Вест од Македонија за светски „Топ 10“
Кој вели дека Македонија не е правна држава? Дека законите и судството во нив се уште не се на потребното „европско ниво“, а тоа е еден од се уште неисполнетите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ? Зарем е мал, недоволен аругментот дека дури и мечка може да се најде на суд и да се пресуди во корист на оштетената страна- човекот?
Не можам да им се изначудам на нашиве, директно и индиректно одговорни за исполнување на условите, како е можно случајот да не им го „удираат од глава“ на Оли Рен & comp во Брисел.
Малку збунува тоа што на некои српски сајтови и форуми веста е пласирана уште во март годинава, а кај нас во септември- дури сега. Во веста од март не се спомнуваат други нејзини „активности“, што би можело да значи дека сега објавената само го потврдува слабиот ефект од пресудата, особено на воспитен план, па судот ќе мора да биде многу поригорозен. Во секој случај, веста го обиколи светот и сигурно ќе се нареди во листата на 10 светски „топ“ вести.
Без оглед што многумина ќе се „скинат“ од смеење, се работи за сериозен проблем кој можеби подобро, поправедно и поправично не би го решиле ниту најразвиените демократски односно правни држави.
Имено, судот во Битола прогласи мечка за виновна поради кражба на мед и нанесување штета на пчелар кој од нападите на дивата ѕверка се бранел со гласна турбо- фолк музика.
„Се обидов да ја избркам мечката со светлина и музика зашто сум слушнал оти мечките се плашат од тоа“, изјави Зоран Киселоски на крајот од судењето кое траеше речиси една година. „Купив генератор, го осветлив делот со кошници и пуштив песни на Цеца“.
Мечката се држела подалеку од кошниците неколку дена, но се вратила кога генераторот останал без струја, а музиката престанала.
Бидејќи животното нема сопственик, а му припаѓа на заштитениот вид, државата ќе мора на пчеларот на име оштета да му плати 140.000 денари (3.500 долари).
Битолчанецот Томе Кузев, исто така искусен пчелар, чиј пчеларник со над 250 кошници се наоѓа во атарот на село Дихово, доби паричен надомест од државата откако една мечка му изела 7 пчелни семејства, а уште дузина други оштетила. Медената гозба се случила пред 2 години во јули, кога мечката во потрага по храна се симнала дури 7 километри до градот. Основниот суд од Битола го усвоил тужбеното барање, по што судиите донеле одлука државата да му ја надомести штетата во висина од 35 илјади денари. Кузев вели дека, за да се покрие целокупната штета, требало да добие барем двојно повеќе.
Во изминатите две години настрадале уште 20- тина пчеларници во Битолско. Биле нападнати речиси сите кошници сместени во подножјето на Баба Планина, околу Стрежевско Езеро, па дури и во демирхисарските села. Сите пчелари што поднеле тужби веќе се обесштетени.
Според пчеларите, по се’ почестите гозби на мечките, кои со закон се заштитени од отстрел, државата веќе врши притисок не само мечката туку и пчеларите да имаат одговорност за уништувањето на пчеларниците. Со тоа да се намали и сумата за отштета. „Не’ мачи тоа што Врховниот суд сега дава упатства до пониските судови токму во вакви случаи да досудуваат поделена одговорност за да плаќаат помалку пари. Тоа значи дека во иднина кошниците треба да ги оградуваме како во зоолошка градина. Пчеларите се номади и тоа е невозможно. Така не’ ограничуваат пчелите да ги носиме на испаша неколку километри погоре в планина, каде што медот ќе биде еколошки чист. Сега ние треба да бидеме чувари на пчелите, иако веќе имаме по десетина шарпланинци“, реагира Кузевски. Во Основниот суд во Битола на обештетување чекаат уште неколкумина битолчани на кои мечки им ги нападнале стадата со овци.
Големата мечка, која живее на територијата на Баба планина, над битолското село Буково, го нападна и резерватот на ловното друштво „Сокол“, во кој за расплод се чуваат диви свињи и подмладок, со кој се размножува ова диво животно на околните ловни терени. Таа изела 4 прасиња, убила уште 5, а се исчезнати уште 3 маторици и е направена огромна штета во резерватот.
Битолските ловџии ги повикаа државните инспектори за штети од дивеч што е заштитен со закон, за да се утврди штетата, а мечката ќе заврши на суд.
„Ние мораме да бараме, ова е огромна штета. Досега 6 години ова матично јато ние го расплодуваме и да го уништи. Мораме да преземеме државата да ги сноси последиците, бидејќи мечката е трајно заштитено животно“, вели Јани Баљари од ловното друштво „Сокол“.
Овој резерват 6 години обезбедува подмладок за да се оржи дивата свиња на овие простори, а на Баба планина речиси ја нема. Освен буковскиот резерват на 8 хектари со 29 расплодни диви свињи, ова ловно друштво има подигнато и голем резерват од 80 хектари во Мариово со 40 репродуктори.
Досега мечките од Баба планина напаѓаа по пчеларници. Овој пат, буковската мечка посегна по резерватрот со диви свињи и направи голема штета. Прашање е дали ќе почне да напаѓа по стока и по луѓе.
Да, зимата е се уште далеку и стравувањата се сосема оправдани. Да не се случи како со волците кои веќе им направија огромни штети на овчарите, па нивната заштита ќе мора или да „омекне“ или да се укине. Што, меѓу другото, зборува за лошата и неконзистентна политика на заштита на загрозените видови на животни. Исто како демографската.






