Колку му „дотежи“ на Груевски новиот „скор“ помеѓу ДУИ и ДПА?
Предвремените парламентарни избори генерално поминаа во мирна и демократска атмосфера, иако на некои места се прегласуваше и по 2 пати, оцени Државната изборна комисија.
„На овие две прегласувања, на коишто имаше поправен испит, граѓаните на Република Македонија покажаа и докажаа дека можат, и ДИК и граѓаните и општинските изборни комисии и избирачките одбори, во Република Македонија да спроведат мирни, фер и демократски избори“, изјави Јован Јосифовски, претседател на ДИК.
ДИК денеска ги потврди првични резултати: ДУИ ќе има 18- мина, а ДПА 11- мина пратеници.
Со оценка за прегласувањето се јави и невладината МОСТ. Според неа, тоа поминало мирно, но повторно со неправилности во постапката на гласање и броење на гласовите.
„За разлика од нашите политички опоненти, ДПА и ПДП, кои предвреме прогласија победа, ние по завршувањето на изборниот
процес можеме да истакнеме дека остваривме убедлива победа. По денешното прегласување се потврдуваат изборните резултати. ДУИ освои 18- мина пратеници, ДПА 11- мина, а ПДП ниту еден“, рече шефот на изборниот штаб на ДУИ Изет Меџити.
Генералниот секретар на ДПА Имер Алиу на прес- конференција рече дека неговата партија не била заинтересирана за повторното
прегласување на предвремените парламентарни избори:
„Ова е во знак на протест поради кражбата и масакрот на 60.000 гласови на Албанците од страна на ДИК и Врховниот суд. ДИК со ваквата одлука го легализира крадењето гласови и ги прегази основните демократски правила. Освоените гласови на ДУИ не се гласови, туку гласачки ливчиња, и Али Ахмети може да си ги однесе дома како сувенир“.
А за да влезе во власта, ДУИ од Груевски ќе бара да ја прифати и потпише изборната програма и барањата од Мајскиот договор. Ова е најавата од партијата на Ахмети, охрабрена од убедливата победа. Во ДУИ велат дека би ја прифатиле и потпишале проширената и надградена „Преродба во 100 чекори“ единствено ако и Груевски се согласи на нивните барања. ДУИ од Груевски ќе бара плус ДПА да не биде дел од власта.
Груевски неколку пати ја испрати пораката до ДУИ и ДПА, дека негов партнер во власта ќе биде онаа албанска партија која ќе ја прифати и потпише владината програма и да ги следи стратешките чекори на државата- зачувување на името и влез во ЕУ и НАТО. За ДПА ваквото барање е прифатливо бидејќи еднаш веќе биле дел од власта и работеле на реализирање на програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
Останува да се види разврската дали до Груевски е испорачано барањето за реализирање на идејата Македонија да има и потпретседател на државата, кој би бил Албанец, како и употреба на албанскиот јазик како втор официјален на целата територија на Република Македонија.

Единствено можен и, се чини, правилен одговор на барањето (ултиматум?) на ДУИ „пристигна“ од ВМРО ДПМНЕ: партијата нема намера да прави отстапки од своите претходни позиции и границата на сите решенија ќе биде Уставот и Рамковниот договор, и ништо повеќе. На последниот состанок на Извршниот комитет бил заземен цврст став дека, независно дали станува збор за ДУИ или за ДПА, ако сакаат да влезат во Владата ќе мора да се согласат со ваквиот став на владејачката партија.
Од ДУИ, партијата која ја доби мнозинската поддршка на изборите од страна на македонските Албанци, очекуваат дека тие ќе бидат партнерот во власта.
Да потсетам, и со двете партии ВМРО ДПМНЕ во претходниот мандат влезе во разговори, но тие тогаш не дадоа резултати токму поради различното разбирање на Уставот и Рамковниот договор.
Од рокот за формирање на новата македонска Влада има уште 10 дена. Владиниот портпарол Ивица Боцевски изјави дека разговорите со албанските лидери се одвиваат според предвидената динамика и ќе продолжат неделава.
Нема сомнение дека конечно Груевски ќе формира Влада со Ахмети како коалиционен партнер (го „притискаат“ пред се резултатите од прегласувањето) и оти таа ќе функционира без поголеми проблеми (мониторингот на „меѓународниот фактор“ ќе биде засилен).
Останува „црната дамка“, која се обиде малку да ја „обели“ ДИК со најновата оценка, а сигурно лошо ќе се одрази на позицијата на Република Македонија во Брисел: дека „испитот“ за фер и демократски избори не е положен, и тоа исклучиво по вина на албанскиот политички блок, односно двете водечки партии на македонските Албанци- ДУИ и ДПА.






