Неуспешна приказна
(Љупчо Димитровски, објавено на 05.05.2006)
Уште кога еден од „домашните странци“ им препорача на нашите во Владата, а посебно на „евроинтеграторката“ Шеќеринска, да почнат да ја „раскажуваат“ (или да ја „продаваат“) Македонија во странство како „успешна приказна“, некои работи ми станаа и останаа нејасни. Од нив две најважни: што е тоа „успешна приказна“ (и покрај моите солидни знаења за приказните, не знам за успешни и неуспешни, освен ако не се мисли на приказни со среќен и несреќен крај); и второ, бидејќи приказните секогаш се со минато определено свршено време, зарем нашава државичка е веќе со такво односно определено свршена.
Нејсе, од она што го слушав во изминатиот период, особено од Радмила и нашата „надворешна“ шефица Илинка (Митрева), особено кога детално бев информиран за нивното „раскажување на приказната“ на разни балканско- регионални и европско- светски собири и средби, се уверив дека „успешната“ приказна е за големи, а не за мали деца.
Имено, во изминатиот период на „напори“ за евро- интегрирање (колку што можам да забележам од лицата на спомнатите навистина им било напорно, ми изгледаат ептен уморни, ко папсани) ниту видов, ниту чув „приказната“ да ја раскажувааат во градинки и основни училишта односно на мали деца. Освен на плоштадот „Македонија“ кога се славеше…(што?) и кога летаа балони надуени од партиски редови. Веројатно затоа што се свесни дека од нив не би била разбрана.
Ама испадна и падна нешто друго што мене лично воопшто не ме изненади, туку напротив, бев сигурен дека ќе се случи: освен кај домашните големи деца, а пред се оние од фабричко- новинарските редови, „успешната приказна“ не само што беше неуверлива, туку како минуваше времето се повеќе стануваше смешна. За „успешна“ да не правиме ич муабет.
Со други зборови, излезе дека особено на меѓународен план нема многу големи деца (јас лично на нашите телевизии не видов ниту едно). Па се случи тоа што се случи: во последно време оние од нашава ни Влада, а особено „евроинтеграторката“, престанаа да ја раскажуваат Македонија како „успешна приказна“. Сакам да кажам, оние на кои им ја „раскажуваа“, особено од меѓународниот „фактор“, ги уверија дека нема потреба од таков напор и труд бидејќи сите показатели и параметри, кои им се добро познати од добро информирани кругови и извори во земјава и странство, кажуваат и укажуваат дека приказната е ептен „неуспешна“.
Тоа, на посреден начин, го потврди моето знаење дека нема успешни и неуспешни приказни, но и дека не може да стане збор за приказна со среќен или нерсеќен крај бидејќи, иако е блиску, крајот на Македонија е сепак далеку.
Во претходното деновиве конечно ме убеди и „Европјанинот“ Г-дин Фуере, кога јасно и гласно рече дека македонската економија не ја бидува затоа што е многу зависна од политиката! Не оти не ми текнуваше дека е тоа тоа, знам уште од првата година на транзицијата односно приватизацијата (па и порано), туку затоа што конечно дочекав и тој Господин да го сфати тоа како дел од „неуспешната приказна“ за Македонија.
Да, дефинитивно таа е „неуспешна“, па ги молам оние од Владата, а особено Радмила и Илинка, веднаш или во најкус можен рок да ја заборават и „фино-лепо“ да и се посветат на предизборната кампања, да си помогнат и на себе си и на сопствената „државотворна“ партија, а особено на Бучковски, во и онака сигурната нова „победа за Македонија“.
А јас, пак, деновиве, во рамките на првомајската празнична еуфорија, чув една мошне интересна басна наречена „Македонија“. На почетокот ми прозвуче како бајка, ама веднаш по почетокот ми беше јасно како ден и ноќ дека е во прашање басна. Ми ја раскажа еден од неутралните интелектуалци, од оние што не сакаат ни за „жива глава“ да си ја стават главата „в торба“ односно да се ангажираат партиски.
Демек, во една мошне плодна, но необработена и неоплодена земја, си живееле во нераскинлива врска, љубов и доверба едно стадо овци и еден овчар. Овчарот редовно ги пасел, ги стрижел и ги молзел, а тие саде си паселе и си блееле односно молчеле како овци. Еден ден овчарот замислено ги прашал:
„Овци мои, како да ве одбранам од волците што станале толку безобразни, та не се плашат ниту од моиве пци Шарпланинци, а камо ли од оние што не ни ја есапат земјичкава ниту како плодна?“
Овците се подумале, се раздумале, па најстарата помеѓу нив одговорила:
„Побарај помош од власта. Таа ќе ти помогне по судски пат“.
И власта му помогнала. Волците не оти се испоплашиле од неа, та престанале да бидат толку безозбразни, туку престанале да му ги јадат овците на овчарот затоа што не знаеле која е вистинската власт: онаа што го пасе, стриже и молзи стадото со помош односно преку овчарот или, пак, онаа што владее одзади односно со неа, та преку неа.
А како и секоја басна, и прераскажанава од мене си има наравоучение:
И ако си дел од стадо овци, труди се да не бидеш овца. Биди барем пес Шарпланинец.






