„Победа“ на Атина или нејзино ново „тресење“

Според медиумите во нашиот јужен сосед, министерката за надворешни работи на Данајската република (Атина), Дора Бакојани, успешно се одбранила од силниот американски притисок. Поточно извојувала „победа“ на средбата со Рајс во Берлин:
„Изразив надеж дека претстојната посета на медијаторот Метју Нимиц ќе има позитивен исход. Исто така, се надевам дека ФИРОМ ќе ја напушти предизборната реторика и ќе навлезе во суштината на преговорите за да се дојде до решение“.
Планот, којшто според неколку медиуми го предложила Рајс, не бил одбиен од страна на Бакојани. Таа најавила дека Владата на Атина ќе го разгледа, но со оглед на тврдоглавоста на Скопје, мала е веројатноста наскоро да се дојде до решение.
Неофицијално се дознава дека предлогот што Нимиц го даде во Виена, според кој името на нацијата и јазикот се македонски, без разлика кое име ќе биде договорено, остануваат и понатаму да бидат неменлива категорија. Веројатно затоа весникот „Катимерини“, близок до Владата на „Неа демократија“, известува дека Бакојани остро се спротивставила на можноста македонската нација и македонскиот јазик да стојат во каква било формална документација предложена од Нимиц.
Бакојани исто така на Рајс и рекла дека преговорите ќе бидат блокирани доколку Македонија инсистира на референдум, кој би се одржал по резолуција на ОН.
Со неа формално би се затворило прашањето за името, а според Владата во Атина треба да се усвои во септември, на маргините на Генералното собрание на ОН, веднаш кога од позицијата претседавач со него заминува македонскиот претставник Срѓан Керим. Со ова Данајската република (Атина) и формално се повлекува од противењето за референдум во Македонија за името.
Дополнителни објаснувања за разговорот Рајс- Бакојани даваат и неофицијалните информации од македонски дипломатски извори, според кои Македонија нема ништо против Нимиц наскоро да даде нов предлог. Ова, пак, грчките аналитичари го оценуваат како македонска поддршка на најновата американска иницијатива, која има за цел по секоја цена да ја натера Данајската република (Атина) да попушти во спорот за името и целата Јадранска група да влезе во НАТО оваа година.
САД се надеваат на решение од кое ќе бидат задоволни двете страни.
„Бараме долгорочно решение за името. Сакаме да го видиме решено прашањето за името, како што рековме, како прашање на долгорочна политика. Секако, веруваме дека е важно двете наши пријателски земји и сојузници, како што се Грција и Република Македонија, да успеат да постигнат прифатливо решение“, изјави Том Кејси, портпарол на Стејт Департмент.






