Првиот чекор кон европеизација

Прилогов е објавен на 06.01.2006 -та година во „Дневен е-Еснаф“, а во него обработувам прашање од круцијално значење за „македонското време“ денешно и утрешно. Притоа имајќи предвид дека прифаќањето и прилагодувањето на евро- стандардите е услов без кој не се може само од формален аспект- членство во Европската унија. Фактички тоа значи да живееш европски живот (европеизиран) во европска држава (правно функционална и ефикасна)- според животните и работните стандарди што владеат во неа во ЕУ.
Членка на Европската Унија макар последна во „редот“, макар најсиромашна? Некои велат „да“, зашто прифаќањето и прилагодувањето на стандардите ќе оди полесно и побрзо. Јас велам „никако не“! Оти како такви- неевропеизирани ем ќе останеме (пре)долго вакви односно никакви, ем ќе им служиме на другите (побогатите) како монета (или мета) за поткусурување.
Дека нашата европеизација не оди и нема да оди така лесно, односно како што посакуваат оние што си земаат „за право“ да не европеизираат, се покажува и докажува уште на првиот новогодишен „чекор“ кон неа и првите неевропски политички потези на власта. Тоа само уште еднаш го потврдува мојот став ( и како „животна филозофија“, а пред се животно искуство) дека, конкретно: за некого да европеизираш, треба најнапред да се европеизираш себеси. Особено ако си во позиција (власт) тоа да ти биде прва, најважна, единствена задача или обврска.
Ќе укажам на две нешта кои говорат во прилог на претходниот став: стартот на примената- спроведувањето на Законот против пушењето и повикот на премиерот до некои лидери на партии за разговор- договор за изборната регулатива.
На стартот од примената на Законот против пушењето однесувањето не изгледа баш европско. Што се подразбира под „европска“ примена? Ништо друго, освен стриктно почитување и санкционирање на оние што го прекршуваат. Како што стана вообичаена практика кај нас, се оценува дека тој почна да се спроведува, а во „наредниот период“ ќе се санкционираат оние што го прекршуваат. Кој е тој „нареден период“ и колку ќе трае? Зошто на стартот се има толеранција спрема оние кои мораа навреме да (си) ги создадат условите за негова примена? Да не ја спомнувам регионалната „селекција“ во контролирањето и санкционирањето.
„Најнеевропска“ е една ситуација на која веројатно и досега се укажувало, особено од оние што треба да ја вршат контролата на неговото спроведување- инспекторите.
Имено, главниот инспектор изјави дека законот е „несоодветен“, ќе треба нешто во него да се менува, затоа што е донесен уште пред 10
години(?!).
Прашање што се наметнува само по себе:
Зарем една власт (Влада), која почнува со „европеизација“ на народот, е европска ако навреме не провери што спроведува и предвреме целосно, „соодветно“ не го подготви она што треба да го примени?
Ќе биде мошне интересно како Владата на Бучковски „во од“ ќе го направи Законот против пушењето „европски“.
Повикот на премиерот Бучковски до некои лидери на парламентарни партии за средба на 10-ти и 11-ти овој месец за усогласување на изборната регулатива во најмала рака е дискутабилен и чуден. Прво, затоа што покани не им се упатени и на други (каде се лидерите на ДУИ, ПДП, Тито Петковски, Лилјана Поповска- зошто не и на вонпарламентарни- затоа што се премногу, па може да се премори од среќавања?). А второ, се знае (го знае тоа секој „лаички демократ“) кој е европскиот пат или начин на донесување на закон или на пакет закони- во случајов изборниот. Никако не договорно, без оглед на спротивставените ставови.
Уште попроблематичен е делот од поканата за целта на разговорите: со постигнување на консензус за изборното законодавство „ќе овозможиме Република Македонија да победи на парламентарните избори 2006-та година“.
Настрана фактот што ова „овозможување“ звучи прилично соц- реалистичко. Тоа е апсолутно неприфатливо за која било партија што има за цел да победи на кои било избори (а која друга цел има една партија?)- нејзината победа да се „поистоветува“ со победа на Македонија(?!).
Ничија победа не може да се прогласи за „победа на Македонија“ (ниту „за“), макар и посредно- преку фер и демократски избори, туку единствено како освојување на власта (со доверба односно поддршка на народот). Најмалку, пак, за таква да се прогласат „договорени“ (гарантирани?) фер и демократски избори. Белким станува збор за обврска, и тоа исклучиво на власта која е должна такви да организира (а не, како што чувме, била обврска и на учесниците во нив). Во рамките на таа обврска е и санкционирањето на оние кои ќе попречуваат да бидат такви, односно ќе се однесуваат незаконски или неевропски, нефер и недемократски. Трето нема.
Во однос на идната „победа на Македонија“ се наметнува и едно реторичко прашање:
Зарем сите досегашни избори (колку што ги имавме) беа „пораз на Македонија“? Или: Зарем сегашната позиција признава дека нејзиното доаѓање на власт и владеење е пораз?!
Во секој случај, независно од (експресното) реагирање на ВМРО-ДПМНЕ на поканата на Бучковски (во контекстов тоа воопшто не не интересира), најновиот „кооперативен потег“ на премиерот, без оглед на „добронамерноста“, сигурен сум дека од мнозина (мнозинството партии) ќе биде прочитан како
дискутабилен, непотребен и неевропски.
Квалитетно- европско изборно законодавство не се донесува со договори (и тоа со селектирани соговорници), туку преку јавна, демократска, парламентарна и вонпарламентарна, аргументирана и стручна расправа. Бидејќи тоа сигурно добро го знаат и Бучковски и министерката за правда, и Владата во целина, ваквиот потег остава простор за сомнеж во целта.
Што се однесува на вистинскиот прв чекор кон наша европеизација, примерите што ги приведов само потврдуваат дека тој треба да го направат „релевантните“ партии најнапред во сопствените редови.






