Груевски- „ново- стар“ премиер на Македонија

Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски му го врачи мандатот за состав на новата македонска Влада. Груевски има рок од 20 дена да ги заврши консултациите со партиите и до Собранието да го достави составот на новиот владин кабинет, како и неговата програма.
Консултациите со лидерите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети, веројатно „најгорливите“ (освен ако прифатат да партиципираат со свои министри, без оглед на тесната победа на едната и пораз на другата партија), Груевски ги започна веднаш.
„Не очекува многу работа, остварување на многу проекти, многу труд, многу енергија и многу успеси и напредок“, изјави тој.
По средбата Груевски- Тачи, лидерот на ДПА изјави дека се уште е рано да каже дали ДПА ќе влезе во Владата, но рече оти разговарале за програмата на идната Влада. За некои прашања се согласиле, а за некои немале согласност. За нив дополнително ќе се усогласуваат комисии од двете партии:
„Има теми за кои се знаеше дека сите се согласуваме- интегративните процеси во ЕУ и во НАТО, решавањето на спорот со Грција. Апсолутно тука се согласивме дека од наша страна ќе направиме се за да се дојде до решение,
но по никоја цена тоа решение не смее да задира во идентитетот на македонскиот народ“.
Како едно од прашањата за кои дополнително ќе разговараат, а во контекст на враќањето на ДПА во Собранието, Тачи најавува и барање на оставка на претседателот на ДИК Јосифовски, затоа што, како што тврди, за над 85% од избирачките места кои на ДПА им се поништени немало никакви аргументи.
Според Груевски, во консултациите треба да се види која од партиите може да ја прифати „Преродбата во 100 чекори- проширена и надградена“, какви ќе бидат нивните гледишта за наредните 4 години за сите прашања, вклучувајќи ги и најчувствителните, помеѓу нив и името.
И Тачи и Ахмети говорат за компромисно решение на спорот со Атина, кое нема да го загрози идентитетот на македонскиот народ.
Меѓутоа, лидерот на ДУИ во едно од интервјуата за грчките медиуми како решение сугерира такво што нема да го загрози мултиетничкиот карактер на државата, а притоа да се земеле предвид историската, културната и географската сензитивност на јужниот сосед. Притоа не приведува пример на држава во светот чие име е „мултиетничко“ и „незагрозувачко“.
Да не е неговото засега „скриено“ решение „Мултиетничка Македонија“?!






