Зошто да не Потпретседател на РМ?
А тој- духот е поважен од самиот текст. Тој- духот на Рамковниот не е помеѓу неговите редови, туку зрачи со полн сјај (значи е светол, перспективен, просперитетен). Судејќи според она што се спроведе и се спроведува во духот на Рамковниот, излегува (некаде и влегува) дека оние што го пишуваа и оние што го потпишаа (некои од истите) од „едната страна“, не беа ниту свесни за неговата сила и моќ. Сега можеби се свестуваат, ама…
Значи, во духот на Рамковниот дојде на ред „правичната потреба“ да се воведе институцијата Потпретседател на Македонија. И згора (па и здола), да биде уставно пропишано дека тоа мора да биде Албанец! (Претпоставувам дека оние што го предлагаат тоа во духот мислат на македонски, а не на албански Албанец). Ако тој не се воведе, Албанците (претпоставувам македонските) ќе немаат шанса никогаш да дочекаат „нивни“ да стане Претседател на Република Македонија (во мнозинско- немнозинските рамки).
Така некако повикуваа и повикуваат на замислување некои во победничата партија на Али Ахмети кои, види чудо, во меѓувреме како се помалку да им се допаѓа да бидат најмнозински од немнозинските заедници, туку народ на рамно со мнозинската заедница односно македонскиот народ. (Најцврст доказ: барање албанскикот јазик да стане службен на целата територија на државичкава. Мој предлог: под итно сите јазици и дијалекти да се прифатат како такви!)
И навистина, зошто да не албански Потпретседател на РМ? Особено ако фали уште тој за оној што го сонува американскиот сон и тврди дека е слободоумен, се разбира рамковно.
Ако се прашувам лично (а и не можам поинаку; кој сум јас некој мене да ме праша безлично?), јас би се залагал за. Зошто да не? Нели во се имаме потпретседатели и заменици (на министри)? Па ако не се едните, тогаш привремено се другите едни (во извршувањето на задачите што не трпат одлагање).
И ве молам, што има лошо во тоа покрај еден легален, авторитетен, достоинствен и претставителен Претседател (по дефиниција) да имаме ист таков и Потпретседател?
На пример, ве молам, колкупати досега на државичкава и се случи во некои пресудни моменти во рамките на нејзините граници да нема никого од првите (Претседател, Премиер, најблиските до нив; во исто време да се, на пример, на некоја турнеја)? Вака, меѓу другото, се гарантира дека барем на тој план нема да ни се случуваат такви и слични нешта неплански.
Меѓутоа, јас лично мислам дека многу попрецизно, па и поблагопријатно звучи „Заменик на Претседателот“ отколку „Потпретседател“. Во суштина е исто, ама теоретски, па и практично може да се практицира различно:
Потпретседателот би бил секогаш под Претседателот, што не е правично и праведно (во нашево граѓанско општество нема и не смее да има ниту граѓани, ниту функционери од втор ред, а за трет и четврти да не правиме муабет). Заменикот на Претседателот би го заменувал одвреме- навреме, а можеби и на подолг рок (ако се укаже прилика и/или шанса).
Значи, им препорачувам на предлагачите навреме да си го корегираат предлогот и да бараат (додека сигурно не добијат, како и се друго досега и отсега во духот) Заменик на Претседателот, а не Потпретседател.
Навистина, зошто не, освен Претседател, Мак(ќ)едонијава наша да нема и Заменик на Претседател?
Само едно ми ја мати размислава: зошто уставно да се пропише тој да мора да биде Албанец (македонски)? Нема логика.
Имено, на последниот попис одвај некако го попишавме потребниот рамковен процент на Албанци (некои тврдат дека сме го допишале, ама нема шанса да докажат) за да не пропадне Рамковниот. Што ако на наредниот попис ни се попишат рамковно некои други или трети (од другите немнозински)? Пак ли ќе мораме да го менуваме Уставот поради Заменик на Претседателот или Потпретседателот?
Бидејќи немам ништо против кога е духот на Рамковниот во прашање, за предлогот да помине полесно и побрзо (потешко и побавно ќе помине гарант) предлагам уставно да се пропише дека Заменик на Претседателот на Република Македонија задолжително мора да се избере од најмнозинската од немнозинските заедници во моментот на изборот.
Дали ова (како реципроцитет) ќе значи исто така уставно пропишување на избор на Претседател од мнозинската заедница (дури е таква уште некое време), треба добро и темелно да се размисли. Пред се поради една дилема: што ако во догледно време најмнозинската од немнозинските заедници стане мнозинска односно народ? Тогаш, според уставно пропишаното, и Претседателот и Заменикот на Претседателот ќе бидат Албанци (се надевам, македонски). И?
Сепак, ако ми дозволите малку да се ослободам од рамковниот дух, би си рекол на себе си, а вие прочитајте ме како да не ме читате:
И Претседател и Заменик на Претседател, и Допретседател и Натпретседател сакам да ми биде некој што е ценет, почитуван од сите граѓани на Македонија- младо и старо. Авторитетен, учен, мудар, слободоумен; правичен, праведен, напреден. А пред се и над се никако не духовно рамковен. Меѓу другото, за да не стане вистински дух, во преносна преносна и непреносна смисла, додека му трае мандатот.






