Кој прави спектакли од приведувања?
Можеби е подобро и пооправдано да се постави прашањето: кому му требаат спектакли?
Ако новата коалциона Влада на Груевски, мнозинството во Парламентот и самиот премиер мислеа и мислат дека „сега е полесно“, откако катастрофално ја поразија опозицијата на предвремените парламентарни избори (пред се СДСМ), тогаш се нереални, наивни и незрели за (рако)водење со државата и за „политичарење“.
Првата „предупреда“ беше- е одбивањето на ДПА да влезе во Парламентот со своите новоизбрани пратеници, а како да се нема доволно волја, време и сили тоа да се надмине. Втората, пак, беше мошне лесно да се предвиди: последиците од прифаќањето на ДУИ како коалиционен партнер (неизбежно?). Очигледно, тие две постизборни „непријатни карти“ Груевски не ги дочека и „надигра“ со потребната вештина и мудрост.
Не е јасно како е можно да не се предвиди дека барем уште (не)извесно време, додека не се поврати од изборниот шок, опозицијата, а особено СДСМ ќе продолжи со истото однесување и дејствување како и пред изборите. Макар и на штета на државните интереси, на меѓународната позиција на Република Македонија (кој друг може да биде на власт, освен „државотворна“ партија?). И оти ќе чека и најмала „закачка“ да ги „искомплицира“ нештата за колку- толку да ја „заташка“ немоќта и безидејноста пред своето членство, симпатизерите, граѓаните на Македонија, па и пред меѓународниот „фактор“.
Се разбира, приведувањето на Зоран Заев, потпретседател на СДСМ и неспорно еден од најдобрите, ако не и најдобар македонски градоначалник, воопшто не е мала „закачка“. Напротив, тоа ептен и „легна“ на опозицијата, дури и за најрадикалниот потег кој несомнено (ќе) предизвика загриженост и кај „меѓународниот“: напуштање на Парламентот кој, како што изјави евроамбасадорот Ерван Фуере, не е тоа доколку ја нема опозицијата.
Неговата реакција е збунувачка ако е точна информацијата дека предметот и намерата за приведување на Заев пред таа да се спроведе му биле доставени (како и на американската амбасадорка Миловановиќ):
„Морам да кажам дека приведувањето на потпретседателот на главната опозициона партија и градоначалник е сериозен акт. Многу е важно да ги повториме основните принципи кои доаѓаат во секое функционирање на демократијата, дека владеењето на словото на законот во секое општествоподразбира презумпција на невиност“.
Според него, во Македонија во изминатите години имало премногу примери на спектакуларни апсења:
„Во нив, претпоставката на вина доаѓа прво, а дури и ако обвиненијата паднат подоцна, повторно тие личности се виновни во очите на јавноста“.
Зошто тој не го предупредил МВР на последиците (на ова што го изјави), односно очекуваната реакција на опозицијата?
Се разбира, потегот на опозицијата нема и не може да биде разбран и прифатен од граѓаните на Македонија, но во изминатиот период таа направи толку неразбирливи и неприфатливи дејанија што инајдобронамерните не можеа да не ја казнат со својот изборен глас.
Лидерката (во оставка) Радмила Шеќеринска во „свој“ стил (инфантилно и политички недоветно) во Парламентот рече дека со „спектакуларното апсење“ на струмичкиот градоначалник власта сака од јавноста да ја скрие коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но и да ја оцрни личноста на најсериозниот претседателски кандидат на СДСМ.
Инфантилноста и недоветноста се токму во „согледбата“ за „криење“ на коалицијата (треба ли да потсетувам дека токму нејзината партија ја делеше „последната власт“ со ДУИ и во тоа не „гледаше“ никаков проблем?), а особено во нејзината оценка:
„Денеска трендот на уништување на сите оние кои поинаку мислат продолжува. Ние не сакаме да бидеме соучесници во ова убиство на демократијата (?!). Заради ваквото диктаторско однесување на власта, сакам да ве информирам дека пратеничката група на СДСМ и практично опозицијата во овој македонски законодавен дом, веќе нема да учествува во неговата работа“.
Прашалникот и чуденката во заградата ја „зборуваат“ следната констатација: од реченото произлегува дека во „убиството на демократијата“ досега, макар само во изминативе неколку недели во нов состав, учествувала и опозицијата!
Па и останатото од нејзиниот исказ:
„Бидејќи сакавте апсолутна власт и сакате диктатура, таа ќе продолжите да си ја терате во ова Собрание“.
Значи, сите оние кои гласаа за коалицијата на власт (апсолутно мнозинство) сакаат „апсолутна власт и диктатура“!
Што се случи во меѓувреме?
По повеќе од 12 часа распит струмичкиот градоначалник и неговите соработници се пуштени да се бранат од слобода. Пред зградата на судот Заев беше еуфорично пречекан од стотици членови и симпатизери на СДСМ.
Повторно Шеќеринска со своите „емоции“ и „лиризам“:
„Ви ветив, не одиме дома додека Зоки (се мисли на Зоран, заб.м.) не е со нас. Денес заслужено мирно ќе спие и Зоки со своето семејство, ама и ние и цела Македонија“.
Очекувана изјава на Зоран Заев, без оглед што нема ослободување од вина, туку само бранење од слобода:
„Денеска на крајот на овој ден се случи она што само и доликува на Република Македонија. Правдата повторно победи. Се случи на крајот доказ за чесноста и на луѓето коишто беа, ќе кажам јавно, политички обвинети, но сигурно се случи и чесност и крајниот ефект да биде само правдата и ништо друго.
Јас сакам овде само да пуштам еден апел. Вака Република Македонија како денеска не можеме да ја градиме, господине Груевски, заедно. Колку и да ни се подли намерите, секогаш ќе дојде до правда. Мораме рамноправно, на рамни основи да се бориме. Мораме да се почитуваме, пред се и над се, помеѓу себе како граѓани, за на крајот граѓаните да не оценуваат кој колку вредиме“.
За што се обвиенти Заев и „неговите“?
Според полицијата, градоначалникот Зоран Заев ја злоупотребил службената должност и овластувањето. Не реагирал кога за пазарот во Струмица имало постапка за денационализација која ја барале трите струмички семејства- Божинкочеви, Цуреви и Трендови. Имотот каде што се наоѓал пазарот бил во сопственост на РМ, а право на користење имало струмичкото ЈП „Комуналец“.
Според полицијата, и тендерите биле незаконски. Незаконитоста кај нив се јавува во два случаја. Првиот, кога требало да има јавен тендер за идеен проект за реконструкција на пазарот, наместо според законот да има три понуди имало само една. Втората неправилност е при објавата на тендерот за изградба на „Глобал“. Законот не бил испочитуван бидејќи странската фирма „Кимботов и Син“ од Бугарија требала да приложи и ревизорски извештај, а домашната фирма „Де лукс“ требало да има тригодини работно искуство во таа област, а фирмата работела само година време.
Комисијата која ги разгледувала тендерските понуди била составена од приведените Стојан Динев, Никола Годев и Кире Парталов. Сопственикот на „Де луск“, Горан Крстев, пак, порано склучувал договори за дуќаните, пред трговскиот да се изгради.
Во целата процедура Министерството за внатрешни работи ја вмешува инспекторката за урбанизам, Иринка Трајкова, која, додека се градел трговскиот центар, дала зелено светло за работа. За подоцна Државниот градежен инспекторат да констатира дека имотно- правната сопственост на пазарот не е решена и градбата е незаконска.
Според полицијата, градоначалникот Зоран Заев се товари дека на сопствениците, чии времени објекти биле урнати кога се градел трговскиот центар „Глобал“, им дал поголеми дуќани од тие кои ги имале.
На крајот, да се обидам да одговорам на двете поставени прашања на почетокот од овој текст (едновремено оставајќи ги отворени):
Кој прави спектакли од приведувања? Кому му се тие потребни?

На Владата на Груевски, на МВР, па и на самиот премиер сигурно не им треба таквото „правење“. Единствено им треба транспарентна борба против криминалот и корупцијата, а за што Република Македонија континуирано и долго време постојано се „прозива“.
Што би било ако, на пример, Заев и групата беа приведени „нетранспарентно“ (скриено од очите на јавноста), односно за тоа се дознаеше од „блиски извори“? Кој тогаш би бил повисок „степен“ од„апсолутна власт и диктатура“?
А „спектаклот“ од страна на МВР се сведува на едно (како редовна постапка): осомниченото лице се доведува со комбе или друго полициско возило и влегува во судот придружено од еден или повеќемина полицајци. „Главното“ е дека лицето е со лисици на рацете (според законскипрописи). Слика редовно „пренесувана“ на ТВ.
Тој, пак- сепктаклот (значи, без наводници- оној вистинскиот) го приредуваат пред суд други. Од политичките партии досега СДСМ имаше два „мошне успешни“: при приведувањето (без лисици) на екс премиерот Владо Бучковски (судскиот процес е во тек) и вчерашното, на градоначалникот на Струмица и потпретседател на СДСМ Зоран Заев.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ има право кога вели:
„Единствена политичка партија во Република Македонија, којашто си дозволува да прави притисок врз судската власт и врз другите власти во државата, тоа е само политичката партија СДСМ. Тоа го видовме кога Господинот Бучковски беше во суд, кога го блокираа судот, тоа го видовме на работата на Комисијата за деловнички, мандатни и имунитетни прашања, кога дел од членовите станаа заложници“.
Кому му требаат спектакли?
На оние што мислат дека сите не сме еднакви пред законите и така правеле и работеле кога биле на власт. Кои се замислуваат себе си како „поеднакви од еднаквите“.
На МВР и препорачувам отсега па натаму, кога ќе треба да се приведуваат „политички“ лица (а сигурно ќе има такви и во иднина), односно припадници на нашата „славна“ полит- бизнис олигархија, прво истите да ги замолат сами да се приведат, па потоа, доколку не покажат таква волја, да ги приведат што е можно понеспектакуларно (нешто како полујавно- полутајно).






