Атина одби? Извонредно. На ред е Македонија.
Како што се очекуваше, предлогот на македонската Влада во разговорите за името да се вметне и прашањето за правата на македонското малцинство во Грција oфицијална Атина неформално го одби. Таман работа да прифатеше, па да се откриеше суштината на нејзиниот проблем со името на Република Македнија (Македонија).
Со одбивањето уште еднаш се докажува дека ЕУ и НАТО имаат во своите „редови“ недемократска земја. Зашто суштината на демократијата е владеење на мнозинството над малцинството. Кое и какво владеење кога не се признава малцинство (не само македонско)?

Дефинитивно, „главата“ на Грција е „ноева“, односно одамна длабоко в песок, па почнува и да се задушува. ЕУ и НАТО, како нејзини членки, би требало да и помогнат што поскоро за тоа да не и се случи. Колку што гледам и разбирам, нивните се уште не се такви.
Сигурен сум дека на водечките односно „клучните“ членки на ЕУ и НАТО, но и на сите други, им станува јасно во што е „реалноста“ на проблемот со името на нашата држава (во наводници оти проблемот е „максимално“ ирационален): не е во прашање името, туку националниот идентитет, територијалниот дел од Македонија што и е подарен на Грција со Букурешкиот договор (тоа јавно го призна и министерката за надворешни работи Дора Бакојани, само премолче зошто добила таков голем подарок, за какви „заслуги“).
Во врска со проблематичната „чистота“ на нацијата (без малцинства) е и одбиениот предлог (зошто не барање?) за правата на македонското малцинство. Меѓу другите и враќање на одземените имоти (вредноста се цени на десетина милијарди евра).
Одбивањето на Атина треба да го оцениме како извонредно за Македонија, а крајно непресметано, инфантилно, па и инфериорно, бидејќи од една страна е „контра“ на мандатот на медијаторот Нимиц, а од друга и дава за право на Македонија да се однесува исто- да одбие разговори- преговори за кое било друго прашање, освен за предлог за друго име на Република Македонија исклучиво за внатрешна употреба на Данајската република (Грција).
Интересно, дури по 17 и кусур години килавење, „дрн-дрн“ политика со „двојна формула“ (од која сега се откажува нејзиниот главен „креатор“ Црвенковски), со инфантилната надеж дека „времето работи за нас“ (од прогласувањето на независноста и приемот во ОН под референцата FYROM), откако Нимиц го прошири својот мандат со прашања кои индиректно имаат врска со името, а Груевски со еден „директ“- барање да се зборува и за имотите и државјанството на протераните Македонци, Владата на Атина се најде во небрано односно во дефанзива. Молчеше неколку дена, не знаеше што да каже или направи, па излезе со „логичниот“ став кој го пренесе провладиниот „Катимерини“: за високите претставници на Владата на Караманлис ова барање е неприфатливо затоа што со него ќе се дефокусирале разговорите (преговорите)!
Јужниот сосед сега обвинува дека Македонија е таа што сака да ги забави разговорите, а тој, што не престанува да се служи со закани, уцени, провокации, малтретирања и понижувања на македонски граѓани, е заинтересиран за изнаоѓање на заемно прифатливо решение(?!).
Грчкиот претседател Папуљас смета дека спорот за името ги оптоварува не само добрососедските односи помеѓу Македонија и Грција, туку и стабилноста на целиот Балкан. Во изјава за „Виенски стандард“ тој бара евентуалното решение да биде гарантирано со Резолуција на Советот за безбедност на ОН, но истото да биде внесено и во македонскиот Устав, што е директно безобразно мешање во внатрешните работи на една држава. Вели дека спорот не е емотивен, туку реален проблем:
„Не се работи за конфликт од психолошки или сентиментален карактер, туку за проблем со политичка димензија, што е товар за добрососедските односи и стабилноста на Балканот“.

И наместо да реагира „експресно“, па и жестоко на сето тоа, Претседателот на Македонија Бранко Црвенковски не само што јавно не се изјаснува за барањето на Владата да биде отворено „егејското прашање“, туку се обидува да го „поправи“ шарлатанскиот имиџ на Никола Саркози, а особено неговиот негативен однос спрема Македонија и отворената поддршка на Грција (сосе инфантилната радост дека му објавила книга во која, меѓу другото, се „обелоденува“ неговото грчко потекло). Имено, Црвенковски од Црна Гора побара писмото од францускиот претседател упатено до него, а со кое дава поддршка и едновремено бара двојни напори да се најде решение за името, македонските медиуми да го толкуваат „избалансирано“:
„Мислам дека двете крајности, што можам да ги забележам во македонските медиуми или во македонската јавност во толкувањето, од едната, а тоа е дека Франција дава безрезервна поддршка, до тоа дека Франција го блокира процесот на понатамошно интегрирање на Македонија, едноставно не се коректни. Ниту едното, ниту другото не е точно“.
А што е точно? Каква конкретна поддршка дава Саркози? Кои двојни напори? Испратил ли тој исто писмо и до Атина која упорно, како папагал повторува дека решението е во рацете на „другата страна“ (Република Македонија)? До кога ќе „балансираме“?






