од Хаг („главни“ се уште Младиќ и Хаџиќ), а друго оти веќе не „игра“ она: „Еднаш војник, секогаш, до смрт војник“, па и Младиќ одамна се има „простено“ од војникувањето. Лично мислам дека ќе биде исто или приближно исто како со Караџиќ (со „епизодни“ демонстрации на групи заштитници на „српството“).
Дека е дојдено времето за апсење на Младиќ зборува и „ненадејната“ дводневна посета на главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц. На заедничката прес-конференција со Расим Љајиќ, шефот на српскиот Национален совет за врски со Трибуналот на ОН, тој во средата (10-ти септември) повторно ги повика српските власти да ги фатат преостанатите двајца главни обвинети за воени злосторства зашто е тоа „клучна цел на нашата целосна соработка“. Тој верува оти новата Влада ќе ги обезбеди неопходните ресурси за решавање на преостанатите прашања во врска со соработката на Србија со Трибуналот.
Истовремено, холандската Влада преку своето Министерство за Европа повторно испрати јасна порака дека нема да гласа за трговскиот договор со Србија се додека двајцата обвинети не бидат уапсени (меѓу другото, веројатно и поради „сенката на совеста“ за Сребреница).
Потсетник:
Поранешниот командант на босанските Срби Ратко Младиќ бега од властите од 2000-та година. Тој е еден од најбараните обвинети на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ). За првпат беше обвинет заедно со поранешниот претседател на босанските Срби Радован Караџиќ во јули 1995-та година. МКТЈ го потврди второто обвинение во ноември истата година. Трибуналот издаде изменето обвинение во ноември 2002-ра, кое го покрива периодот помеѓу 12-ти мај 1992-ра и 22-ри декември 1996-та година.
Ратко Младиќ е роден на 12-ти март 1943-та година во Калиновик, Босна и Херцеговина (БиХ). По завршувањето на воената академија на Југословенската народна армија (ЈНА) во Белград, тој станува редовен војник на ЈНА. Распределен е во Книн, Хрватска, во 1991-ва година, како командант на Деветтиот корпус на ЈНА. Во април 1992-ра ја презема командата на Втората воена област на ЈНА, со седиште во Сараево. Следниот месец Младиќ станал командант на Главниот штаб на војската на босанските Срби (ВРС), позиција на која останал до декември 1996-та година.
Обвинението го товари Младиќ, врз основа на неговата индивидуална и супериорна криминална одговорност, по 13 точки: за злосторства против човештвото и кршење на законите или обичаите на војувањето, за дејства на прогон, убивање, депортација и нехумани дејства, тероризирање и земање заложници, во кои наводно учествувал. Освен ова, се соочува по две точки за геноцид, вклучително, но не и единствено, и за масакрот на 8.000 мажи и момчиња од босанските Муслимани за време на српската агресија во заштитената зона на ОН Сребреница во јули 1995- та година.
Според обвинението, Младиќ „извршил или на друг начин помогнал или поттикнал планирање, подготвување или извршување на намерно делумно уништување на националната, етничката, расната или верската група на босанските Муслимани, како што е во Кључ, Котор Варош, Приедор, Сански Мост и Сребреница“.
Во обвинението, исто така, се наведува дека од мај 1992-ра година силите под команда на Младиќ пукале со снајпери и го гранатирале градот Сараево, убивајќи и ранувајќи цивили, предизвикувајќи терор врз населението. Во 44- месечната опсада на главниот град на БиХ, наводно, се убиени 10.500 луѓе, вклучително и 1.800 деца, а се ранети 50.000 луѓе.
Поранешниот водач на ВРС, според обвинението, дејствувајќи индивидуално или во координација со други, учествувал во заеднички криминални дејства во БиХ, чија цел била „елиминирање или трајно отстранување, со сила или други средства, на босанските Муслимани, босанските Хрвати или другото несрпско население од големи области во земјата“.
Обвинувајќи го Младиќ за супериорна криминална одговорност за дејства или пропусти помеѓу 12-ти мај 1992-ра и 22-ри декември 1996-т година, обвинителите на МКТЈ потенцираат дека, како највисок офицер на ВРС во тоа време, тој му бил подреден единствено на претседателот на босанските Срби.
Исто така, наводно, Младиќ сносел индивидуална одговорност за воените злосторства, „кои ги планирал, поттикнувал, наредувал, извршувал или чие планирање, извршување или спроведување тој го помагал или го поттикнувал на друг начин“.
По крајот на конфликтот во БиХ, Младиќ се вратил во Белград, каде што живеел слободно под заштита на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ и честопати се појавувал на фудбалски натпревари, во ресторани и на црногорските плажи. Откако реформистичката Влада предводена од покојниот премиер Зоран Ѓинѓиќ дојде на власт, по соборувањето на режимот на Милошевиќ во октомври 2000-та година, Младиќ наводно го напуштил Белград за да избегне евентуално апсење и предавање на Трибуналот со седиште во Хаг. Меѓутоа, поранешната главна обвинителка на МКТЈ, Карла дел Понте, постојано инсистираше на тоа дека бегалецот е во Србија и ужива заштита од војската. Властите во Белград негираа.
Сепак, откритијата на крајот од 2004-та година како да ги поткрепија наводите на Дел Понте. Еден извештај од крајот на ноември објавен во сараевски весник ги вклучуваше и воените досиеја на персоналот на Младиќ, покажувајќи ги неговите соодветни отпуштања од Југословенската армија во 2001-ва и од ВРС во 2002-ра година. Неколку дена подоцна српскиот претседател Борис Тадиќ потврди дека Младиќ примал пензија од српско- црногорската војска на редовна основа и оти неговото право на тоа било неотповикливо.
Дипломатски извори понатаму посочуваа дека во летото 2004-та година Младиќ се криел во воен комплекс во близина на градот Хан Пијесак, во источна БиХ, и живеел во Србија на почетокот од јуни истата година.






