Албанија со забрзано развојно темпо
Она што се случува во последниве месеци во Албанија не претставува никакво изненадување. До неодамна единствената дилема беше дали ќе биде направен радикален пресврт или ќе се примени она што е прифатено- изгласано кај нас, на што народот му даде доверба, а се вика препород (дали во 100 или повеќе или помалку чекори, тоа не е важно; се работи за „стандардна симболика“). Се чини дека е избран првиот „модел“, кој повеќе и е нужен на неразвиена, заостаната, маргинализирана земја (каква што беше и се уште е и Македонија; мојата заложба за „чекор од 7 милји“ може да се прочита во многу прилози на овој сајт). Примерот на Албанија претставува уште една потврда дека на развиениот свет тој му претставува поголем предизвик. Едноставно, светот нема време за чекање, а особено не за „препородувачко чекорење“.
Најнова вест која говори за скорешно забрзување на приближувањето на Албанија кон ЕУ:
Унијата ќе и додели 200 милиони евра за спроведување на реформите во државата. Ова во Тирана го соопштил директорот за Западен Балкан во генералната Дирекција за проширување при Советот на Европа, Пиер Мирел.
Претставникот на Брисел побарал од албанскиот премиер Сали Бериша целосно ангажирање на Владата во Тирана за реализација на реформите во судството, изборната регулатива и бескомпромисна борба против корупцијата. Укажал и на потребата од политички дијалог на власта и опозицијата во интерес на развој на реформите.
Албанскиот премиер информирал дека борбата против корупцијата е максимална, што ја поткрепил со фактот дека во изминатите месеци се поднесени пријави против 160-мина административни работници и 110-мина полицајци.
Помошта на ЕУ и не е некоја новина, па не значат „премногу“ ниту доделените финансиски средства. И Република Македонија во континуитет добива средства за реформи во истите и некои други области. Но е сигурно „нешто ново“ следново:
Странските инвеститори го свртеа своето внимание на албанскиот недвижен имот, особено во туристичките области покрај морето. Во време кога инвеститорите и туристите ги истражуваат медитеранските плажи, претежно недопрената Албанија привлекува сé поголемо внимание.
Стабилната економска и политичка ситуација, членството во НАТО и забрзаната „европеизација“ ја прават Албанија уште попривлечна. Експертите за недвижен имот потврдуваат дека процесите на интеграција во ЕУ и НАТО ќе обезбедат значителен пораст на вредноста на недвижниот имот во текот на следните 5 до 10 години. Некои предвидуваат годишен пораст од 30%.
„Ние сме сосема сигурни дека Албанија има светла иднина. Земјата ќе стане привлечен пазар за 3 до 5 години“, изјави Филип Беј, регионален директор на „Колиерс Интернешнал Саутист Јуроп“.
Друга предност на албанскиот пазар е што тој нуди најниски цени на европскиот континент. Инвеститорите купуваат имот долж целиот брег. Шенѓини на север е предмет на интерес на руските инвеститори, кои се свртија кон Албанија откако купија голем број на имоти во Црна Гора. Агентите за недвижности велат дека југот на Албанија, од Валона до Саранда, останува примарен пазар, но тие гледаат дека купувачите почнуваат да го посакуваат заливот Лалзи во Драч, кој е сé уште голема и недопрена област. Западните Европејци, особено од Велика Британија, Ирска и Норвешка, сега купуваат станови, особено долж јужниот брег, во Валона и Саранда. Германските инвеститори, пак, покажуваат особен интерес за територијата помеѓу Драч и Тирана.
Робин Барасфорд, управен директор на „Барасфорд енд Брд“, британска консултантска куќа за недвижности, вели дека Албанија претставува извонредна можност:
„Ние ги советуваме инвеститорите да купуваат, бидејќи ќе заработат пари за 3 години“.
Во интервју за едно албанско списание тој ги спореди шансите на земјата со процутот на бугарскиот недвижен имот пред неколку години.
Едно предупредување: странците кои инвестираат во албанскиот имот мора да се подготват за евентуални пречки, како што е добивањето на чисти тапии за сопственост на имотот. Владата е сé уште во процес на враќање на имотот на неговите сопственици пред комунистичкиот период и се појавуваат некои имотни спорови околу сопственоста.
Потврда на почеток на економски бум на Албанија даде Светската банка во својата најнова студија: веќе 5-та година на ред Источна Европа и Централна Азија се светски водачи во однос на пробизнис реформите. Азербејџан, Албанија, Киргистан, Белорусија, Сенегал, Буркина Фасо, Боцвана, Колумбија, Доминиканската Република и Египет се 10-те најголеми реформатори според 6-от годишен извештај Doing Business report на Меѓународната финансиска корпорација (МФК) и Банката.
Источна Европа и Централна Азија прават над 25% отсто од рекордните 239 реформи во бизнис регулативите спроведени низ целиот свет во изминатите 12-те месеци ( до јуни оваа година). Во извештајот се рангирани вкупно 181 економија врз основа на 10 показатели.
„На економиите им се потребни правила кои се ефикасни, лесно можат да се искористат и се достапни за сите кои сакаат да ги искористат“, вели Мајкл Клајн, заменик-претседател на Банката/МФК за развој на финансискиот и приватниот сектор. „Во спротивно, бизнисите заглавуваат во нерегулираната, неформална економија.“
Сингапур води на светската ранг-листа за целокупното регулативно олеснување на деловното работење веќе трета година на ред. Нов Зеланд, Соединетите Држави, Хонг Конг и Данска ја заокружуваат првата петорка.
Според Банката, Албанија- вториот најголем реформатор оваа година- спроведе реформи во 4 од 10-те области што ги проучува извештајот.
„Тие го олеснуваат започнувањето на бизнисите, ги олеснуваат даночните оптоварувања и ја зајакнуваат заштитата на инвеститорите и кредитните информации“, истакнува Банката.
Ова и овозможи на земјата да се искачи од 135-тата позиција во минатогодишната студија за 178 економии, на 86-тото место на новата светска ранг-листа.
Грција се искачи за 10 места и стаса на 96-тата позиција. Најголем напредок е постигнат во областите на плаќањето даноци, започнувањето на бизниси, заштитата на инвеститорите и вработувањето на работници. Романија е повторно 47-ма оваа година, само 2 места зад соседна Бугарија, која повторно имаше највисок рејтинг помеѓу земјите во регионот.
Босна и Херцеговина (БиХ), Црна Гора и Србија се најлоши перформатори во периодот што е анализиран. Црна Гора е рангирана на 90-тото место, што претставува пад од 84-тото минатата година. Србија падна за 3 места, на 94-тото, додека БиХ годинава е за 2 места пониско. Застанувајќи на 119-тото место, таа е најниско рангирана од земјите во регионот. Tурција и Хрватска се искачија за едно место погоре и застанаа на 59-тата односно 106-тата позиција.
Што се однесува на нашава земја, нејзиниот рејтинг е исто така подобрен, но не како Албанија. Регулаторните реформи што ги спроведе Македонија ја рангираа на 71-вото место, од 79-тото минатата година (8 места се малку во однос на „внатрешните потреби“ и меѓународното позиционирање). Забавување е забележано во зајакнувањето на заштитата на инвеститорите, што е мошне забрижувачко (имајќи го предвид, на пример, инвестицискиот бум во Албанија). Земјата забележала најголем напредок во трговијата со странство (без оглед на големиот трговски дефицит), помошта за започнување на бизнис, спроведувањето на договорите, добивањето на кредити, регистрирањето на имотот и наплатата на даноците.
Дека Владата на Никола Груевски мора час поскоро „да седне“ и да го преиспита досегашното работење, особено темелно да ги осмисли и анализира следните „преродбенички“ чекори, зборува следнава мошне „непријатна“ вест:
Косово и Македонија се со највисок процент на сиромашно население од земјите во регионот, покажуваат најновите статистички податоци на косовските и меѓународните институции.
Според податоците од Светска банка, речиси 45% од косовското население е сиромашно, а семејствата располагаат со помалку од 43 евра месечно. Во Македонија се сиромашни 22% од населението.
Најновите податоци покажуваат дека во Албанија се сиромашни 18% од населението, во БиХ 16%, во Црна Гора 12% и во Србија 10% од вкупното население.






