Без тактика можеби, да, ама без стратегија никако
Сигурно не ви е потребно објаснување на разликата помеѓу тактика и стратегија. Доволно е да се има предвид разликата во нивната временска димензија. Меѓутоа, и за едната и за другата се потребни визија, знаење, стручност, искуство и способност. Едноставно, една без друга не одат.
Се разбира, тактиката произлегува од стратегијата, а не обратно. Обратното не значи ништо друго, освен конечен пораз на „тактизирањето“, односно импровизацијата, волунтаризмот, незнаењето, неспособноста, а над се на неодговорноста.
Една доба, мошне важна иницијатива на Владата го отвора токму прашањето на крајната неодговорност, и лична и колективна, но и прашање „Како е можно?“.
Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали- ИЦЕИМ при МАНУ, заедно со целокупниот научен и стручен потенцијал во земјава, до јануари 2009-та година треба да ја подготви енергетската стратегија до 2020- та, со визија до 2030-та година. Во неа треба да бидат прецизирани целокупните потреби за енергија во земјава, но и како тие ќе бидат задоволени.
Во МАНУ се одржа средба на академици и министерот за економија Фатмир Бесими.
Според Глигор Каневче, целта на стратегијата е да направи визија за потребите од енергија на Република Македонија во наредниот период и да посочи на можностите како таа да се обезбеди.
Она што ги предизвикува прашањата за одговорноста и чудењето е неговото „откритие“:
„Досега ниту една Влада во земјава нема усвоено стратегија за развој на енергетиката во земјава. Се изработувале само елаборати и анализи, а сега Владата првпат е подготвена да усвои една стратегија врз основа на која ќе се изработи акционен план со конкретни насоки (тоа поинаку се нарекува тактика-заб.м.), бидејќи енергетиката е клучна за понатамошниот развој на стопанството и обезбедување на поголем стандард на граѓаните“.
Значи, во сите изминати „развојни“ години на самостојна Македонија само се „тактизирало“ односно импровизирало, без никакво макар чувство на одговорност. Најмногу „развојот“ го туркаше (беше на власт) сегашната „најголема“ опозициона партија СДСМ, па чудењето е најмногу упатено на нејзина адреса, односно на поранешните и сегашни негови „челници“.
Конкретно: со каква тактика без стратегија СДСМ го реорганизира македонскиот електростопански систем, а потоа го продаде ЕСМ (на сегашниот ЕВН)?
Според Бесими, изградбата на новите капацитети ќе овозможи соочување на евентуалните енергетски кризи кои би ја опфатиле Македонија во иднина, особено во зимскиот период. Вели дека со новата енергетска стратегија ќе се вклучат и другите енергетски ресурси, како добивањето на енергија од обновливи енергетски извори:
„Ќе направиме енергетска стратегија, ќе создаваме нови енергетски капацитети, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Секако дека ќе создаваме услови за нова енергија, нови енергетски ресурси кои во иднина ќе создадат подобра можност за развојот на Македонија“.
Во меѓувреме МАНУ ќе организира две тркалезни маси на кои експерти од оваа област ќе ги дефинираат точните насоки на стратегијата.
Дека на земјава навистина и е неопходна енергетска стратегија укажува подолго време и Светска банка, според која во Македонија треба да постои среднорочна и долгорочна енергетска стратегија, за чија изработка банката е подготвена да помогне.
Неколку оценки и ставови на Маркус Репник, новиот постојан претставник на Светска банка во Македонија, од неодамна објавено интервју во весникот „Време“, а по повод донесувањето на Законот за енергетика кој предизвика многу контроверзии во јавноста. Опозицијата го прогласи за коруптивен, експертите за дискутабилен:
„Сметам дека од огромна важност е фактот дека Законот за енергетика создава услови за покомпетитивен пазар. Тоа е исто така обврска што Македонија ја презеде со потпишувањето на спогодбата во Атина со Европската унија во 2005-та година. Во согласност со тоа, Светска банка верува дека предложениот модел на билатерални договори е позитивен политички прв чекор во таа насока. Она што е важно е можноста за вистински натпревар на пазарот, каде што никој не смее да има привилегирана позиција.
Светска банка смета дека постои потреба од среднорочна и долгорочна енергетска стратегија за Македонија и Владата веќе ја подготвува. Како и досега, ние сме подготвени да и помогнеме во процесот на подготовка и на имплементација, заедно со другите партнери“.
Од текстот на вицепремиерот Зоран Ставрески под наслов „Енергизирање на Македонија“, објавен во „Дневник“, а пренесен и на сајтот на ВМРО- ДПМНЕ:
„Енергијата е несомнено економски фактор број еден и на Балканот, каде освен Бугарија, Романија и Република Српска, сите други се соочуваат со сериозен енергетски дефицит. Долгогодишната пасивност на релевантните политички структури кон прашањето на изградба на нови капацитети, заедно со затворањето на нуклеарниот реактор Козлодуј во соседна Бугарија, ја доведе и Македонија пред сериозни енергетски предизвици. Многумина се уште како да не ја сфаќаат сериозноста на ова прашање и потребата од итна реакција, па се уште заговараат дебатирања, изработки на нови долгорочни стратегии итн.
Стратегискиот пристап е секако значаен кога станува збор за стратегиски важен производ. Но пристапот не смее да биде како досега „lot of talk, no action“, пристап кој всушност не остави денес со тони хартиени планови, а со малку киловати произведена енергија. Затоа, првиот и основен елемент на секоја енергетска стратегија мора да биде изградба на нови капацитети со кои ќе се зголеми производството од домашни извори. Тоа е најважниот чекор од кој зависи енергетската иднина на Македонија.
…
Едноставна и прагматична стратегија сублимирана во два збора: инвестиции и диверзификација. Моделот на пазарот несомнено ќе се модифицира во согласност со европските спогодби и директиви, но лајтмотивот секогаш треба да биде тој: зголемување на домашното производство преку нови инвестиции, вклучувајќи и државни капитални инвестиции. Тоа вклучува и реинвестирање на средствата добиени од приватизација на поскапите објекти во нови, поекономични проекти. Основните цели кои треба да се остварат се многу амбициозни, но и остварливи: прво, Македонија да го задржи својот енергетскиот суверенитет и второ, по 5 години, во 2012-та, да биде нето извозник на електрична енергија.
А тоа е голема работа. Тоа е огромна работа за Македонија, за сите идни генерации. Значајно не само од економски, туку и од политички и безбедносен аспект. Тоа ќе ја направи Македонија економски поразвиена и поконкурентна, а политички постабилна и пореспектирана земја. Проектите што се започнаа за да се остварат овие долгорочни цели се всушност и првите конкретни проекти со кои конечно ќе се валоризира поволната географска положба на Македонија, повторно, многу повеќе повторувана максима во учебниците по географија, отколку што во практиката е направено нешто во таа насока“.
Во април минатата година (20.04.2007.) во Охрид се одржа значајна (и заборавена) средба на балканските водачи, на која разговараа за заедничка енергетска стратегија за регионот кој се соочува со недостаток на електрична енергија. Претседателите се согласија дека треба да се залагаат за искористување на обновливите видови на енергија, со оглед на тоа што енергетските ресурси во регионот се ограничени и сите земји се принудени да увезуваат нафта. Учествуваа претседателите Алфред Мојсиу од Албанија, Стипе Месиќ од Хрватска, Борис Тадиќ од Србија, Филип Вујановиќ од Црна Гора, Бранко Црвенковски од Македонија и Небојша Радмановиќ, како претставник на Претседателството на БиХ, како и бугарскиот заменик- претседател Ангел Марин.
Конечно и од најкомпетентниот во земјава, академикот Глигор Каневче, од едно минатогодишно интервју дадено на македонската редакција на Би-Би-Си. За вклучувањето на природниот гас како енергетски извор:
„Кога постојниве три термоцентрали на јаглен би се замениле со соодветни современи постројки, не само што би се ослободило загадувањето на околината, туку благодарение на нивната повисока ефикасност би се заштедил јаглен што би овозможило дополнително производство на електрична енергија во наредните 5-10 години, чија вредност би изнесувала 1-2 милијарди евра“.
Состојба: во вкупната светска енергетска потреба природниот гас учествува со 21%, во земјите на ЕУ – 24%, а во Македонија со 2%:
„Ако се споредиме со соседните земји, сликата би била следна: ако вкупната потрошувачка на природен гас на пример во Албанија ја означиме со индекс 1, во Македонија би било, од истиот ред на големина- индекс 4, додека во Грција, Србија, Хрватска тоа би било 100 и преку 100, во Бугарија индексот преку 200. А во една Германија на пример- индексот преку 3.500. Но соседните земји и покрај сето ова имаат големи акции за забрзано зголемување на потрошувачката на природниот гас. Tоа се уште се борби меѓу сите соседни земји каде да поминат тие магистрални гасоводи како би се обезбедило што поголемо учество на природниот гас во нивните економии.“
И во следните 20-30 години, фосилните горива, на прво место нафтата, ќе бидат основен извор на енергија за светските, па и македонските потреби, вели Каневче, иако се стимулира употребата на т.н алтернативни извори:
„Малите хирдроцентрали, енергијата на ветрот, сончевата енергија, плимата, осеката не можат да обезбедат во макроразмери повеќе од 6-10 % од вкупните потреби на енергија. Ние треба многу поинтензивно да работиме и на двата правци, и на север- југ и на исток- запад. Ние не можеме да се задоволиме сега со овој еден краток гасовод кој што само Скопје го поврзува со бугарската граница. Гасоводот мора да стигне и до другите градови“.
Гасоводниот систем од бугарската граница до Скопје е поврзан со меѓународниот гасоводен систем што минува низ Русија, Украина, Романија и Бугарија.
На крајот од овој напис и примерот на Хрватска која, како и со се друго, е многу понапред од Македонија- веќе ја има изработено енергетската стратегија за следната деценија:
Доколку Хрватска за 12 години не ги зголеми постојните производни капацитети на електрична енергија, кои изнесуваат 4.000 мегавати, односно ако до крајот на идната деценија не почне да произведува дополнителни 3.500 мегавати струја, ќе стане „тежок зависник“ од увоз, се наведува во нејзиниот заклучок. Хрватска за 12 години би требало да оствари просечно намалување на потрошувачката на струја од 9%, а од обновливите извори на енергија ќе се добиваат 19% струја. Употребата на биогоривата во вкупната потрошувачка на горива за моторни возила ќе се зголеми на околу 10%. Во енергетската стратегија на земјата се наведува дека земјата сега увозува 23% електрична енергија, 40% гас и 80% нафта и нафтени деривати. Се предвидува поттикнување на масовна изградба на сопствени производни капацитети, како и примарно штедење на енергенсот.






