Прецизно, јасно и аргументирано
Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски даде интервју за грчкиот весник „Елефтеротипија“, во кое прецизно и јасно, со многу аргументи и факти, одговара на низа провокативни прашања, а кои читателите на весникот ги остава во многу недоумици и дилеми. Сигурно кај многумина ќе помогнат и за промена на досегашните наци-фашистички ставови, континуирано наметнувани од нивните политичари и владетели.
Избирам само неколку прашања и одговори:
Вие зборувате за признавањето на „македонското малцинство“ во Грција, иако таму има само неколку илјади луѓе кои зборуваат различен јазик, но тие не значат малцинство во смисла на интернационалните договори. Какво е Вашето мислење за тоа?
- Свесен сум дека секоја моја проценка за бројноста на македонското малцинство во Грција ќе биде погрешно сфатена. Затоа е најдобро да се консултираат независни извори, како онаа на Human Rights Watch од 1994 -та, со наслов „Denying Ethnic Identity – Macedonians of Greece“. И кога се зборува за малцинствата, помалку е важна нивната бројност, а повеќе подготвеноста на државата да им пружи квалитетна заштита на нивните основни права. Би било добро кога Грција би била правична кон домашните малцинства, како што е правична кога се работи за грчките малцинства во соседството. Според таа правичност, ако 3.000 Грци во Истанбул можат да претставуваат грчко малцинство во Турција, тогаш зошто бројката на етничките Македонци од, како што велите вие „few thousand“, не би можела да биде параметар за македонското малцинство во Грција? Овие дилеми ги дискутиравме и со колешката Бакојани на маргините на една конференција во Мадрид минатата година. Во секој случај не станува збор за дојденци т.е просфиги, туку станува збор за домородно население кое на грчки се нарекува „ендопи“. Тоа се реални луѓе и пред се мирољубиви, скромни и лојални граѓани на Грција. Пред повеќе години, при една посета на едно село во близината на Edessa/ Воден, имав прилика да бидам дел од една семејна веселба каде што се танцуваа локални ора и се пееја народни песни на македонски јазик. Беше многу убаво. А за судбината на македонскиот јазик во Грција повеќе можете да разберете од книгата „I Apogoreumeni Glosa“ од грчкиот автор Костопоулос, издадена во 2000-та година во Атина.
Во изминативе години Република Македонија ја зголеми агендата на таканаречените „разлики“ помеѓу двете земји. Поранешниот претседател Глигоров велеше дека вашата нација потекнува од Словените. Денес Вие се декларирате како потомци на Александар Велики и го преименувавте Скопскиот аеродром во „Александар Велики“. Дали тоа е покажување на добра волја кон Грција?
- Кој како се чуствува и кој како гледа на своето потекло е приватна работа на секој поединец. Но, заблуда е да се верува во концептот на чисти нации. Како и да е, Александар Велики немал пасош и затоа не би се обложувал на тоа дали тој се чуствувал како Македонец по род или како Грк по род. Но, сигурен сум дека тој не би бил среќен кога би знаел дека неговото име ги оддалечува македонскиот народ и грчкиот народ еден од друг. Ликот и делото на Александар Велики се доволно големи за во него да се препознаат нашите два народа, но и другите народи каде шот тој го оставил културниот белег на својата империја. Ако Французите и Германците немаат проблем заеднички да го слават Карло Велики, тогаш зошто Грците и Македонците не би можеле да се согласат дека секој има еднакво право да му оддаде почит на Александар Велики? Нарекувањето на скопскиот аеродром „Александар Велики“ е токму еден таков гест на оддавање почит кон оваа историска личност, и ништо повеќе. Впрочем, во 1992-ра година и грчката Влада исто така со одлука го преименува солунскиот аеродром „Микра“ во „Аеродром Македониа“, а Република Македонија тоа го прифати како легитимно право на грчките власти.
Грчката страна вели дека таа веќе направила компромис во врска со прашањето за името со прифаќањето на сложено име со географска одредница и „Македонија“ како втор дел од името. Каква е вашата позиција за предлозите на Нимиц (Северна или Горна Македонија)?
- Во Атина лесно е да се тврди дека е направен компромис за нешто што ја засега само другата страна. А и не е нов квалитет или нов компромис тоа што Грција не се спротивставува на зборот Македонија во името на мојата земја, бидејќи Грција не има и признаено како држава под името „Поранешна југословенска република Македонија“, кое го вклучува и зборот Македонија. Што се однесува на предлозите од Г-нот Нимиц, за неговиот последен предлог „Republic of Macedonia (Skopje)“ како замена за „Former Jugoslav Republic of Macedonia“, кај македонските политичари постоеше расположение тоа да се разгледа како основа за решение кое би имало и референдумска верификација. За жал, на Владата во Атина, делумно поради внатрешно политички скандали, поважно и беше да ја примени стратегијата на вето, отколку да оптира компромис. Други официјални предлози не биле разгледувани и затоа не би можел да одговарам хипотетички. Но, за нас името е суверено право на нашата нација. За македонскиот народ името на земјата е камен- темелник на нашиот национален идентитет. Затоа сметаме дека ниедна земја во светот ниту имала, ниту може да има право да и одредува или со притисок да и наметнува име на друга држава. Впрочем, одговорот може да биде и во вид на прашање: Дали Грција и грчкиот народ би прифатиле под надворешен притисок да се откажат од својот идентитет или би дозволиле да им се наметне неприфатливо име за државата?
Како ја оценувате иднината на односите помеѓу двете држави? Дали ќе има решение и под кои услови? Грција јасно кажа дека, доколку разликите за името не бидат решени, Вашата земја нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Што доколку вратите на НАТО и ЕУ останат затворени за вас и во иднина?
- Грција и Македонија ќе продолжат да имаат стабилни односи. Никогаш не сме имале воени конфликти помеѓу нас, ниту, пак, ќе имаме. Ние сме цивилизирани соседи. Пред нас имаме иднина на соработка и пријателство. Односите помеѓу нашите држави ќе ги краси одличната трговска соработка и ќе ги прави возбудливи овој популарен name-issue кој за многумина во светот е чуден. Како и да е, верувам дека овој ирационален политички спор, што вештачки го создаде Владата на премиерот Мицотакис во 1992-ра година, нема потенцијал драматично да ги загрози нормалните односи помеѓу Грција и Македонија кои се воспоставија по септември 1995-та. Не е неможно да се изнајде решение, но тоа би било полесно само преку заемно почитување, без уцени и без понижување. Колку посилни ќе бидат притисоците од Грција врз Македонија, толку помотивирани ќе бидеме ние да вложиме максимални напори за одбрана на нашето право на национално самоопределување. Во однос на членството во НАТО и ЕУ, ние веруваме дека политиката на интегрирање како општ европски интерес, е посилна од политиката на блокирање преку злоупотреба на билатерални спорови. Наш заеднички интерес е целиот регион што побрзо да се интегрира во евроатланските структури.






