Политичка „ТВ сапуница“: Секое чудо…
Една од најголемите телевизиски серии на сите времиња, ако не и најголема на овие наши и туѓи западнобалкански, јужноевропски, па и светски „ТВ сапуници“, која со децении континуирано, се снима и емитува на општо (не)задоволство на рурално- урбаното население односно многупочитувана јавност, е секако серијата „Секое чудо за три дена“. Како што сугерира самиот наслов, станува збор за чуда што се случуваат на секои три дена. Одвреме- навреме, колку за освежување, за да не се попадне во здодевност, на некоја епизода и се дава поголема брзина и динамика и притоа, бидејќи насловот станува несоодветен, се додава напомената: „Ова чудо трае многу пократко- не е тоа веќе преку ноќ“.
Ми се случувало и ми се случува да утнам некоја епизода, па потоа жив се јадам. Но ме смирува фактот што секоја си е целина за себе, а ги врзуваат неколку постојани ликови кои ги играат едни те исти актери: претседателот, премиерот, лидерите на најголемите политички партии, главните флертувачи (брачни и вонбрачни избраници на народот) и некои слични на нив.
Во мигов ми текна на една епизода која очигледно многу ми се допаднала штом ми останала детално запишана во моево хрономерење односно хроничарење. Бидејќи, колку што сум информиран, за многупочитуваната јавност остана отворена, се уште е незавршена односно како да е забошотена, со задоволство ќе ја цитирам од А до Ш. Има наслов „Кривична со многу прашања за одговор“, а сум ја гледал во текот на летото Господово 2005-то (денот не е важен).
Во оваа се пожешка политичка сцена вниманието на јавноста, намерно или ненамерно сеедно, е свртено кон новиот „политички скандал“ кој не е тоа, туку според вчера презентираното е дел од започнатиот предизборен маркетинг (доколку во меѓувреме не се презентира уште нешто): ВМРО-ДПМНЕ „расветлува темно минато“ од времето на министерувањето на премиерот Бучковски. Медиумите детално информираа и внимателно следат како се одвива расветлувачкиот процес, но во негови рамки” јас го упатувам вашето внимание на, според ВМРО-ДПМНЕ, нервозната реакција на Бучковски, конкретно на кривичната против портпаролот Бичиклиски. Притоа, во наредниве редови нема да се занимавам со неа од стручен, правен аспект, туку како нејзин обичен гледач и слушач ќе посочам на многу (само дел од нив) прашања за одговор (кој најверојатно нема да го добиеме).
Најнапред, во најмала рака е чудно што за приватната тужба на Д-р Бучковски јавноста ја информира кабинетот на премиерот. Значи, тој во таа функција е негов приватен кабинет. Вообичаено е, особено со оглед на премиерската функција, самиот Д-р Бучковски да ја информира јавноста за неа, бидејќи станува збор за приватна пријава за кривично дело клевета. Мешањето на „баби и жаби“ продолжува натаму со „целта“ на пријавата: портпаролот, а не ВМРО-ДПМНЕ. Сигурен сум дека и на Кабинетот и на самиот премиер им е познато и јасно што значи и каква функција има портпаролот односно гласноговорникот. За оние што, евентуално, не знаат (не верувам дека има такви): ставовите односно обвиненијата на Бичиклиски не се негови, туку на партијата. Прес конференцијата, на која тој ги изнесе, не беше негова (приватна), туку на ВМРО-ДПМНЕ. Не е јасно како е можно ова да не му е познато на еден Д-р (без наводници, не пежоративно).
Сега прашањата за одговор (веројатно без него) кои се однесуваат на самата содржина на кривичната”објавена во сооппштението на Кабинетот на премиерот:
Не навлегувајќи во вистинитоста на „невистините, лагите и конструкциите“, многу сум љубопитен да дознаам што во наредниот период ќе се случи со предлозите односно препораките кои, пак, имплицираат многу други нешта. Од кои, пак, првото гласи вака: „Ако си знаел, зошто досега не си кажал?“. А малку постручно продолжува вака: „Штом си знаел, а не си кажал (значи си криел), ти си соучесник за последиците односно за недознаеното и несанкционираното“.
Следува: „Што знае Кабинетот на премиерот односно самиот Д-р Бучковски во врска со наводните не негови незаконски дејствија, туку на Никола Тасев, потоа на поранешниот министер за внатрешни работи, а особено на припадниците на партиско-роднинското опкружување на Г-нот Никол Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ?“ Зашто, штом се предлага односно препорачува некој- некои, нормално е да се знае зошто.
Во врска со обвинението за набавките во Министерството за одбрана во времето на Бучковски, повторно за сведок на Бичиклиски му се препорачува Никола Тасев, поранешен Одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“. Веројатно поради (како што се наведува) неговите пишувања и тврдења за набавките, за што е осуден за клевета. (Не е јасно како е можно за сведок да се препорачува осуден токму за односното дело). Се разбира, го имам предвид ироничниот контекст на оваа препорака.
Натаму, цитирам од веста односно соопштението за кривичната пријава:
„На портпаролот на ВМРО ДПМНЕ му предлагаат, за да ги докаже грубите клевети и конструкции за нелегалното работење на тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски со српската компанија „Миле Драгиќ“, која била логистичка подршка на „Земунскиот клан“ во Србија, за сведок пред надлежните судски органи да го понесе поранешниот министер за внатрешни работи во Владата на ВМРО ДПМНЕ кој токму од српската компанија „Миле Драгиќ“ има извршено набавка за потребите на единици на Министерството за внатрешни работи.
Покрај тоа, за да го докаже прејудицирањето на наводни контакти на поранешниот министер за одбрана Бучковски со т.н. „Земунски клан“, на Александар Бичиклиски му предлагаат за сведоци да ги земе припадниците од партиско- роднинското опкружување на Г-динот Никола Груевски ,претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тие најдобро може да му говорат за т.н. „Земунски клан“, нивните врски, наводно нивното дејствување во 2001-ва година во Република Македонија и слично“.
Дали со прашањава (и претпоставените што не ги поставуваме), а особено со предлозите не треба да се позанимава и Г-нот Јавен обвинител (поради неговата активност во овој момент не можам да се сетам на неговото име и презиме)?
Мене особено ме интересира одговорот на Г-дин Груевски за неговото партиско- роднинско опкружување.
И конечно: вчера ми олесна јавно изразеното задоволство на премиерот Бучковски од изнесениот доказен материјал, веројатно (ако добро читам) затоа што, како што констатира и неговата СДСМ (која не е јасно зошто инсистира да се обелодени изворот- да не случајно со намера да го „секне“?), тоа не се нови, туку оние исти докази што биле изнесени и од предложените сведоци.
Како беше она: „Село гори, баба се чешла“.
Кое е селото, а која е бабата (или кои се бабите), проценете и изберете сами. Мене некако ми е посоодветно: „Секое чудо…”. За случајно да не се случат (откријат) нешта за чудење.






